-      Колкав е недостигот на занаетчиите на пазарот на рабонта сила?

-      Недостигот од занаетчии е огромен, пред се поради тоа што ние го намаливме бројот на занаетчиските школи, како на пример „Боро Петрушевски“, „Орце Николов“ и други , го оставивме само „Коце Металец“ и некои други дејности, како што се земјоделските. За „работничките универзитети“ веќе никој не зборува. Од друга страна побарувачката на занаетчиите е огромна, секому му е потебен електричар, водоводџија, плочкар, ѕидар итн. Се разбира дека ни требат и инженери, но занаетчиите си имаат свое место во поделбата на трудот. Концептот на образованието е одамна згазен од времето. Се покажа дека гимназиското образование е најскапо, затоа што не е веднаш употребливо. Пазарот покажува дека денеска занаетчиските вештини се многу платени. На пример, еден водоводџија за инсталирање на една мала бања својот труд го цени на 400 евра, а работата може да ја заврши, да речеме, за едно попладне. Сега сме во ситуација да имаме лица кои претпладне работат во државните фирми/институции, а попладне работат приватно и остваруваат солидна лична заработка. Со недостиг на занаетчиски кадар мака мачат и приватните компании, па спроведуваат дополнителни обуки и преквалификации, а сето тоа може да се реши во рамките на образовниот систем. Тоа треба да биде државна стратегија. Ние како приватни агенции за вработување не можеме сами да го истуркаме тоа. Во таа државна стратегија треба, пред се, да има кампања насочена кон родителите со порака да ги праќааат децата во занаетчиски школи, со таква завршена школа детето не мора да студира, а пак ќе има  можност за добра заработка и за добар живот, не само кај нас, туку било каде во светот.

-      Дали сакате да кажете дека образовната стратегија треба да се менува со оглед на новите пазарни побарувања на работната сила?

-      Да, ако не ја прилагодиме таа стратегија, ние за 5,10, 15 години ќе имаме многу поголеми проблеми со недостигот од занаетчиска работна сила. Но, властите со таа стратегија не се занимаваат, затоа што таа стратегија дава резултат на подолг рок, а политичките партии сакаат брзи популистички манифестации, лесно приемчиви кај народот, а не темелно решавање на одредена проблематика.

-      Што станува со општествениот статус на високообразованите граѓани и занаетчиски образованите. Таа дилема – дали да се остане со занаетчиско образование и подобро да се заработува од експертите, лекарите..., или да се заврши високо образование и цел живот да се преживува со една просечна плата?

-      Да, таа дилема остои кај многумина, но практиката што се однесува на економскиот развој покажува дека односот кон образованието треба да биде строго применливо, а не по желба за статусот, или во таа делба на желби и потребен кадар да се воведат многу строги критериуми за запишување на факултет, како што е во други земји. Затоа, имаме превработеност во државната администрација на дипломирани службеници, од кои многумина имаат дипломи со сомнително потекло, од непознати факултети, а нивниот продукт е нула. Сета таа непланска и непотребна работна сила во администрацијата ја чини државата, односно граѓаните, огромни парични средства, фрлени во ветер, за сметка на економскиот развој. Тоа е една од причините зошто луѓето се демотивираат и си одат од земјава, а остануваат лица со плитко знаење, односно без знаење што го бара професијата.

-      Дали вашето здружение има податок колку занаетчиска сила е иселена во европските земји и за сметка на тоа колку е покачена цената на услугите на домашниов пазар?

-      Тоа може да се провери спорд бројот на завршени во тоа образование, а колку се останати во Македонија. Но, тие податоци веројатно ги има Заводот за статистика. Но, имаме примери на високообразован кадар кој не можел да најде работа според своето образование, или не бил задоволен од заработувачката, па се пренасочил на занаетчиско образование. Значи, докажано е дека занаетчиството се исплаќа, особено во ова време во кое, како што реков, имаме огромен недостиг од мајстори-занаетчии. Во нашиот менталитет е вгнездено дека никој не сака да работи физичка работа, туку да седи во канцеларија и најголемиот страв што го имаме овде на Балканот, е – промајата!

-      Дали странските инвеститори во замјава ви се обраќаат со побарувачка за рабонта сила?

