Скоро секојдневно, илјадници луѓе минуваат покрај големиот електронски билборд
на „Дајмонд мол“. Но, од 10 јуни, тие слики ќе им ги претставуваат животните кои
најмногу го чекаат својот дом.
Јавното претпријатие „Лајка – Скопје“ и трговскиот центар „Дајмонд мол“ се
здружија во една инспиративна кампања: да ги прикажат напуштените кучиња на
јавната сцена, давајќи им глас и шанса за нов живот.
Ова не е само промоција преку слики – туку носи и порака дека секое куче
заслужува да биде сакано и да најде сигурен дом. „Лајка“ и „Дајмонд мол“ со оваа
соработка сакаат да ги потсетат граѓаните дека вдомувањето е посилно од
купувањето, а грижата кон животните е дел од нашата општествена одговорност.
Преку ова партнерство, Дајмонд мол ја отвора својата платформа за хумана цел,
препознавајќи ја важноста на грижата за животните како неопходен дел од
секојдневниот живот на градот.
„Доколку барем едно куче добие дом благодарение на оваа акција, тоа е победа за
сите нас. Секоја мала промена може да предизвика голема разлика. Оваа
соработка не е само повик за акција – таа е покана да го промениме начинот на кој
гледаме на напуштените кучиња. Не треба да ги гледаме како бројки или проблем,
туку како пријатели кои чекаат да ни го исполнат животот со љубов и верност“,
велат организаторите.
Со заеднички сили, „Лајка“ и „Дајмонд мол“ сакаат да создадат град во кој секое
куче има шанса за среќен крај – и да поттикнат позитивна промена кај сите
Скопјани.
Пешева: Најдобриот подарок е дом
Директорката на „Лајка“, Радмила Пешева, за Скопско ехо објаснува како е
дојдодено до оваа иницијатива.
„Трговскиот центар ‘Дајмонд’. Тие дојдоа до нас со желба да го променат односот
кон уличните кучиња – да ја зголемат човечката одговорност и да поттикнат
вдомување. На почетокот, беше во план да се организира добротворен концерт за
собирање донации и храна, но заради трагедијата во Кочани, се решивме да го
одложиме проектот. Сепак, идејата за промовирање на вдомувањето остана жива, а ‘Дајмонд’ сега е подготвен да помогне без никаков надомест. Директорката на
‘Дајмонд’ лично се ангажираше и остануваме отворени за понатамошна соработка.
Нивниот пристап е општествено одговорен, а целта е да се подобри одговорното
сопствеништво на животни и да се покаже хуманост. Всушност, кучињата не се барале да бидат на улица – таму се поради човечката негрижа“, вели Пешева.
Во ‘Лајка’ во моментов има 60 кучиња кои не можат да се вратат на улица – некои
биле напуштени по смртта на сопственикот, некои се агресивни или лаат по
велосипедисти. Овие кучиња ги чуваат во јавното претпријатие до вдомување, а
капацитетите се речиси секогаш пополнети.
„Го поттикнуваме граѓаните да вдомат наместо да купуваат. Кучињата кои ги
враќаме на улица се избрани – доверливи, предвидливи и неагресивни. Ако некои
се агресивни, тоа е најчесто од реакција на нечие однесување. Редовно вршиме
масовна стерилизација и кастрација на уличните кучиња – месечно третираме над
100 кучиња. Не сме стационар, туку работиме со ротирање, бидејќи тоа е
единствениот одржлив модел според законот“, вели Пешева.
Објаснува дека од една единка, за две години може да се родат и до 200 кучиња.
Проблемот со кој секојдневно се соочуваат е што луѓето ги фрлаат кучињата, а
државата не врши доволно надзорот и не ги казнува прекршителите. Сепак, за да
се надмине проблемот и на скопските улици да има нестерилизирани кучиња се
чини невозможно, бидејќи постои пракса луѓето да ги носат од други општини во
главниот град.
Во јавното претпријатие годишно се третираат околу 1.200 кучиња.