Глупот е да се тврди дека буџетот е празен и дека некој го испразнил и избеал со парите кога видел дека ќе ја изгуби власта. А уште поголема глупост е да се прифати и да и’ се верува на таа популистичка магла. Буџетот не е канта во која се „гнетат“ парите, па кога некој ќе види зорт, ќе ја грабне и ќе фати џенем преку граница. Буџетот се полни секојднвено и тоа 24/7. Додека го читате овој текст, претставете си дека во истиов момент илјданици луѓе точат бензин во автомобилите, во автобусите, во каминоите и дека 18 проценти од платената сума софтверски се префрла преку Управата за јавни приходи во буџетот. Претставете си дека во моментов илјадници луѓе во продавниците купуваат секаква стока за широка потрошувачка за која од платената сума софтверски во буџетот се префрлаат 18% или 5% (повластена даночна стапка за основните егзистенцијални произоди), дека во кафаните дење-ноќе се пие и се крка и за тоа се плаќа и од тоа се одвојува за буџетот, замислете колку илјади возила денеска или за 24 часа на наплатните  рампи плаќаат патарина, колкав број фирми и граѓани увезуваат разна стока и за тоа плаќаат царина, сите граѓани мораат да платат струја, вода, смет и тн. Замислете дека тој буџет се полни и од даноци на имот, на ликсуз (акцизи) и од други данични основи. Ако ја отворите страницата на Министерството за финасии не можете да не го видите „Фискалниот бројач“, поделен на 4 рубрики: Приходи, Расходи, Капитални расходи и Државен долг, кои со бројки и проценти ви даваат информација колкава е реализацијата на проекцијата во сите овие 4 фискални канали.

Тие проекции можат да се менуваат со таканаречениот ребалнс на буџетот, што, по народски, значи претурање од една канта во друга. Тоа пефрлање, демек, е иницирано поради наводно подобра идеја за управување со народните пари, но на крај излегува дека се’ е тоа префрлање пари од канта во канта што Mакедонија ги нема, што се потврдува со проектираното зголемување на буџетскиот дефицит од страна на новата власт, која го дотера до 5% од БДП.  

Дека приливот во буџетот е проблем, тоа сите го знаат и тој проблем не е сегашен туку секогашен. Причините се пред се ниските даноци, тоа е поврзано со нискиот животен стандард, потоа со политичкиот популизам (ако ги зголемиш даноците – губиш на избори), потоа со непродуктивноста, со пропаѓање на фирми, со иселувањето, со затајувањето на данокот за што сме рекордери во регионов, со намалената општа потрошувачка и тн.

Но, поголем проблем е расходната страна на буџетот од кој со право сите сакаат да добијат по нешто. Сигурно сте забележале дека за секој проблем, секој анкетиран граѓанин вели. “ државата треба да помогне“. Во финансиска смисла тоа значи „дајте пари од буџетот“, а тој е, сепак, ограничен. Од тој буџет треба и мора да се дава за училишта, болници, водоводи, студентски домови, спортски објекти, апарати за здравството, за војската за полицијата, за културата, за забавата, за градинки и детски игралишта, за општокорисни површини итн, но и да се дополнат  социјалните фондови, па пензискиот, бидејќи и таму нема доволен прилив поради лошата економија и економска политика. И тоа е поголемиот проблем отколку полнењето на буџетот, затоа што во една сиромашна земја потребите се секогаш поголеми од можностите.

Ништо не е ново, и тоа сите го знаат и не’ предупредуваат, дека имаме огромен број зинати усти во дражавните канцеларии и агенции, за кои уште никој не знае за што служат, дали некому можат да му помогнат, со седиште на измислени имиња и адреси, и тие што и се познати на јавноста, министерствата, органите, инспекциите се неефикасни, бавни, значи неработливи. Според тоа, буџетот и со овој процент на даночно зафаќање би бил многу поисполнет ако тие органи си ја вршат работата. Само ако се среди контролата и казнувањето во сообраќајот, буџетот може да се прелева, но веројатно некој не сака да се замери со некого и така парите си одат по ветееер.     

Но, по зголемувањето на проекцијата на дефицитот на новата васт на 5% од БДП не можеме да останеме рамнодуши, ни со најавеното ново задолжување од половина милијарда и тоа од „пријателска“ држава, за да се покрие тој недостиг. Зголемувањето на проекцијата за зголемениот дефицит укажува на тоа дека среќата треба да се бара во државните канцеларии, а не во бизнис лидерството и во растот на малите и средните претпријатија, кои, по логика, еден ден треба да станат големи, да апсорбираат нова работна сила, да го зголемат капиталот и профитот со што автоматскиот даночен регулатор ќе им „лапа“ се поголеми средства. Но, Македонија е политички најневралгична точка на Балканот, а тоа има економска цена.   

Претпоследно - СИВАТА ЕКОНОМИЈА! Против продажбата на зелените пазари на огромен број техничка стока никој со прст не мрднува. И натаму се остава како социјален амортизер. На зелените пазари има речиси се за домаќинствата, од сијалици, чешми, очила, пластична галантерија, текстил, тутун итн. Огромен број големи градежни скалдишта од кои се купуваат огромни количини градежен материјал не се фискализирани. Тони и тони цемент, штици, стиропор, разни лепила, плочки, камен, железо, се продаваат без фискална сметка.         

И последно – ЦРНАТА ЕКОНОМИЈА! Овој сектор е таен и никој веројатно во Македонија не смее ни да го отвори! За потврда на ова е податокот, што некако протече, дека Македонија од концесии за експлоатација на нејзините  рудни богатства наплатила само 1,5 милион евра! Тоа е само капка од „црното море“, но голема дупка во државниот буџет.

Деновиве имаше жестока расправа за ребалансот на буџетот во која ривалите се обвинуваа кој како го менаџирал и го крадел буџетот. Сите влсти се обвинуваат меѓу себе дека другите работеле недомаќински со народните пари, јавајќи на брановите на општата заборавност или слабото паметење на граѓаните за промашените проекти од кои „најјак“ е  СК 2014 за кој беа фрлени милијарда евра, по кои сега трчаме да ги земеме како заем од некаде и за кои треба да плаќаме камата. Дали ако тие пари биле наши лични ќе сме го направеле тоа. Сигурно не. Е па од тоа страда нашиот државен буџет, од нашата сопствена глупост и неодговорност.

Затоа, кантата на која има 300 дупки, или треба да се носи на калајџија, или да се купи нова!