Спортските автомобили и другите луксузни возила ќе имаат мотори со внатрешно согорување уште долго време, оценува извршниот директор на Бугати, Мате Римац, во интервју за американскиот телевизиски канал CNBC, споредувајќи го пазарот за вакви автомобили со швајцарските механички часовници, кои се поим за луксуз.

„Огромното мнозинство луѓе ќе се префрлат на електрични автомобили, додека во повисокиот сегмент, како што се спортските и луксузните модели, моторите со внатрешно согорување ќе останат долго време, исто како швајцарските механички часовници“, рече Римац, пренесува Seebiz.

Според него, поголемиот дел од пазарот ќе го заземат попристапни електрични автомобили, меѓу кои има сè повеќе кинески производители, додека најскапите модели ќе привлечат клиенти кои бараат традиционална механика, рачно изработени производи и емоционално искуство.

Римац уверува дека автомобилскиот пазар се развива слично на пазарот на часовници. Паметните и дигиталните часовници доминираат, но скапите швајцарски механички модели сè уште ги привлекуваат најбогатите купувачи. „Apple Watch или кој било паметен часовник може да прави многу повеќе работи, но никој нема да плати 200.000 долари за него“, вели тој.

Римац: Малку е иронично... Откако Римак ја презеде контролата врз Bugatti од Porsche и Volkswagen во 2021 година, наместо очекуваниот електричен модел, беше развиен Tourbillon, хибриден автомобил со 8,3-литарски V16 мотор кој развива 1.000 коњски сили, додека вкупната моќност на системот достигнува 1.800 коњски сили.

„Малку е иронично што во овој момент го произведувам најголемиот мотор со внатрешно согорување во светот“, забележува Римац. Bugatti ќе произведе само 250 Tourbillon, кои веќе се распродадени по почетна цена од околу 4,5 милиони долари. Во просек, клиентите трошат дополнителни 600.000 до 700.000 долари за персонализација.

Персонализацијата како клучен фактор

Персонализацијата и создавањето на поединечни  примероци станаа важен извор на заработка за производителот на супер автомобили, а специјалните модели за најбогатите клиенти можат да чинат десетици милиони долари. Римац верува дека ова покажува колку богатите купувачи сакаат автомобили што ја одразуваат нивната личност.

 „Тие сакаат нешто што е навистина нивно, што ја раскажува нивната приказна и ја отсликува нивната  личност и наклоност, а не само обичен автомобил“.

Римац сака да го зголеми производството и профитабилноста на Бугати, но да ја задржи својата ексклузивност, па затоа вели дека годишното производство сепак ќе остане ограничено на неколку стотици автомобили.

Минатата година, Бугати оствари 200 милиони евра профит пред камати, даноци, амортизација и депрецијација (EBITDA), а Римац очекува понатамошен раст на профитот.

Порше во април годинава се согласи да го продаде својот удел од 45 проценти во Бугати Римац,  конзорциум предводен од инвестициската фирма HOF Capital. Римац рече дека вредноста на Бугати е значително поголема од две милијарди долари.

Во времето на развојот на вештачката интелигенција, автономните возила и електричните автомобили, Римац верува дека човечкиот фактор ќе остане клучен за Бугати. „Перформансите стануваат сè помалку важни, а акцентот е сè повеќе на човечката умешност и вештина“, заклучи тој.