Деновиве во неговата родна Битола беше промовирана новата збирка раскази на исклучително талентираниот авторот и диџеј Јордан Николов, насловена чудно и повеќеслојно - „ОбојОбојОбој“. Збирката е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и претставува вистинско книжевно освежување на домашната мошне продуктивна литерарна сцена. 

Расказите на Николов се пишувани во период од 2002 година (кога по првпат добил награда во „Студентски збор“ на конкурсот за краток расказ), па сè до неделите пред книгата да излезе од печат. Инспирација и информации црпел од: Акаша (основа и суштина на сите нешта во материјалниот свет според хиндуизмот). Жанровски, расказите се од широк дијапазон: од сатирични, романтични, комични, дневнички...

Ова не е прво објавено дело на Николов. Во 2017 година, во рамките на фестивалот „Скопје Креатива“, беше издадена неговата збирка раскази „Играчките на д-р Бре“. Во прилог на книгата имало и компакт-диск со скици од негова авторска музика, како и четири „ремикси“ на некои од неговите раскази напишани од негови драги пријатели. Најчесто пишува раскази, повремено создава поезија и има напишано еден (сè уште необјавен) роман.

Николов е активен протагонист во културната сфера на Битола како диџеј, колумнист и писател во локален неделник, радиоводител и уредник на сопствена емисија, соработник како грамофонџија во првата постава на „Фолтин“ и „Љубојна“, (кратко) сопственик на книготека на Широк сокак.

Николов, кој три децении е активен на клупската сцена како диџеј, по официјалното претставување на книгата, пушташе музика во „Магаза“, каде што се слушуваше промоцијата...

Вашата нова книга, „ОбојОбојОбој“ претставува своевиден исчекор во нашата литература. Почнувајќи од насловот, преку нејзината структура, па се до нејзината порака и Вашата потреба да фрлите малку боја во сивилото кое не опкружува. Што за вас претставува ова дело?

- Благодарам на комплиментот, и мило ми е дека делото го препознавате како исчекор во нашата литература. Конципираноста да потсетува на музички албум (со времетраење на секој расказ/музичка секвенца) се појави спонтано, или, поточно: неизбежно - поради безгрешниот причинско-последичнен принцип сите наши афинитети, специфики и влијанија да се крчкаат на тивко во експрес лонецот во нашата душа – и во мојот случај – пристапот да го измерам времетраењето на едно литерарно дело (наречено Бјордан метода, т.е. моја метода) ми се виде како прилично штосен од проста причина што живееме во неверојатно забрзан и хаотичен свет во кој сите активности, должности и обврски од нас изискуваат да им отстапиме точно определено време од нашиот живот.

Зошто литературните дела би биле исклучок? Па така (некаде пред 2017, пред да биде издадена првата збирка раскази „Играчките на д-р Бре“) си реков ајде сега фино пушти си ја стоперката и прочитај си ги расказите - па забележи колку време ти требаше за секој еден одделно. Мора да признам дека сум горд што овој пристап потоа мојата најдобра пријателка го применила во комерцијалните понуди во вид на имејл кои ги испраќала кон потенцијалните клиенти (во насловот на имејлот наведувала дека времето потребно да се прочита понудата е толку минути и толку секунди).

Подоцна ми кажа дека тоа вродило со многу успешно склучени зделки. Исто така, по извесно време откако книгата беше издадена (во склоп на фестивалот „Скопје креатива“) наидов на еден напис дека во Белгија (или, можеби беше Франција – не сум сигурен) во некој град на автобуските постојки биле монтирани апарати кои печателе куси литерарни дела (по формат и големина колку една подолга фискална сметка) а кои биле со опис за времетраењето кое ви е потребно да прочитате некоја приказна од понудата на менито.

Имено: гледате на возниот ред дека до следниот автобус имате на располагање шест минути и четириесет и три секунди па од менито на апаратот одбирате книжевно дело кое е со најприближното времетраење. Види, мајката! – си помислив. Пионер бев и во Титово време ?. Денес речиси под секоја содржина на интернет во заграда седи (reading time). За мене ова дело претставува книжевен „врисок“ - првичната намера беше да се вика „Обој!“ – глагол во императив, оти во периодот (2021) кога ја подготвував да ја испратам на издавачот (Арс Ламина) веќе се наоѓавме на почеток од она што сметам дека е светска војна водена од неконвенционални (а сега веќе и со конвенционални) оружја, па потиснатод  планираната и наметната психоза на пандемија, економска криза и, генерално: општа и целосна морална криза, сакав да „фрлам“ малку боја врз севкупното сивило кое не опкружуваше. Кога го прочитав насловот наглас сфатив дека во него лежи игра на зборови која може да функционира на три нивоа: нешто да обоиш на македонски, доколку го кажеш три пати и набрзина на англиски значи лелекање (Oh boy! Oh Boy! Oh boy!), и трето – бидејќи ди-џејскиот псевдоним ми е B.Boy по звучност повторно го имаме бој. Затоа: „ОбојОбојОбој“.

