Дали македонските граѓани се научени да живеат во неред и во нечистотија, дали и како можат да ја толерираат таа негрижа за чистотата на средината во која живеат. По овие прашања, следуваат прашањата - зошто нема просперитет, зошто никој не сака да го унапреди урбанистичкиот концепт на Скопје, на пример, како архитектонски најзагрозен град, и кој беше светска авангарда по земјотресот од 1963, според идејниот проект на големиот јапонски урбанист и архитект Кензо Танге.

Градското раководство ја има изгубено контролата врз главниот град, а општинските власти врз територијата на својата општина.

На социјалнте мрежи, од сите страни стигнуваат поплаки дека градовите се преполни со ѓубре што не се собира. Граѓаните не се должни да знаат која комунална обврска кому му припаѓа, па тоа им дава простор на тие што треба да ја имаат хигиената во своја надлежност да манипулираат. Граѓанинот, за комуналните услуги плаќа одредена сума, а кој ќе се појави на улиците со „гарбич тракот“, не го интересира и не треба да го интересира. Нему му е важно ѓубрето да биде собрано на време и улиците и градот да бидат чисти. Некои „аналитичари“ велат дека и граѓаните се виновни за тоа што фрлаат многу ѓубре. А што да прават? Ѓубрето се насобира секој ден од амбалажа од градежен шут, од пластика, од гранки од огради и од дрвја, па каде да го фрлаат, тие не можат сами да го организираат масовното собирање на отпадот. Затоа постојат градските и општинските органи и сектори, кои мораат да бидат добро организирани за да го доведат градот во чиста состојба. Особен проблем е градежниот шут кој, за извесен наодмест, некој див камионџија го товара и го носи - никој не знае каде. А каде би можел, освен во подножјето на накоја блиска планина, или во некоја река.  

Да признаеме и тоа дека градовите се пумпаат со население кое со себе ги носи и селските навики на фрлање отпад во средини многу поретко населени, па не можат да сфатат дека во густо населените места, ѓубрето не се однесува исто како ѓубрето фрлено на широките простори, ниви, ливади и полиња, иако еднакво е опасно и непожело за природата.

Една од најпонижувачките навики за културата на нашиот народ е фрлањето отпад во Охридското Езеро. Никој паметен не може да се помири со тоа дека во неговите длабочини се фрлаат цели гарнитури намештај, стари фрижидери и шпорети, па тој отпад, заедно со потонатите рибарски мрежи и со пластичните шишиња од угостителските локали, постојано го унишуваат езерото што ни го дал господ на уживање уште пред 4 милиони години. Никој нема милост ни кон езерото, ни кон водата, ни кон рибите, ни кон гостите, кои се повеќе се разочаруваат од толку фалениот Охрид во кој наводно има 365 цркви, а никој не верува во Бога.

Додуша, од идејата за сепарирање на отпадот за рециклажа, за организирано менаџирање, нема ни трага, ни глас. Никој не кажува како да постапуваат граѓаните со отпадот, освен да го фрлаат во контејнерите, преполни, а ако некој однесе црвст отапд до контејнерот, му се заканува казна!

Третманот на ѓубрето кај нас изгледа како последен проблем, а е еден од првите. Последен изгледа затоа што ѓубрето се смета за најниска категорија на човековите продукти, се именува со неколку имиња: „ѓубре“, „смет“, „отпад“, па дури се употребува и како опис за некои човечки карактери. Со тоа, не се смета за сериозно, а тоа е многу сериозна секундарна материја која е до нас, па и дел од нас, ако не ја третираме како што треба, таа се претвора во извор на зарази, на муви, на глувци, на преносливи болести, што значи дека третманот на ѓубрето мора да се сфати како комплексен систем на повеќе институции и од повеќе здравствени аспекти.

Во актуелнава претрупаност на главниот град со ѓубре, никој не дава прецизно одговор - зошто е тоа така?. Граѓаните се прашуваат и нагаѓаат - кога ќе дојде камионот да го собере двонеделното ѓубре. Некои, вината ја префрлаат на градот, некои на општините, односно на градоначалниците кои ги чекаат локалните избори, што се на прагот. Градските власти вината ја префрлаат врз општините, односно велат дека тие им немаат исплатено надомест на приватните фирми ангажирани за собирање на отпадот врз основа на потпишаните договори. Ако е така, тие фирми се потполно во право, ако немаат добиено пари, не можат да работат - и да сакаат. Општините се во дебели финансиски минуси, но зачудива тоа што и покрај добиените средства од унгарскиот кредит во висина од 250 милиони евра, пак доцнат со исплаќањето за услугите на комуналците.

Сега, оваа тема навелгува во пошироки димензии, како на пример: кај се парите, за што се потрошија, зошто нема брза реализација на тие пари, зашто, ако нема брза реализација, нема ни да има ефекти од нив, а многу лесно може да се случи, како што се случува стално во Македонија, на тие пари да им се изгуби трагата.

Јаноста е изненадена и од фалбите на власт дека со новиот фантастичен кредит од 6 милијарди евра од Британија ќе бил решен проблемот на дивите депонии во Македонија! Зарем со сопствени средства не можеше да се реши тој проблем, или се работи за незнаење, несакање, за корупција или за кој знае што?

 Дури, некои велат дека овој напад е смислен и е стратешки напад врз здравјето на еден мирољубив народ кој не знае да менаџира и е оставен на стихијата и можеме слободно да речеме дека и покрај сите фалби и лажни резултати за некаков цивилизациски напредок, е во слободен пад во  сите сектори.

Со нашите навики и со однесувањето не можеме да се пофалим пред светот дека сме се искачиле на некакво ниво во присуство на опасното и одвратно ѓубре околу нас.

Мораме да бидеме свесни дека светот не гледа во рамката на целосната слика на амбиентот, значи како дел од ѓубрето, а ѓубрето како дел од нас. Ниедна европска парфимерија не може да ја отстани смрдеата од амбиентот што го чувствуваме како природна животна средина и ни е пријатно во неа.