Многу интересен феномен и човекова карактерна особеност е „верувањето“. Верувањето е основа на маркетиншката наука, која, со кампањи, со начини и методи, настојува да го убеди реципиентот, да го освои неговото верување дека тој и тој производ е добар, а купувачот на крајот ќе поверува дека е направен само и специјално за него. Но, тоа не завршува во продавниците. Откако е светов и веков убедувањето одело на разни начини и преку разни средства, од телалско викање на сретсело, па преку просто огласување на бандера, одење од врата на врата, телефонски јавувања, преку печатот, телевизијата – најмоќниот медиум, и на крај на интернет, кого веќе секој од нас го има в џеб. Штом ќе отвориме – не’ напаѓа убедувањето. Грдни пари се потрошени и се трошат за убедување, односно за осојување на нашето верување или на вашата доверба.
Да не заборавиме дека маркетингот не се однесува само на економската сфера, туку на сите области на општественото живеење, па дури и нашиот личен настап на животниот пазар, чија метафора најгенијално е извајана во романот на Ог Мандино – „Најголемиот трговец на светот“, е нашето убедување на „купувачот“ на нашата личност.
Научниците за убедувањето имаат одбрано збор од латинскиот јазичен фонд „persuasio“ - уверување, наговарање, настојување да се дејствува врз расудувањето, врз ставовите на единката.
Затоа се водат „крвави борби“ за освојување на нашето верување, исто како и борбата за државниот буџет, што всушност е вистинската цел на убедувањето.
Верувањето е став! Но, ставовите се менлива категорија. Тоа го знаат тие што се занимаваат со маркетингот. Само глупавите и слепците не го менуваат ставот. Тие се држат цврсто за првото свое верување, за првата своја љубов и одат до крај, до амбисот и понатаму – ако треба. Тие не веруваат во видливата состојба на очај, на сиромаштија, која е рангирана и од најрелевантните европски и светски институции дека една земја и сите граѓани пропаѓаат, дека шансата за враќање во некаква нормала е се’ подалeчна и дека тоа оддалечување се претвора во буквална и реална опасност за нивниот живот и за опстанокот на државата, а тоа значи нарушување на секојдневниот мир, многу реален недостиг на продукти во маркетите, ценовна ескалација до максимум и крах на целиот економски сиситем, па и до непријатни сцени! Ние, сега, за економското страдање веќе нема со кого да бидеме споредени во регионов и пошироко, затоа што сме тој - нејнегативниот и единствен пример. Тоа го покажуваат сите анализи.
Убедувањето има и градација. Поимот може да се однесува и на убедување со примена на сила или уцена. Кај нас, ова второво, е познато како клиентелизам, максимално навлезен во јавниот сектор. Значи, постои тешка убедливост и лесна убедливост. Кај нас се применувале и се применуваат и двете методи. Но, за лесната убедливост е потребна само глупост и верување во неверојатното. Овој метод и начин го имаат многу добро сфатено „илузионистите“, продавачи на магла и на непредена волна, не дека се многу образовани и дека го имаат некаде прочитно терминот „персуазија“, туку тие дејствуваат по инстинкт, по волчја интуиција за давење на пленот в гуша. Тоа го потврдува „џини коефициентот“ на Светската банка. Тоа е метод за мерење на нееднаквоста на приходите во едно општество, односно за нерамномерноста на распределбата на капиталот во една држава. Колку е поголем коефициентот на „џини“, толку е поголем јазот меѓу приходите на најбогатите и најсиромашните луѓе на една земја. Поголемиот коефициент укажува и на побавен раст на БДП, намалена подвижност на приходите, поголеми долгови на домаќинството, политичка поларизација и повисоки стапки на сиромаштија. Скалата е од 1- 100. Откако почна грабањето од времето на приватизацијата, легална, со закон, Македонија е една од земјите со највисок коефициент кој покажува дека богатството е во рацете на 10тина проценти од населението, а 90 насто живеат или во релативна или во апсолутна сиромаштија. Значи, богатството е во рацете на убедивачите, на тие неколку проценти. Тие, убедените ги гледаат само како викачи, кои, поради својата убеденост, се подготвени и да се заколат. Еден таков верник во убедувањето, за да им даде глас на тие што нема ни да се сетат на него, ниту пак слушнале за него, во една анкета одговори дека дошол на митинг „заради еден сладолед, многу убав, од тие големите“! А, ние, убедените, им купуваме „мерцедеси“ и кога ќе налетаат со придружбата со силни предупредувачки сирени, понизно им се тргаме од патот, зашто, и да не згазат, нема да одговараат, едноставно нашите животи речиси и да немаат вредност.
Но, ние верувме! Секој ден ќе се возиме со автобусите на градскиот превоз - што не доаѓаат никогаш, ќе јадеме корења ако треба – леб и така тешко се купува, ќе имаме најлошо здравство, најлошо судство, судии што ни право седат ни право судат, најдолно образование - најмногу факултети по глава на жител – а најнеписмени луѓе, најмали плати во регионов, ќе веруваме дека имаме јака дипломатија - а немаме факултет за политички науки, дека имаме јаки дипломати - ама не се од кариера, дека имаме музика - а нема ниеден нов хит, но веруваме дека се’ е под контрола и дека траба само да веруваме – и да не гледаме нагоре.
Да, секој има право на свое мислење, но прашањето е - врз база на какво и на колкаво образование се темелат тие ставови? Со оглед на општото ниво на образованост, можеме слободно да речеме дека ќе поверуваме и ако некој ни каже дека врбата родила грозје! Најкарикатурална и најпогубна убеденост во последниве години беше широко прифатената крилатица, „крадат, ама градат“, а убедените понатаму ги убедуваа другите во тоа и така добивме убедлива титула – „Европска престолнина на кичот“. Да се гради може, а да се краде не смее!
Ете, таквото и сличните верувања не’ доведоа до ова дереџе. Сето тоа секојдневно в лице ни го плеска ЕУ, а ние уште веруваме дека успешно ја дрибламе со нашите итарпејовски итроштини.
Сите сакаат да јаваат на лесната убедливост. Кај нас таа е систематски инсталирана. Се затвораа медиуми, се судеа и се затвораа новинари што пееја рано на сабајле, некои од нив се нафатија да бидат одлушнати дувачки инструменти во убедувањето и, богами, добро заработија, а не одговараа! Сега, пак фаќаат залет, веројатно ќе убедуваат за тој што ќе ги плати повеќе.
Сето ова убедување потсетува на еден виц од Војната кога Бугарите ги лажеле своите граѓани со лагата - „наште самолети една седмица го бомбардират Лондон и оште не са се врнали, ште напават од Лондон гардина за картофи“! Или, кога севернокорејската телевизија информирала за големите успеси на нејзината репрезентација на светското фудбалско првенсто на кое не ни имала репрезентација и – сите верувале.