Нина Геометриева е самоука графичка дизајнерка за корисничкото искуство на Инстаграм/Мета. Пред да се вработи во оваа компанија, работела во компанијата „Гугл“ во Токио и во Сингапур. Започнала како фриленсер за интернационални клиенти и нејзините дела ги објавувала онлајн, по што била „пикирана“ од големите компании.

Геометриева е дел од С(Ц)ЕСТА, заедница на 300 македонски научници кои живеат и работат во странство. На неодамнешната научна конференција наменета за деца говореше за почетоците на интернетот, сите негови развитоци, стигнувајќи до следната фаза на развој во дигиталниот свет – метаверзумот. Метаверзум е виртуелен универзум составен од споделени 3Д виртуелни простори, кои се меѓусебно поврзани за да создадат еден масивен виртуален универзум.

Нина Геометриева

 

„Раните денови на интернетот започнаа во пишувана форма, односно текст. Денеска, со смарт телефони комуницираме преку видеа во целиот свет. Следна инстанца е метаверзумот. Метаверзумот нема да инволвира само една компанија, туку ќе биде цел екосистем како интернетот денеска. Главниот аспект на метаверзумот ќе биде чувството на присуство, интеракција со гестови и 3Д свет, со што уште повеќе ќе се чувствуваме како да сме во него“, се осврна Геометриева.  

Според Геометриева, можеби за се’ ова да се оствари е прерано, но, компаниите прават прогрес кој води во таа насока. Како што објаснува, метаверзумот ќе овозможува да си физички дома и виртуелно да можеш да бидеш во Прага. Од дома да посетуваш часови на Оксфорд, исто како да си таму. Ќе може да се учи со луѓе од целиот свет и тоа ќе овозможи поголема флексибилност и можности за децата да израснат во подруга околина и искустат други искуства.

„Метаверзумот ќе овозможи директна манипулација, епскериментирање. Денеска, овој тип на учење е прескап или неизводлив или недоволно безбеден на деца. Но, во метаверзумот тоа нема да биде проблем и ќе нема никакви граници.  Освен симулација на реалност ќе има и надреални искуства. Инстантно ќе може да се посетат какви и да сакаме места во светот и универзумот. Работи за кои се учи во книги, ќе може да се учат со директно виртуелно присуство, преку сведоштво од прва рака. Ќе може да се доживеат историски моменти, нема да е само раскажување приказни. Така децата ќе се чувствуваат дека се дел од нивните спомени“, раскажува Геометрива. 

Метаверзумот е свој засебен свет, не е една апликација, туку екосистем од апилации. Денеска, кога се користи еден тип на социјална мрежа, постои екосистем на таа мрежа. Веќе постојат обиди да се оствари интероперабилност, но, е на многу базично ниво. Може да се споделува информација од една на друга мрежа, но не може да се поседуваат дигиталните предмети. За нејзиното лично искуство со метаверзумот вели дека постојат разни виртуелни светови, но, дека на сите им недостига она што може да биде метаверзумот во иднината.

„Има и виртуелни светови што може да се наречат метаверзуми, но, не се базирани на виртуелна реалност. Сите тие моменти на интеракција веќе се случуваат, но, недостигаат разни апликации. Уште сме во рана фаза. Ќе дојде време користењето лаптоп, компјутер и маус да е архаично“, смета Геометриева. 

Осврнувајќи се во делот на образованието и начинот на учење, смета дека работењето во домашни услови функционира добро, но, не и учењето од дома. Геометриева е на ставот дека со метаверзумот, децата ќе имаат избор дали да бидат физички присутни на настава или не. Во иднина, гласовните асистенти можат да бидат дел од свет каде тие се претвораат во ментори. Тоа ќе го зголеми изборот и квалитетот на образованието, иако според нејзе, сепак, ќе има чуден период на транзиција и адаптација. Таа ги зема во предвид и негативностите кои можат да се појават.

„Денеска веќе имаме проблеми со социјални мрежи и зависност кои во метаверзумот само ќе се влошат. Замислете кога поголем дел од животот е виртуелен. Тоа ќе биде проблем, но, јас лично сум оптимист, се додека има доволно заинтересирани компании да иновираат во овој простор. Ќе биде потешко компаниите да изградат свои метаверзуми“, рече Геометриева.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.