За 10 дена од сега, на 28 и 29 мај, компанијата „Нетворкер“ поддржана од неколку компании и организации, тргнува во мисија преку 30 часовен настан да го урне Гинисовиот рекорд за најдолгата презентација во светот на бизнис идеите пред инвеститори.

На чело на „Нетворкер“ е Сања Митровска. Во нејзиниот професионален бекграунд стои и дека била асистент на Економскиот факултет. Иако ја сака работата со студенти, сепак, не останала во рамките на Универзитетот за да биде професор, иако тоа било желба на нејзините родители. Митровска смета дека со претприемништвото може да се влијае и да се променат животите. Според неа, ако некој сака да започне и да поседува бизнис, не значи дека е нескромен.

„Бирам да останам тука, бидејќи во овој хаос, ние сме книга со бели листови и каде и да отворите може да пишувате со големи букви, бидејќи се е иновативно. Не е проблем да се дојде до врвот, проблем е ако сите сакаме да бидеме просечни. Мора да размислуваме како да обезбедиме финансиска независност во иднината“, смета Митровска.   

Според нејзе, претприемништвото не е несигурна професија, бидејќи ако друг е одговорен за вас не значи дека судбината е во ваши раце. Напротив, тој само ја носи одговорноста за вас.

„Сите во ковид пандемијата стравуваа дека ќе им се намалат платите, а на нас во ИТ секторот ни се триплираа. Тоа е затоа што луѓето сфатија дека треба да размислуваат за бизнис. Тоа значи да градите нешто свое. Стартап не се почнува за профит, туку за многу профит после 10 години“, децидна е Митровска.

Нејзината компанија „Нетворкер“ стои позади организацијата на настанот за уривање на Гинисовиот рекорд. Всушност, „Нетворкер“ е стартап компанија, која им помага на другите стартап компании веќе три години. Инаку, и самата компанија има започнато како иновативна бизнис – идеја. И тоа, преку развивање на иновативни бизнис – идеи, спроведени преку 50 Google Sprint работилници и работено на преку 1 000 идеи.

„Ние го правиме во пет дена, тоа што стартапите го прават за пет месеци. Доаѓа клиент кој има идеја или проблем. Првиот ден ја убиваме идејата и тоа звучи опасно. Тимот од експерти ви кажува зошто не можете да успеете. Но, нашата цел е повторно да ја оживееме идејата, да ја реизградиме. Потоа, да направиме прототип и на крај да го реализираме на клиенти. Праксата покажува дека имаме доста инвеститори, но, немаме многу идеи“, потенцира Митровска. 

Колку иноваторски размислуваат Македонците, Митровска и „Нетворкер“ ќе проверат на настанот каде е предвидено да се претстават 90 бизнис идеи по 10 минути, пред шестчлена комисија во временски период од 30 часа. Приоритет ќе имаат само оние идеи кои се во фаза на идеја. Односно, идеи кои немаат концепт, немаат тим и немаат пари. Најдобрите пет стартапи ќе добијат инвестиција од 25 илјади евра, во замена на сопствеништво кои нема да биде поголемо од 15 насто. Компанијата, исто така, ќе им помогне на стартапите да го прилагодат својот бизнис на пазарот и да успеат да го генерираат првиот приход.

„Бура“ на старт-ап идеи за уривање на Гинисов рекорд

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.