-      Да, странские инвеститори секојдневно се обраќаат во било која приватна агенција за вработување. Дел од тие компании направија соработка со техничките школи, во кои се спроведува таканареченото „дуално образование“, кое постоеше и во Југославија, но ние во одреден период заборавивме што значи „дуално образование“, а тоа значи практична работа, паралелно со годините на образованието. За тоа практицирење има и финансиска корист, затоа што таа работа се плаќа.  Тоа светот го практикува и не престанал да го практикува. Ние, како држава, тоа го занемаривме и тоа од 90тата година, со резон дека гимназијата е поевтино образование! За жал, сега имаме лица со завршен економски факултет, а не знаат да пополнат еден обичен налог. Да се вратиме на побарувачката на странските компании кои имаат инвестиции кај нас. Тие се главно занаетчиски ориентирани. Тие имаат огромен број стручен кадар, а многу мал број администрација. Останатиот кадар работи во погоните во кои треба да знаеш да ракуваш со одредни машини. Тие компании имаат волја да ги обучат, да направат преквалицфикација на одреден број лица за своите потреби. Но, младите не покажуваат доволен интерес за потребите на тие компании, иако во првите месеци се добива пристојна плата, а по тој период на обука и прилагодување, се  напредува и стручно и финансиски, што е чиста пазарна логика. Нашите млади, пак, имаат обратен став, тие веднаш бараат голема плата, - “а, јас во меѓувреме ќе научам, ако научам!“

-      Ако странските инфеститори бараат занаетчиска работна сила, а кај нас ја нема, како ги покриваат потребите?

-      Многу тешко, ако поминете покрај слободните  индустриски развојни зони, ќе видите дека постојано има истакнато натписи со информација за потребата од работна сила и на тие натписи е ставен и нивниот телефонски број.  Тие фирми бараат работници преку сите можни канали. Добро би било, ние, приватните агении за вработување, да воспоставиме подолгорочна соработка со нив, при што ние би биле финансирани од нивна страна и би направиле некој модел од кој ќе имаме заеднички интерес. Тоа би било правење стратегија за добивање нов кадар и негово оспособување.

-      Тие фирми се занимаваат со производство на делови за високите технологии, поголемиот дел од нашата работна сила досега се нема сретнато со тоа ниво на технологија. Дали во тоа постои проблем?

-      Тие бараат личноста да е посветена на работата,  да има желба за учење, да е прецизна, да е исполнителна во работата, а другиот дел што им треба го надополнуваат со нивните обуки. Секоја компанија има свој начин на воведување во работата, иако повеќето компании имаат воведено автоматизирн и роботизиран начин на производство, за разлика од она време кога се бараше физички напорна работа.

-      Дали е добро што дојдоа странските инвеститори и дали навистина донесоа нови знаења и умеења во македонскиот производствен амбиент?

-      Во однос на знаењето што го донесоа, практиката и новите технологии, тоа е позитивно и за поздравување, затоа што тие создадоа можност нашите луѓе да се соочат и да влезат во европските и светските процеси. Се разбира дека, што понапредна технологија е донесена, тоа на лицата што се вработени таму ќе им  овозможи да се стекнат со поголемо знаење. Што се однесува до привилегиите што ги узижаат во рамктие на слободните развојни зони, тоа е друго прашање. Ние, како приватни агенции за вработување, се залагаме за развој на домашното производство, на домашните фирми и компании, затоа што имаме интерес да ја развиваме нашата држава.

-      Дали тие странски инвеститори можат кога сакаат, да се спакуваат и да си отидат од земјава и да нарушат неколку макроекономски системи?

-      Примерите од земјава и од регионот покажуваат дека било која инвестиција, односно компанија што има влезено во туѓа земја, може да ја напушти земјата, да остави голем број обучен кадар на улица, а во меѓувреме го уништила домашното производство. Такви примери имаше во соседна Србија. Едноставно, без оглед на договорите со државата, ако тие компании ги искористиле субвенциите, ако се во позитива, ако најдат подобри услови во некоја друга замја од светот, го диагаат сидрото.

-      Дали со нивното „одење“ може да се наруши трговскиот биланс на земјава, со оглед на фактот дека тие се носители на македонскиот извоз, а во монетарна смисла знаеме кон што води тоа?

-      Да, тоа претставува реален ризик. Затоа ние треба да внимаваме да го негуваме домашното производство, домашните компании и еднакво да ги стимулираме, затоа што и тие можат да бидат конкурентни на други и трети пазари и да ја прошират соработката со други компании и корпорации.