По седум години затишје на терен, се гледаат градежни активности на недовршените објекти на „Скопје 2014“.
Естетите веруваа дека некој ќе се покае за архитектонското злосторство што му беше нанесено на градот и дека барем некои од тие грамади ќе бидат отстранети и ќе го ослободат просторот, но сега се враќа стариот филм кој може да се смести во жанрот - хорор.
Гратските власти, оваа нова иницијатива ја објаснуваат со идејата - сите закочени проекти, што биле забавени поради судски процедури, да се олабават и „да се заврши ликот на центарот на Скопје, да заличи“.
Странските медиуми веќе почнааа со иронија да ја шират оваа вест, со карактеристика: „архитектонско лудило“, особено поткрепено од фактот дека за една архитектонска небулоза пред неколку години се потрошија 700 милиони евра, наместо да се купат авиони за гаснење пожари, да се инвестира во јавното здравство, во инфраструктурата итн.
Нема поголема општа тага за жителите на еден град од тагата за убавината на градот што била некогаш, а сега ја нема никаде. Коментарот – „ова беше нашето убаво Скопје“ може секојдневно да се прочита на фејсбук под секоја слика од некој стар амбиент од нашиот град на која се гледа некоја романтична тивка улица, со многу мал број возила, со многу мал број луѓе, чиста, со сенките од липите, на кои ви се чини дека им го осеќате и нинвиот мирис, се разбира тие што го паметат мирисот на липите, особено на „Илинденска“.
Страшно звучи опасноста дека сега хаосот што му е трајно нанесен на градот ќе го докрајчи и, како што природно си одат генерациите, на убавото Скопје веќе нема да има кој да се сеќава. Сликите ќе бледнеат и на новите генерации, кои воопшто не ги допира тоа и разбирливо не знаат како било, нема да им значи ништо, тие ќе ја толкуваат таа слика како една здодевност, што покажува едно време во кое не е содржана денешната динамика на лудување со колите, со моторите, со навалиците во сообраќајот.
Приврзениците на кичот, пак, се радуваат. Кичот е кич само во очите на луѓето полни со информации од областа на архитектурата, на урбанизмот, на естетиката, на уметноста и др, а е гордост за тие чие единствено мерило за овие грди појавни форми е нивната големина и митовите за нашето славно античко минато, на кои ни се смее цел свет. Скопје, од почетокот на лансирањето на тие митови се движи по погрешен колосек кој веќе завршува во една синдилија во која градот пропаѓа. Тој не може веќе да се врати назад. Пренеселеноста не може да се намали, сообраќајот секојдневно се згуснува, новите згради, за кои сите се прашуваат за кого се градат, го задушија и воздухот и амбиентот, ниедна населба веќе не е препознатлива со совите „предантички“ какакеристики, Дебар Маало ја доживеа најголемата трагедија, сега концентричните кругови се шират кон периферијата, дојдени се до Лисиче и до Ѓорче Петров и до Скопје Север до Водно. Буквално владее хаос во сите системи. Канализацијата е пред експлозија!
Деневиве, божем се презема нешто, па се најавувуа дека градот ќе формира посебно работно и координативно тело заедно со владата за решавање на проблемите во Скопје. Но, тоа е само мачкање очи, затоа што никој не ги спречуваше надлежните градски фактори да ги решат проблемите, напротив тие се зголемија, а ветувањата дека градот ќе доживее европски процут се заборавија. Граѓаните се мачат секој ден како во маргиналните светски региони во кои водата и изметот заедно течат по улиците.
Скопје е до гуша во ѓубре!
Граѓаните, ако излезат наутро на работа, не знаат кога ќе се вратат дома и покрај предизборната најава на градоначалничката дека градскиот превоз ќе биде бесплатен со нови еколошки автобуси, приказна на која и поверуваа само наивните, зашто никаде нема ручек без пари. Можеби се точни тврдењата на градоначалничката дека Советот на градот ги кочи нејзините иницијативи, но кого го интересира кој кочи и што кочи, на граѓаните им е важно нивното дневно движење да не биде закочено, градот да е чист и здрав, да има пристап до здравствените установи, да има добро уредени амбиенти, а не напорен град со неред и некултура.