
Со години видни наши луѓе коментираат и го критикуваат гостувањето на музички ѕвезди од регионот, особено на српските, со забелешка дека им се даваат многу пари, дека нашите ѕвезди се запоставени, дека народот нема вкус и не е доволно патриотски лојален, дури слушањето на странската музика го изедначуваат со национално предавство. Ова деновивие го слушнавме и од еден наш познат артист и шоумен, но, во лелекањето со години доминира и е гласен еден наш поранешен премиер, кој сега, во таканаречен „поткаст“, рони солзи - како во Македонија има големо присуство на српски уфрлени музички елементи кои работат на посрбување на македонскот народ, а за бугарската музика нема место, што наведува на наводна омраза на музиката или на народот на нашиот источен сосед.
Тој не прави паралела на присуството на македонската музика и на нашите уметници на поранешниот југословенски простор. Првин, не спомнува дека југословенската естрада беше една и беше поврзана со заеднички настапи, фестивали, снимки, гостувања...и тие цврсти уметнички врски не се прекинати и не можат да бидат прекинати од политички причини. Не го спомнува нашето присуство во српската и хрватската средина со ликовите и музиката на Тоше Проески, „Леб и Сол“, Валтко Стефановски, Калиопи, Каролина, Тијана, Маја Оџаклиевска, Зафир Хаџиманов, Дарко Димитров и другите, потоа на безбројните обработки на нашите народни песни на Јонче Христовски, на Александар Сариевски, на Вања Лазарова, популарноста на „Танец“ и други и дека никој таму не изразил такво негодување и страв од нашето музичко присуство на нивен терен.
Што се однесува до Бугарите, штом нивната музика нема сила да ја помине државната граница, значи не е конкурентна. Дали некој знае некој голем бугарски хит на кој ниедно уво не би му одолеало. Ако е добра песната, таа ќе си го најде патот до срцата на публиката. Која бугарска ѕвезда може да ја наполни салата „Борис Трајковски“? Никој никого не може да го натера со сила да оди на концерт заради братската љубов кон нашите источни соседи. На „тезгето“ треба да се понуди квалитет и цена, основен пазарен императив. Сфатете дека денеска се’ е пазар. Ако е стоката квалитетна - ќе се продаде, па било од каде и да доаѓа. Ако погледнеме во обратен правец, ќе видиме дека голем број македонски хитови се украдени, како „Бисер Блкански“ („...чеда сме на Аспаруха ...“), а неодамна слушнавме плагијат и на „Македонско девојче“, всушност нема македонски хит што го немаат прогласено за бугарска песна. Значи, со Бугарите имаме „музички суфицити“, тоа треба да не радува, секако, ако е означено потеклото на „стоката“.
Најголемиот проблем во оваа ситуација е тоа што ние ја изгубивме трката со српско-хрватската музичка конкуренција (за светската и да не зборуваме!) во создавањето НОВА музика. „Едноставно, нели“, Македонија во последниве години не произведува ни доволно добра, ни доволнно музика!
Господине поранешен премиеру, музичката продукција на МРТВ, почна да пропаѓа во ваше време, а ја докрајчи една директорка од СДСМ, која, освен сопствената суета и моќ што и ја даваше функцијата, немаше абер од уметноста, па ги укина сите ансалбли во МРТВ: биг-бендот, хорот, чалгиите, народниот оркестар, редакциите, ТВ драмите, радиодрамите, детската продукција... Можеби таква и беше наредено од „горе“? Но, вие прв го занишавте клатното на смена на професионалните кадри, или, во превод, го инсталиравте погубниот одмазднички систем – „едни дојди, други турни“.
Првин, ставивте за генерален директор еден шестокласен почетник во новинарството, дојден од едно планинско охридско село, кој не знаеше ни кај се наоѓа, ни што е МРТВ, а камо ли што е музичка продукција и нејзиното значење за нашитот идентитет. Така системот на кариерно напредување, беше заменет со „системот“ на партиско вработување, што беше инсталиран во сите институции, а го прифатија сите идни власти и тоа не доведе до оваа наша професионална и животна мизерија. Значи, ништо не дејствува само од себе и за себе, сите процеси се резултат на заеднички испреплетени сили.
Сега, ситуацијата во таа куќа е уште полоша, скапите студија се руинирани, истото раководство е на чело на таа куќа од 2006 година, а не е ништо попродуктивно и подобро од вашиот кадар од охридското село! Музичката продукција не работи!
Нашите приватни продукции се гледа дека не можат да се тркаат со регионалните. Можеби нешто и ќе излезе, но една ластовица не ја прави пролетта.
Продукциите во другите држави, како Србија на пример, во најголемата политичка криза на крвавите настани во војните во 90-тите, и ден-денес, исто така во голема политичка и социјална криза, нон-стоп произведуваат и музика и филмови и ТВ-играна програма, а еден од најголемите продуценти е државната радио-телевизија РТС. Таа програма доаѓа до нас преку каналите што ги нудат операторите, и вие со лелекањето тоа не можете да го спречите. Меѓу таа продукција има и шунд, но има и добра музика, што, сакале-не сакале, ја освојува публиката. Македонија има огромен фонд изворна и обнароденa музика од познати автори, но малку има нови имиња што компонираат и создаваат нова и квалитетна музика, далеку заостанавме во таа трака. Нема песни на кои им се лепи епитетот „хит“, уште помалку „евергрин“.
Значи, идентитетот и патриотизмот се бранат со творештво во музиката, се разбира и во другите интелектурални области, но стока за најширока потрошувачка е музиката, песната.
Забелешките дека некои градоначалници постојано ги канат српските ѕвезди, воопшто не се издржани. Тие не се виновни што производството на македонска музика е минимално, тие се водат од комерцијалниот интерес. Знаат дека големите српски и хрватски ѕвезди ќе ги наполнат плоштадите, ќе се троши огромно количества пиво, македонска „лесковачка скара“, ќе има секаква понуда на провинциски панаѓурски реквизите и дрангулии, ама парите „фрлени“ за Цеца, ќе се вратат и ќе се оплодат. Значи, друг треба да мисли на музиката, на уметноста, на образованието, на културата, како сигурен штит за одбрана од туѓите влијанија.
Затоа, дајте музика што ќе се обнароди, доста ги верглате и ги преправате во ориентален стил наште стари прекрасни песни единстевени во светот, ги излитивте, па веќе станаа здодевни, не оставија веќе простор за да уживаме во нив. Кој да даде? Па, ако не можат продукциите - наменските фондови за стимулација на творештвото и тоа со големи премии, ако воопшто има такви фондови. Ставете ја еднаш музиката во буџетската ставка „капитални инвестиции“, но да ја заштитите од коруптивни бравурози. Раководствто на една државa е одговорно за се’ и од ништо не може и не смее да се оградува. Таа треба да го брани идентитетот на сите начини и со сите средства, па и со подршка на музичкото творештвото .
Порано, низ умрената продукција на МРТВ не можеше да помине неклвалитетна музика, затоа нашите стари хитови се пејат и ден-денес, МРТВ го имаше својот печат на нивниот омот. Тоа е одбрана портив кичот и странските влијанија – квалитет: добар текст и добра музика!
Ниедна работа не е така површна како што изгледа, секоја појава си има своја генеза, но да се вратите во корените на таа генеза е невозможно, штетата е непоправлива. Ќе требаат децени, ако не и векови, а можеби на дното на таа генеза некој, од која и да е политичка провиниенција, ќе се препознае себеси!