На промоцијата во Битола кажавте дека сонувавте да бидете тапанар во некоја група. Од тие причини ли причини овие раскази се како музички секвенци?

- Да, откако паметам за себе инфицираноста со музиката го обликува и го усмерува и секое мое инакво уметничко изразување. Секогаш сакав да бидам тапанер (и едно време и бев, во една група во средно – се викавме The Listz) и животен сон ми е да издадам авторски албум (и тој ќе мора да биде на винил плоча, покрај другите формати), а бидејќи нашиот творец има генијална смисла за хумор – ми дозволи прво да се реализирам на книжевен план – а музичките скици да ми седат в компјутер и на интернет платформите за таа намена. Значи, си помислив дека ете, животниот сон да издадам сопствен албум сега-засега ќе е на stand by ама, еве, ќе издадам збирка раскази која ќе биде конципирана како музички албум (и затоа на почетокот го има intro делот, меѓу расказите ги има скитовите – карактеристични за хип-хоп албумите, а на крајот е поместен и outro делот).
 

Колку е тешко во денешно време да се наметне нешто ново во литературата, но и во други уметности. Во време кога се нуди се и сешто, во ерата на лажни вредности. За нешто слично зборува и приказната Shit skit, од 68-та страна на книгата.

- Мислам дека би било прилично лесно да го заземам ставот дека во денешно време ништо не чини и да тргнам по комотниот, дефетистички-песимистичен пат дека во некои минати (носталгично обоени) времиња уметничката клима била подобра и поблагородна. Но тоа, еднставно не е во мојата природа – па ќе се обидам да бидам и реалистичен и критичен. Да, во денешно време сме изложени на наплив на скрибомани (како што рече една моја добра пријателка и уредничка) на кои романтичарската идеја да се биде писател им е прва на ум (и колку само јако би изгледале на социјалните мрежи ако се сликаат со кариран шал, луле во устата и како штракаат на старинска машина за пишување). Изместени се приоритетите и потребите. Јас имав потреба да пишувам. Не почнав тоа да го правам од поза. Или да фаќам девојки оти сликата ми е во секој број во неделникот во кој 6-7 години објавував кратки приказни и колумни. Тоа е потреба која може да се спореди со некоја физиолошка потреба, или згаснување на жедта или глатта. Или физичка потреба да одите на Пелистер, или до Преспанско езеро. Сериозно. Јас имав потреба да го видам напишано она кое без ред и без правила врескаше во мене како последица на секакви животни искуства и ситуации: љубовни врски, луцидни сништа, (лажни) општествени норми и правила, комични ситуации, воодушевувања од музички дела, исконско-моќни доживувања со велосипедот за спуст, воодушевувања од книжевни дела... сето тоа имав потреба да го кажам (првично за мене – затоа што само додека пишував за нив можев вистински да си ги сфатам искуствата), а не за да бидам кул во друштво.

Но, исто така, сметам дека сме неправично престроги кон денешнината. Единствената лоша страна на денешниот наплив од секакви „уметнички“ содржини ја сметам достапноста до платформите од каде може да ни биде понудена секаква (и одвратно-лоша и одлична) содржина. Порано воопшто не било полесно да се издаде творештво. Токму спротивно: најголемите писатели кои денес се класици морале да пишуваат идиотштини по нарачка на разни мецени или политички моќници како би преживеале. Мислам дека Борхес својата прва (самоиздадена) збирка раскази им ја ставал во џебовите на обесените палта на разни уредници и критичари како би им го придобил вниманието. Проклетството на денешницата, според мене, е во тоа што хиперпродукцијата е сеприсутна и со самото тоа никој не го цени она што извира во толкав обем и толку често. На луѓето им е потребен филтер. Како да се препознае добра од лоша уметност, и веројатно  (уште побитно!) од каде, по ѓаволите, да се најде време за сето тоа да се процесира и да се создади мислење и став.

За жал, сметам дека има многу „уметнички“ дела денес ја имаат бојата, мирисот и текстурата на измет – но имат ангажирано добар PR и тие нè убедуваат дека не треба да им веруваме на сетилата и умот, и дека она за што со сигурно знаеме дека е измет – всушност - да ти било врвно уметничко дело.

