(продолжение од минатиот број)

-      Колкава е вашата провизија во однос на другите земји од регионот?

-      Нам ни забележуваат дека сме наплаќале премногу, иако провизијата што ја наплаќаме се движи околу 10  проценти, а во регионот се движи од 20 до 25 насто. Просекот на платитие во регионот е многу повисок од нашиот. Истата работа ја работиме, но ние, агенциите, знаеме во каква средина живееме. Се обидуваме да најдеме разбирање кај сите досегашни власти, и кај сегашнава, некогаш сме наидувале на разбирање, некогаш не. Им укажуваме дека нашата провизија воопшто не е голема во споредба со провизијата што ја наплаќаат агенциите од регионов. Им укажуваме на висината на просечната плата во сосоедните земји и кај нас. Во Хрватска, во секторот туризам, на пример, висината на платите се движи од 2 илјади евра па нагоре, провизиите на агенциите се дивжат од 10-15 насто, но провизијата на таа плата и провизијата на македонските плати во апсолутен износ е многу помала, а, ќе повторам – се работи за иста работа што ја работат и хрватските и македонските приватни агенции за вработување. Освен тоа, на вработените во самите агенции треба да им се обезбедат пристојни плати за да се задржат на работа.  Законот за агенциите, особено за тие што имаат „А“ - лиценца, налага да имаат најмалку шестмина вработени, а ние имаме и повеќемина. Нив не можете да ги задржите со плата од 20 илјади денари. Тие вработени работат за клиенти од цела Македонија, од Скопје, од Гевгелија, од Охрид, од Берово итн. Одиме на пат, па имаме изработување докумтација итн. Луѓето мислат дека нашата работа се состои само во потпишување еден обичен договор. За потпишување договор кај адвокат ќе платите висока сума, а кај нас, во еден месец, за еден работник, работиме разни потврди, пресметки за плати...само едно сметководствено биро за пресметка на едно лице ви бара толку и толку пари, а за исите тие трошоци ние наплаќаме еден одреден процент од  македонските плати. Не знаеме зошто одредени политичари, или дел од власта го поставуваат тоа прашање, кога буквални ние сме еден незначителен сектор во однос на се’ што се набавува во разни институции за што се трошат огромни суми што е несфатливо.

-      Можеби некој е против вашето постоење...?

-      Некој се обидува да се оправда на нашето постоење и работење за да скрие одредени свои недостатоци.

-      Кој е тој?

-      Па, најчесто нетрпеливоста кон нас доаѓа од лица вработени во одредени институции. Можеби се разочарани од своите лични примања што ги добиваат таму, но ние не сме виновни за тоа. Тие можат во секое време да го напуштат тоа работно место, да си побараат место во приватниот сектор и да имаат поголеми примања. Нивната плата во приватниот сектор би била најмалку 50% поголема во однос на платата што ја земаат таму. Второ, најчесто коментарите во однос на нашето работење доаѓаат од лица вработени во државниот сектор, а немаат познавања од Законот. Дури, од нашите контакти со нив, гледаме дека има и такви што не го ни прочитале Законот. Тие луѓе, вработените преку приватните агенции за вработување ги сметаат како вработени кај нив, а не се! По Законот тие се врабтени во агенцијата, а не во министерството, во општината, во јавното претпријатие... Законот е многу јасен! Лицето има еднакви права како и редовно вработените во неговата компанија или институција?

-      Како го оценувате Законот?

-      Законот е добар, но треба да се направат одредени измени и усогласувања со други закони. На пример, во случај на тужба од страна на работникот, таа тужба да биде адресирана директно до работодавачот, да речеме за некоја неисплатена ставка. Ние имаме тужби од работници за неисплатен регрес за годишен одмор од јавно претпријатие со кое имаме склучено договор. Тоа претпријатие има донесено одлука дека нема да исплаќа регрес поради недостиг од пари. Подоцна дознаваме дека за редовно вработените има исплатено К-15, а за лицата вработени преку агенцијата нема исплатено. Во тој случај, тој работодавач сигурно го губи случајот пред судот. Ние, милион пати сме се обидувале да им укажеме дека парите траба да се исплатат, тие велат – тужете! Но, по судскиот процес, сумата што требало да ја исплати таа фирма се зголемува од 120 – до 150 проценти. Иако од наша страна им било укажувано на тоа, а ние немаме ни потреба да им укажуваме дека исплатата на регресот е законска обврска. Во таков случај, на одговорност треба да се повикаат правниците и раководителот на тоа претпријатие. За нас проблемот е во тоа што во такви случаи „заглавуваме“ многу пари и енергија, влегуваме во судски процеси за што немаме потреба. Ете, тоа е еден од недостатоците во однос на усолгасувањето на законите. Втора работа е што судовите меѓу себе не признаваат судски одлуки на други окружни судови. На пример, кичевскиот суд не признава одлуки од струмичкиот суд, како да работат во посебни држави. Така, ние имаме огромни проблеми со кои се соочуваме. Имаме фирми и агенции што се тужат, па процесот оди дури до Врховниот суд, па назад, па основните судови не ја почитуваат одлуката на Врховниот суд. Тоа губење време и енергија за една компанија може да значи банкрот. Тоа е погубно за компаниите и срамота за нас.

