Се чини дека во светот на музиката „женската мисла“ како се повеќе да добива на цена. Новиот албум на Адел, едноставно насловен „30“ е печатен во 500.000 копии винили, што на некој начин ја блокираше дискографската индустрија.

Имено, заради пандемијата, финансиска и енергетска криза, репроматеријалите од кои се прават лонг-плеј плочи, и компакт-дискови, неколкукратно поскапеа, а гранулатите за популарните винили се во сериозен дефицит.

Заради тоа мали издавачки куќи во регионот, а и во светот, со месеци ги чекаат своите изданија.

Предноста, секако, имаат големите, од кои многу се очекува. Едната е Адел.

И, без оглед што тиражот од 500.000 примероци кои ги има “30“-ка на Адел, во споредба со 40 милиони копии „Трилер“ на Мајкл Џексон од 80-те (само во „она време“, бидејќи сите последователни реизданија подоцна ја качија бројката на 60 милиони, и повеќе), се капка во морето, за денешни услови во светот на дигиталните платформи претставуваат бројка за респект.

И, не сметајќи ги реизданијата на кои и тоа како се потпира дискографската индустрија во светот (Битлси, Ролингстонси, Пинк Флојд…), сепак, годинава најисчекувани нови албуми ги имаа Адел со „30“ и АББА со „Voyage“, каде се исто така две дами. Тоа оди во прилог дека „женската мисла“ го врти светот на музиката.

Но, не се само албумите пример. И книгите исто така ја глорификуваат важноста на жените во музичката индустрија. Рокенрол дивата Тина Тарнер во својата автобиографија „Моја љубовна приказна“ открива како изгледаше нејзиниот живот надвор од сцената.

Книгата веќе стана бестселер, се цитира и се прераскажува…

Кралицата на рокот, која речиси 50 години настапува низ светот, освои 12 Греми награди, продаде 200 милиони албуми и го собори светскиот рекорд во музичката индустрија, всушност преживеа големи страдања.

– Тоа е една од тие биографии, кои, доколку би ги гледале на филмот, би рекле дека претеруваат, дека тоа е невозможно. Од детството, растење со проблематична мајка и уште попроблематичен татко и со најпроблематичниот можен сопруг на светот…

Тоа го изјави новинарот Владимир Стакиќ, во пресрет на српското издание на автобиографската книга на Тина, која беше напишана пред две години, и за која нема за сега најави дека ќе биде преведена и на македонски.

Можеби жените не ја движат музиката, но нивниот ракопис е многу важен!

За тоа покажува и неодамна објавената книга „73 приказни за албумите“ на хрватскиот новинар Златко Туркаљ – Турки, која е дел од серијалот започнат со „70 приказни за албумите“, кои, следствено низата, секоја година во Хрватска се објавуваат во чест на Националниот дел на албумите.

Годинава, темата за која се „фати“ Турки е „женскиот ракопис“ – жените во музиката, стихот и интерпретација.

Секако, главните улоги им припаднаа на важните музички диви кои ја чинат хрватската музичка индустрија – Јосипа Лисац, Тереза Кесовија, Габи Новак, Радојка Шверко, Дорис Драговиќ, Северина, Нина Бадриќ…, но и младата Миа Димшиќ, нова регионална ѕвезда.

– Животот ми беше многу тежок, но мојата „тврда тиква од Конавле“, ми рече: нема да се вратиш во земјава за да кога некој ќе те праша што си направила, покајно ќе кажеш – ништо. Дојдов овде да постигнам нешто и тоа ќе го постигнам по секоја цена.

Морав што побрзо да научам француски и сè беше некако полесно кога почнаа пријатните изненадувања и првите резултати, како што е дискографскиот договор за ЕМИ на четири години – се присетува во оваа книга кралицата на шансоните Тереза Кесовија.

За тоа колку и недостасува Арсен Дедиќ, открива вечната Габи Новак

– На сите ни недостасува Арсен во секој поглед: на музичката заедница, публиката и на културата, воопшто. Тоа е тешко. Многу ми недостига како на негова вечна сопруга, затоа што ја губиш личноста што ја сакаш и ја почитуваш. Живееш со неа и го делиш животот со неа, се – добро и зло, и убаво и грдо. Ми недостигаат неговите забелешки за животот, утрата во кои заедно го гледавме Дневникот со првото кафе и цигара на Арсен. Навечер гледавме филмови, или нешто интересно.


Порано слушавме музика заедно. Некако споделувавме сè, и секогаш му бев голема поддршка во она што тој одлучи дека е добро. Многу сум среќна што имав можност да живеам со толку интересна, талентирана и харизматична личност. Боже мој, воопшто не е лесно…

Зборувајќи за својата кариера, за тоа чија песна сака да пее, Северина за „73 приказни…“ раскажа:

– Во една прилика Алка Вуица ми кажа дека го чека мојот албум, како некогаш, кога го чекаше излегувањето на албумот на „Бијело дугме“. Многу ми се допаѓа кога Грашо ми праќа нова песна пред да излезе. Така беше на пример и со песната „Моје злато“. Знам точно со кого бев и каде седев кога ми се јави и ме праша: „Имаш ли пет минути?“ И ми пушти песна преку телефон. Ми недостигаат тие моменти кога сите заедно ги слушаме песните пред да бидат објавени…

За провокативноста на музичката сцена зборува џез-дивата Зденка Ковачичек

– Песната „Фрка“ своевремено беше провокативна. Тогаш немаше слобода на изразување. Со Славица Марас, која го напиша текстот за „Фрка“, одлично се забавувавме на Загребскиот фестивал, каде што зборот „газ“ (guzica) требаше да го смениме во „блуза“ (bluzica).

Тоа ни беше навистина смешно, бидејќи не беше важно. Секогаш ми беше мило кога нашите текстови ги поттикнуваа луѓето да размислуваат. Која блуза? Каква врска има тоа со било што? Музиката ни дава слобода на изразување, размислување, слобода на секој начин и тоа е она што ме привлекува – децидна е Зденка.

Иван Беќковиќ

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.