Приказните во „ОбојОбојОбој“ се пишувани безмалку 20 години, и тие претставуваат широка палета на теми, од неизбежните битолчани - браќата Манаки, преку еден букет, фрлен на свадба..., конзервиран измет на еден италијански уметник, до едно Вообичаено неделно попладне. Се добива впечаток дека се околу е толку инспиративно, ако му се најде соодветена намена?!

- Во збирката се поместени раскази создадени во толкав временски распон и тие – да-  тематски шараат во широк спектар. Што се однесува до инспиративноста на опкружувањето и личностите со кои го делиме живеењето, сметам дека Битола е неисцрплив басен на карактери кои едноставно чекаат да бидат обработени. Еве ќе земам само еден пример и еден лик од збирката, а тоа е Ананандранандра. Тој човек навистина постои (се разбира не се вика така) и со него интензивно се дружев со години бидејќи не можев да си поверуваам дека тој искрено веруваше дека е сè она што го имам опишано во расказите... Тој навистина веруваше дека е миленик на вонземни ентитети, дека ги владее сите духовни сфери, дека завршил 3 факултети (нема ни еден), дека патувал 21.000 години низ вечноста и дека го видел Изворот, дека во исто време може да чита (и да процесира) две книги, дека е финансиски консултант на индустриски магнат од Њујорк, дека лечи со фреквенции (и така натаму, и така натаму)... Тој навистина постои, и живее тука, а јас не можев да поверувам дека слушам она што го слушам, па така кога (многу често) заглавувавме по кафеани по десеттина саати јас само го уклучував мозокот во мод „снимање“ и одвреме-навреме барав по ќошињата на локалите да не има некаде скриена камера.

Музиката е неизбежен дел од Вашиот живот и постоење, од соработката со Фолтин и Љубојна, до „вртење плочи“. Ќе има ли некој поголем музички ангажман во иднина?

- Да, музиката е навистина неизбежниот дел од мојот живот и можеби ќе разочарам некои од читателите, ама ја сметам за најбитната уметничка форма за мене бидејќи е најнепосредна и најискрена. Емоции и фрекфенции доживеани без посредник, без медиум. Во плочите сум вљубен од 5-6 години и таа „врска“ еве трае до ден-денес (и верувам дека никогаш нема да заврши). Како член на една од инкарнациите на „Љубојна“ (во функција на грамофонџија) настапував речиси 10 години и имам преубави искуства од креативното дружење со нив и од настапите низ цела Македонија, како и во Франција, Словенија и Грција. Со Фолтин (првата постава) приказната траеше далеку пократко – но и од тие сеќавање ми се појавува насмев на лицето. На личен музички план: активен DJ сум веќе 30 години (годинава славам јубилеј ?) и во домашното музичко студио создавам музички парчиња/скици од кои само дознавам колку многу муви имам за лапање додека да станам доволно квалитетен за да издадам музички албум. Нема построг судија за моите дела (било книжевни, било музички) од мене.

Како се живее во Битола, и колку во ова време градот кој важеше за културна престолнина на Македонија, му одолева на новите „вредности“?

- Животот во Битола би можел да биде многу пријатен доколку не би постоеле неколку фактори кои се упорно присутни (а сите битолчани се преправаат како да не го гледаат слонот во собата). Што сакам да кажам: Битола (како впрочем и цела Македонија) има идеална местоположба (богати и дарежливи планини и езера, голем број извори на питка вода и плодно земјиште) и има неверојатно висок број на сончеви денови. (Којзнае какви ќе бевме да ја имавме климата од Шкотска – на пример). Но, исто така, има и неверојатно неповолна местоположба во гео-политичка и гео-стратешка смисла. Се чини (и сведочиме на тоа) дека никој од соседите не ни мисли арно. И не само соседите.

Е па, тогаш, како би можел да биде животот во Битола со најнискиот стандард во Европа, со комплетно (системски, плански и тенденциозно) девастираните државни институции, непостоечкиот морален компас, урнисување на традиционалните и човечки вредности – со еден збор: пукање по шавови на сите битни нивоа. Трендот на иселување на младите и прогресивни луѓе (потенцијалната критична маса во секое општество) не е одлика само во овој град – општ е. Живееме во заплетот на смената на една општествена парадигма со друга – и играта не ми се допаѓа во кој правец се движи. Не сум песимист. Само гледам со отворени очи.

Животот на културните дејци во Битола воопшто не е човек да му завидува, но тоа не ги спречува битолчаните и натаму да бидат едни од најплодните луѓе во културните сфери... само што реализацијата на нашите креативни потенцијали мора да ја бараме надвор од Битола – од многу проста причина затоа што полето за натпревар е многу тесно, а и срамота е од комшиите и роднините тука да се занимаваш со уметност. Се преферира државна работа. Уметноста е за деца.