Никому не му текнува да праша со која бројка се споредува процентот на инфлацијата. Статистиката обично дава споредба со ланскиот просек на цените, па така таа „не изгледа“ голема.   

На пример, процентот на инфлацијата за оваа година во споредба со ланската изнесува 3.9  насто. Инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците за живот во јули во однос на јуни 2024 година, изнесува 0.7 %. Цените на мало, пак, во јули во споредба со претходниот месец забележале раст од 1.5 отсто. Иако, за сиромашнот народ секој промил на поскапување е главоболка, стрес и неизвесност, сепак овие бројки не се двоцифрени или не дај боже троцифрени или четвороцифрени какви што паметиме пред и по распадот на Југославија.

Дали некој се прашал колкава е инфлацијата во споредба со нивото на цените пред ковид-фризата, или со периодот од пред 30- години кога цената на зејтинот беше 40 денари, пиперките на пазар по 15 ден., доматитие по 5-10 денари, лубениците 10 ден, ајварките по 16-18 ден, а највисоката месечна сметка за струја во едно просечно четиричлено семејство, што се грееше на струја, достигнуваше најмногу до 3 илјади и петстотини ден.    

Ако се направи ваква споредба, ќе се дојде до заклучокот дека стандардот на граѓаните во Македонија не е паднат за неколку проценти, туку за неколку стотици проценти, за што сведочи денешната куповна моќ на нашиот обичен човек. Најголем дел од населението е сиромашно!!! Ова не е излитена фраза – туку вистина што боли!    

Иако курсот на денарот е стабилен, инфлацијата се увезува на големо и секојдневно. Не сум слушнал дека некој во продавница бара некој македонски производ! Во моментов се бараат српски чешми, турски лустери, кинески „квалитетни“ авто гуми итн. Ниеден македонски прозивод со повисок квалитет не е доминантен на домашниот пазар. Проиводството со години паѓа и никогаш го нема достигнато нивото од почетокот на 90тите години.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека убедливо најголем пад има кај производството на тутунските производи. Овој сектор бележи пад од 43% во јуни. Од што и да е предизвикан овој пад, факт е дека ја нема таа количина што ја имало порано. Нема производ, нема профит, нема даноци, нема социјални и пензиски фондови, нема извоз, трговскииот биланс се држи на стаклени нозе.   

Голем пад има и во производството на компјутерски, електронски и оптички производи од дури 37,8 проценти.

Како што објави Државниот завод за статистика, имаме намалување на индустриското производство во јуни од дури 6,5 проценти, во споредба со истиот месец од минатата година.

Но, тоа што особено паѓа в очи е фактот што укажува дека одредени сектори имаат значително поголем пад од вообичаеното.

Со голем пад се соочува и производството на фабрикувани метални производи, што достигна 35,1%. И најзаостанатие земји го стимулираат развојот на оваа индустрија, согледувајќи ја потребата на земјите во развој, на  таканаречените „мали тигри“, кои, од опустошени и мочурливи, станаа водечки во некои индустрии во кои електориниката се бара како лебот насушен.

Триесет проценти намалување има во секторот поправка и инсталирање машини и опрема.

Во секторот производство на хемикалии и хемиски производи има намалување од 24,4 проценти.

На слично ниво е и производство на метали во кое има пад од 22 проценти, како и секторот производство на останата опрема за транспорт, во кој има пад од 20,1%.

Под дваесет проценти пад на производството бележи секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 16, 7 проценти, а исто толкав пад има и секторот производство на останата опрема за транспорт. Нешто помал пад забележаа и производството на основни фарамацевтски производи, кое има намалување од 15,3 проценти.

Спротивно на овие сектори, најголем раст е забележан во секторот печатење и продукција на снимени медиуми, во кој  имало зголемено производство од 20,6%.

Кога човек ќе ги прочита овие бројки, се прашува на што се должи оптимизмот и ветувањата дека во наредниот период ќе имаме некаков раста на БДП?

Додуша проекцијата за раст на БДП за 2024 година е ревидирана на 2,1%. Ако за некого оваа бројка е за фалење, веднаш да кажеме дека од оваа бројка секоја доборонамерна економска политика треба да се срами.

Со години експертите, економистите, укажуваат дека без долгогодишен континуиран раст од најмалку 7 проценти, Македонија не може да мрдне од сегашната сиромаштија. Животот во Македонија е убав само за тие што водат големи бизниси обично во сивата зона, од која се во позиција да го контролираат делењето на тендертите и тоа добро го наплаќаат. Другиот дел од населението веќе има изгубено надеж и слика за убав живот, човекот се навикнува на се’, на лош живот, на лоша исхрана, на неудобен мебел во кој спие со децении и така постепено и незабележливо доаѓа до својот крај, убеден дека сето тоа било нормално.

Во економијата има една теорија – „7:1“, а тоа значи: ако една земја има долгорочен континуиран раст на БДП од 1% таа може да се надева на двојно зголемување на животниот стандард по 70 години, ако има долгорочен раст од 2% може да се надева дека животниот стандард на нејзините граѓани двојно ќе се зголеми за 35 години, но ако нејзиниот контунуиран раст изнесува најмалку 7% може а се надева дека животниот стандард ќе се зголеми за само 10 години. Од осамостојувањето досега поминаа 33 години, Македонија секогаш „годро“ проектира годишен економски раст од 2,3, најмногу до 4 проценти кои никогаш реално не биле достигнати.  

Крајно време е да се сфати дека економијата е темел на државата и на животот, се разбира дека со политиката имаат причинско-последични релации. Крајно време е големите расправии да се водат за долгорочни економски развојни концепти, но и за тоа како да извадиме производ од домашните капацитети, да го вратиме земјоделието од кое сите имаат дигнато раце. Од коалиции и контракоалиции на народот му се смачи, се помалку ги поднесува лагите и сфаќа дека говорите за подобро утре се јалови и неуверливи. Се потроши многу време на удирање в гради за докажување на патриотизмот, а тој се докажува на дело. Затоа, иако е многу доцна – Acta, non verba!!!