-      Како оди исплаќањето на платите на работниците што се вработуваат преку агенциие, дали фирмата работодавач, односно ваш клиент директно им ги исплаќа платите?

-      Не, платие се исплаќаат на агенцијата, а агенцијата им ги исплаќа на работниците. Ние тоа го правиме врз основа на извештај од работодавачот, наш клиент, за ангажираноста на вработеното лице - што работело, како работело, дали работело прекувремено итн. Ние, како агенција, не можеме да водиме евиденција во секоја институција, или претпријатие. Ако го правиме и тоа, треба да наплаќаме двојно поголема провизија, затоа што треба да ангажираме дополнително работен кадар или технологија. Затоа е така дефинирано со Законот, од страна на работодавачот-корисник да има лице задолжено за комуникација со агенциите и тоа лице дава извештај за лицата ангажирани кај него колку ефективно работеле и дали има одредени награди, бонуси, казни и друго. Врз основа на тој извештај ние ја подготвуваме платата, ја фактурираме кон нив и по исплатата од стана на фирмата на нашата сметка, го исплаќаме лицето. Многу пати се случува ние да ги исплатиме работниците, а работодавачот да ни должи. На пример, во Скопје има општини, градинки... што ни должат и што ги чекаме. Тие зависат од буџетите, па така се случува тој „вакум“ - ние да ги финасираме. Во моментов имаме должници што ни должат веќе три месеци, иако, според Законот за приватните агенциите, ние по еден месец можеме да го раскинеме договорот, без оглед на тоа што лицата се ангажирани на повеќе месеци или на една година. Тоа раскинување значи дека имаме законска можност да ги одјавиме и да продолжиме да ги побаруваме средствата што треба да ни бидат исплатени. Ние тоа не го правиме, затоа што имаме обзир кон функционирањето, кон луѓето, дури понекогаш и кредитно се задолжуваме и тоа е трошок. 

-      Што ќе донесат измените во Законот?

-      Овие измени што се бараат од страна на одредни лица, како што реков на почетокот на разговоров, ќе направат огромна штета на државата, затоа што ние сега се соочуваме со такви проблеми што се однесуваат на неисплаќање на средствата што, според Законот за работни односи и според Законот за плати, секое ангажирано лице траба да ги добие. Во тој случај секаде ќе се зголемат злоупотребите. Штетите ќе бидат многу поголеми за луѓето, а тоа ќе се рефлектира и во здравствениот сектор, како што беше и пред 2006 година кога имаше ангажирано доктори и медицински сестри по договор на дело, според кој лицето ќе нема никава одговорност, а ќе бидат казнувани и лицето и работодавачот-корисник.

-      Дали вработувањата во јавниот сектор се доволно транспрентни или тие одат според некави клучеви?

-      Во приватниот сектор изборот е на сопственкот на фирмата, но во јавниот сектор најбитната работа е  транспарентноста во вработувањата. Тоа треба да го прави јавната институција преда да ни побара такви лица. Потоа ние објавуваме огласи, бараме работници, било за приватниот, било за јавниот сектор, за да ја задржиме таа транспарентност што треба да се задржи.

-      Дали има разлика во продуктивноста на лицата ангажирани директно од фирмите со лицата ангажирани преку приватните агенции за вработување?

-      Лицата ангажирани преку приватните агенции за вработување се многу попродуктивни од лицата со решени во самите институции или во било кој дел од приватниот сектор, затоа што секогаш се трудат работата да ја завршат брзо и ефективно и за тоа да бидат платени. Или, ако сакаат да го задржат тоа работно место, работат максимално за да се докажат повеќе од вработените со решение од фирмата – работодавач. Значи, тоа е уште една полза од агенциското работење.