УНИ Банка затвори позитивен финансиски квартал. Тоа се должи на низата активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со нови атрактивни продукти од областа на платните сервиси. Аналогно на тоа , Универзална Инвестициона Банка АД Скопје прокнижи позитивни финансиски резултати во првиото тримесечие од 2021 година.

УНИ Банка затвори позитивен финансиски квартал

-И во овој период Банката продолжи со имплементација на нови технологии со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како побезбедни, поевтини и поедностави начини на извршување на банкарските трансакции, стои во образложението објавено на Македонска берза.

Во услови здравствено економската криза основна цел на Банката беше да ја зачува високата ликвидност и солвентност, да го задржи континуитетот и квалитетот на услугите кои ги нуди како и да обезбеди финансиска подршка на клиентите, притоа залагајќи се максимално за безбедноста на клиентите при користењето на услугите на Банката, како и за безбедноста на вработените.

 Приходите од камати – доминантни

Остварените вкупни приходи од работење во првиот квартал од  2021 година изнесуваат 388,5 милиони денари  и во однос на минатата година бележат намалување  од  2.73 отсто.

Најголем придонес во остварувањето на позитивен финансиски резултат во износ од 37 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.

Имено, во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики и останати приходи од дејноста), најголемо учество од 66.7 отсто имаат приходи од камати, кои во споредба со 2020 година се намалени за 9.72 отсто. Додека анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на банката кон кредитирање на секторот население.

Во вкупните приходи од дејноста на банката, особено треба да се истакне значајниот пораст на приходите од провизии од 22 отсто,  како резултат на растечкиот тренд на дигитализација во користењето на банкарските услуги и продукти.

Расходите намалени

Остварените расходи во првиот квартал од 2021 година изнесуваат 351,9 милиони денари. Тие  бележат минимално зголемување од 0.4 отсто во однос на истиот период од  2020 година. Одржувањето на расходите на нивото од претходната година се должи  пред се на оптимизација на административните расходи од една страна и зголемување на износот на издвоени средства за зајакнување на резервациите по кредити од друга страна.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 2.3 отсто во однос на крајот на декември 2020.

Обврските по кредити во првиот квартал од 2021 година се намалени  за 7.6 проценти во однос на  31.12.2020 година.

Исполнување на планот и очекувања за претстојниот период

Податоците за остварување на билансните цели на банката се речиси на нивото на  планираните  за 2021 година.

Во првите три месеци од 2021 година, нето кредитното портфолио на банката од секторот население и правни лица е под таргетираното ниво.

Анализата на структурата на пасивата на билансот на состојба на 31.03.2021 година и нејзината споредба со планираната укажуваат на минимално надминување на таргетираните извори на финансирање од секторот население. Тие се  зголемени за 1.7 отсто во однос на 31.12.2020.

Од друга страна прибраните средства од финансискиот сектор бележат значително намалување и се за 11 отсто под таргетираното ниво за првиот квартал од годината.

Светската пандемија предизвикана од COVID 19 продолжува да има силни економски         последици врз глобалната економија, а следствено на тоа и врз македонската економија.

Во фокусот на Банката и во 2021 година ќе биде одржувањето и зголемување на пазарниот удел по различни сегменти во банкарскиот сектор на Република Северна Македонија во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста.

Како и досега, Банката интензивно ќе работи на развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење, како и на дигитализацијата и постојаниот технолошки развој кој особено дојде до израз во периодот на здравствено економската криза, а се со цел да излеземе во пресрет на различните потреби и интереси на клиентите.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.