Во периодот 2024–2025 година, Македонскиот национален комитет на ИКОМОС, во партнерство со МАРХ – Македонска архитектура, го спроведе проектот „Мониторинг на македонското модернистичко наследство“, информираат од ИКОМОС.

 

Како што стои во информацијата на нивната страница, - експертски тимови на МНК ИКОМОС извршија квантитативно и квалитативно мапирање, валоризација и анализа на состојбата на 106 објекти кои се дел од македонското модернистичко градителско наследство, со висока културна и историска вредност низ целата земја.

„Мониторинг на македонското модернистичко наследство“ е проект кој го спроведува Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС во периодот од 1 јули 2024 год. до 1 март 2025 год. Тој претставува опсежен проект фокусиран на мапирање, анализа на состојбата и формирање на дигитален инвентар/база на податоци за исклучителните примери на модернистичкото наследство во нашата земја и истиот е поддржан од Фондацијата ALIPH како придружен партнер на European Heritage Hub, пилот проект кофинансиран од ЕУ и е реализиран во соработка со Здружението за архитектура МАРХ – Македонска архитектура.
Проектот е фокусиран на најраниот период од развојот на македонската модернистичка архитектура и ги претставува градбите од  1920 до 1945 година. Оваа временска рамка ги опфаќа првите модернистички реализации во земјата и претставува важна основа за понатамошно истражување и разбирање на архитектонските текови во XX век.

Теренските активности, како што објвија од ИКОМОС, биле водени според посебно креирана методологија. Тие вклучуваат собирање податоци преку пополнување работни обрасци со основни податоци за градбите, опис на оргиналната и тековната состојба, вредностите, нивото на зачуваност на автентичноста и интегритетот, како и препораки за идни мерки, придружени со фотографирафии и GPS координати од градбите. Сите податоци се систематизирани и документирани во дигитална база на податоци, која сега е достапна за јавноста на официјалниот веб-сајт: https://mmmn.icomos.org.mk/

Пребарувањето низ вебсајтот е едноставно и интуитивно, со можност за пристап до информациите преку неколку различни веб-страници, достапни преку лентата за навигација. Од почетна се пристапува до веб-страницата „Објекти“, каде што може да се пребаруваат документираните модернистички објекти со примена на филтри според архитект, град, типологија и година. Веб-страницата „Мапа“ овозможува преглед и избор на објекти според нивната географска локација, додека „Архитекти“ нуди кратки биографии на архитектите чии дела се вклучени во базата. Преку веб-страницата „За нас“ посетителите можат да прочитаат повеќе за самиот проект, користената методологија и тимот кој стои зад неговата имплементација.

Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Фондацијата ALIPH, како придружен партнер на European Heritage Hub – пилот проект предводен од Europa Nostra и кофинансиран од Европската Унија. Оваа иницијатива е дел од поширока програма за заштита и дигитализација на културното наследство во регионот.

Дигиталната база ќе овозможи препознавање, истражување за поефикасна конзервација и јавно информирање за македонското модернистичко наследство, како и подигнување на свеста за неговото значење. 

ИКОМОС

Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС Македонија е членка на Меѓународниот комитет на ИКОМОС со седиште во Париз. 

ИКОМОС е најголемата светска стручна невладина организација во сферата на заштитата и конзервацијата на културното наследство. Во фокусот на интерес на ИКОМОС е промовирањето на примената на теорија, методологија и научни техники за конзервација на архитектонското и археолошкото наследство. ИКОМОС претставува мрежа на експерти во чии рамки одвива меѓународна размена меѓу нејзините членови кои се стручни лица – архитекти, историчари, археолози, историчари на уметност, географи, антрополози, инженери и урбанисти. 

Членовите на ИКОМОС придонесуваат кон унапредување на заштитата на културното наследство и на стандардите и техниките за сите видови недвижни културни добра: објекти, историски градови, предели и археолошки локалитети.

 Во светски рамки, ИКОМОС брои околу 10.000 индивидуални членови во 151 земја; 300 институционални членки; 110 национални комитети (меѓу кои и ИКОМОС Македонија) и има 28 меѓународни научни комитети. Како официјално советодавно тело на Комитетот за светско наследство за имплементација на Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО, ИКОМОС ги оценува номинациите и советува за состојбата на зачувување на добрата впишани на Листата на светско наследство.