„Измените на Законот за вработување во јавната администрација и на Законот за административни работници, според кои треба да биде забрането приватните агенции да даваат услуги во дел од јавниот сектор, значи враќање назад, односно легализација на ангажирањето работници со авторски договор, со договор на дело и со други форми што се злоупотребуваат и ќе се злоупотребуваат и натаму, наместо тоа да се искоренува“, вели г-дин Саша Ристиќ потпретседателот на Федерацијата на приватните агенции за вработување.
- Дали е на повидок нов проблем и отежнување на работењето на приватните агенции за вработување?
- Во 2006 година ние направивме цивилизациски исчекор во однос на претходниот период. Дотогаш, освен државниот Завод за вработување, постоеја само млaдинските задруги за вработување. Според тогашниот закон, најстарото лице што можеше да биде ангажираво преку задругите не требаше да биде постаро од 27 години, но имаше вработени на возраст и од 40, 50 години, а некои беа и пред пензија. Формите на авторските договори се злоупотребуваа, а лицата работеа повеќе години на одредени работни места и тоа на најспецифичните работи, во министерствата, во различни институции, во Клиничкиот центар, доктори медицински сестри... сите беа ангажирани или преку младинските задруги или со договор на дело, или авторски, како што ги викаа тогаш. „Договорот на дело“ значеше и се однесуваше на изработка на само еден одреден документ, или слика, или одредено дело што се испорачува, а не одредено со работно време во одредена институција. Да не говориме дека голем број од тие работни позиции беа опасни по живот, потоа беа со огромна одговорност кон трети лица итн.
- Што се семни со Законот од 2006 година?
- Со донесувањето на овој Закон во 2006 година тоа го регулиравме на тој начин што лицата вработени преку приватните агенции за вработување денес имаат стаж, здравствено осигурување, имаат одговорност според Законот за рботни односи во институцијата во која се вработени, затоа што е тоа трипартитен договор – договор меѓу агенцијата, институцијата или клиентот корисник и договор меѓу агенцијата и работникот што се ангажира, врз основа на тоа што се договорила агенцијата со одреден работодавач-клиент.
- Дали е исто „договор на дело“ и „авторски договор“?
- И ден-денес луѓето тие две работи ги мешаат. И ден-денес, 2024 година, се’ уште, во одредени институции, има лица ангажирани со авторски или со договор на дело и тоа со полно работно време. Такви случаи има од владата - до институциите, во јавните претпријатија... Оваа ситуација се провлекува, затоа што ние немаме контрола, односно контролите не можат да постигант да проверат во сите институции - на кој начин се ангажирани тие лица, затоа што Трудовиот инспекторат има одреден број луѓе што го контролираат и приватниот и државниот сектор.
- Неодамна имаше некаква иницијатива за измени на Законот од 2006 година?
- Минатата година, во составот на претходната влада, се покрена иницијатива за измени на Законот за вработување во јавната администрација и на Законот за административни работници, според кои треба да биде забрането приватните агенции да даваат услуги во дел од јавниот сектор. Тоа значи легализација на ангажирањето работници со авторски договор, со договор на дело и со други форми што се злоупотребуваат и ќе се злоупотребуваат и натаму, наместо тоа да се искоренува. Тоа само ќе се пресликува и на другите сектори и нивоа на власт, како што се општините, јавните институции и претпријатија, а понатаму следи и приватниот сектор. Тоа е еден круг против кого ние се бориме изминатиов период. За жал, кога ќе дојде инсепекција во приватниот сектор пропишува големи казни, а на државниот му прогледува низ прсти, односно како да постои неказнивост на одредени раководители. Значи, ние се соочуваме со голем проблем. Тоа е на штета на целата држава. Недостигот од работници што го имаме сега, ќе биде уште поголем. Приватниот сектор знае колку е ташко да се дојде до работна сила. Со овој проблем многу поостро ќе се соочиме многу бргу, можеби за две-три години.
- Дали сте се обратиле до државните органи со барање да се регулираат овие нерегуларности?
- Много пати сме се обидувале да разговараме со одредени институции и со некои политички фигури во државава за регулирање на таа законска форма што постои. Сме укажувале на тоа дека работодавачот-корисник што не ги почитува законските одредби од Законот за работни односи, од Законот за плати или Законот за приватните агенции, прави прекршоци, создава судски процеси кои генерираат дополнителни трошоци преку сидски постапки кои траат и повеќе години, некои траат и по 10 години, а 10 години во стопанството за една компанија се погубни. Особено тој период е опасен за малите компании, како што се приватните агенции за вработување. Неплаќањето на регреси и на дополнителни работни часови е казниво. Ако тужи, лицето ќе ги добие тие средства. Но, ние генерираме огромни трошоци кон јавните институции, а сето тоа е грешка на нивните раководствата.
- Каква корист има државата од приватните агенции за вработување?
- Државата, од приватните агенции за звработување има огромна корист, со оглед на тоа што ние вработуваме и во приватниот сектор. Во сите компании развиваме нови начини на вработување. Многу сме пофлексибилни во однос на државната агенција за вработување, која работи според некаков строг систем, регулиран со закон. Ние имаме други начини на слобода – од проценка на работното место, наоѓање кадар, селектирање, психолошко тестирање и други стручни тестирања во соработка со други стручни институции до воведување на работниот кадар во процесот на работа и следење на целокупната функционалност на одредена компанија. Потоа, формираме нови продукти на понуди, кои, заедно со одредена гранка ги договараме. Еве, сега е актуелно берењето грозје, јаболка... Ние имаме голем проблем да најдеме лица за таа работа. Во моментов имаме соработка со клиенти од ресенскиот регион. Висината на дневницата сега таму изнесува 2500 – 3000 денари, но, ќе повторам дека имаме голем проблем да најдеме работници. Освен тоа, се соочуваме и со други одредби од законската регулатива што тапкаат во место и по 8 години, како што е прашањето за ангажирање лица што веќе работат некаде. Прашањсето е, дали, ако ги ангажираме, ќе ги изгубат привелигиите што ги имаат. На пример, студентите што користат стипендии, ако се пријават некаде за работа, автоматски ја губат стипендијата, а тоа се привремени работи. Секаде во светот е нормално студентите да се мотивираат да работат. Кај нас е обратно. Како да сакаме да дадеме порака да не работиме, а тоа може да биде добро регулирано на задоволство на сите.
- Дали тие нови пакети што ги спонавте и што им ги нудите на фирмите се во координација со сите агенции, или секоја посебно работи на формирање свои пакет-понуди?
- Па, имаме и посебни пакети, но и координирани, меѓусебно договорени, тоа се прави по потреба. Се координираме во случај кога одреден голем клиент една агенција не може да го „покрие“. Тогаш настапуваме заеднички, сите имаме интерес. Сега, во соседството имаме еден голем настап што ќе се случи во 2027 година, за што се ангажирани сите можни агенции. Не’ ангажира државна институција, која не прашува за цената, битно е ние да ја завршиме работата.
(продолжува )