На „Стартапувај 3” 42 отсто од апликантите се проектни тимови

На „Стартапувај 3” 42 отсто од апликантите се проектни тимови составени од физички лица. Ова се резултатите од првичната анализа, која ја спроведе Фондот за иновации и технолошки развој. Инаку, ова е за прв пат во рамките на повикот ФИТР да овозможи аплицирање на проектни тимови составени од физички лица кои доколку добијат одобрување на проектот за кофинансиран грант, ќе имаат обврска во рок од 30 дена да регистрираат трговско друштво.

 

Рекорден број на апликации

На јавниот повик “Стартапувај 3” пристигнати се 616 проектни апликации. Ова претставува рекорден број во однос на сите останати повици во рамките на повикот Стартапувај. Можноста да аплицираат проектни тимови, неповратните финансиски средства, дополнителната финансиска и менторска поддршка беа доволен поттик и стимул за македонските стартап компании да започнат со реализација на нивните бизнис проекти.

Анализата покажува дека од 616 пријавени, 493 се компании кои аплицираат за прв пат на некој од јавните повици на Фондот.

„Особено сум горда што македонските стартап компании покажаа интерес и подготвеност да ја искористат шансата која ја понудивме во рамките на повикот “Стартапувај3”. Со повикот обезбедивме олеснувања и новитети кои ќе обезбедат полесен пристап до финансии за стартапите како и можност да ги реализираат своите бизнис идеи.

Покрај финансиската поддршка, на сите креативни и иновативни стартап компании, им нудиме и дополнителна поддршка преку партнерите на Фондот: НЛБ Банка, Силк Роуд Банка, Прокредит Банка и Уни Банка. Овие банки креираа специјални бизнис пакети со повластени каматни стапки и услови на користење” изјави Тања Илијевска од Сектор за стратешко планирање при ФИТР.

Кредити за користење на клауд платформа

Илијевска додаде дека Фондот стана првиот стратешки партнер на Amazon Web Services (AWS). Преку него на македонските стартапи им се достапни кредити за користење на клауд платформата во износ од 10.000, 25.000 и 100.000 американски долари.

Стартапите ќе добијат и менторската поддршка која ќе ја реализираат домашни и странски експерти. Тие ќе обезбедат поддршка во текот на развивање на продуктот на компаниите.

Компаниите се од 18 индустрии, во најголем дел од областа на: ИТ, маркетинг, креативни индустрии, технолошки индустрии, угостителство и сл. Доаѓаат од 29 градови, со најдоминантен број на апликации од: Скопје, Битола, Прилеп, Струмица и Тетово.

Анализата покажува дека во однос на старост на стартап компаниите, 284 компании се со старост до три години. Додека 76 компании се со старост од три до шест години.

Во насока на развој на женското претприемништво, анализата покажува навистина позитивен резултат, односно дури 49 отсто од апликантите се жени претприемачи.

Два милиони евра неповратни финансиски средства

На јавниот повик „Стартапувај 3” достапни се два милиони евра неповратни финансиски средства за поддршка на македонскиот стартап еко систем. ФИТР обезбедува до 90 отсто од вкупниот буџет на проектот за компании до три години постоење. Додека за компании со над три, а помалку од  шест години постоење обезбедуваа 85 отсто од вкупниот буџет на проектот.

За компаниите кои аплицирале, следи процес на претселекција на предлог проектите, во која оценувањето ќе го вршат три домашни стручни лица. Оценувањето се врши врз основа на следните критериуми: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, потенцијал на пазарот и влијание.

Проектите кои ќе освојат просечна оценка од над 51 поен одат во втората фаза на селекција. Финалната одлука за финансирање на проекти ја носи Комитетот за одобрување на инвестиции, кој се состои од пет члена, врвни интернационални експерти.

 

Презентацијата е достапна на следниот линк:
https://fitr.mk/wp-content/uploads/2021/06/Faza-na-aplikacija-TR-za-startapuvaj3-Juni-2021.pdf

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.