Кај нас се’ се работи некако предвреме, некако тајно, некако инаетчиски, прекутрупа, чаламџиски, за инает на душманите. Така и најавениот кредит од 500 милиони евра падна од неб в ребра, без за тоа да има јавна дискусија, без анализа, без донесен закон, а нели се’ работиме според законот.
За некои, тоа е херојство и голем успех, а повоздржаните и попретпазливите ќе се прашаат како е даден тој кредит, под кои услови и зошто, никој досега не слушнал дека се подготвувал закон за задолжување, па комисии, па пленарка и на крај гласање!?
Никој не кажува од кого ЌЕ се земе тој кредит, освен - „од Унгарија“. Никој не кажува која финснсиска институција стои зад тој кредит, затоа што државата Унгарија не е банка, а ако таа ги дава парите од државниот буџет, исто така од таа страна мора да стои некаква одлука, а не договор во четири очи меѓу двајца премиери. Таков договор може да се именува како „џелнтлменски договор за добри намери“, а не да се создава фама дека со два збора во Македонија ќе наврнат огромните 500 милиони евра. Друго, каква е таа „специјална економска соработка со Унгарија“, зошто мора да биде специјална, а не со чисти сметки и дали, ако е специјална, значи нешто повеќе од тоа?
Се поставува прашањето – за што ќе се потрошат тие пари и кому ќе му се дадат. Зар еднаш во европските извештаи ни е укажано на тоа дека европските пари не се трошеле наменски, а знаеме што значи тоа! Ако европските пари не се трошеле наменски, со право можеме да се прашаме како ќе се трошат парите врз основа на билетерален и нетранспрентен договор.
Ако се најавува дека пола ќе им се дадат на општините, а пола на бизнисот, тогаш во ред е да прашаме - кај се критериумите, условите, кои фирми ќе можат да бараат и на кој начин ќе можат да бараат, дали ќе бидат вклучени и банките во трансферите, или ќе треба да се чука на партиска врата?
За „потеклото“ на тие пари веќе има безброј прашалници и извичници од целата Европа, која, во барањето заем од Унгарија, гледа скршнување од патот на Македонија кон Унијата. Но, луѓето се палат на паролите: „ние пред никого нема да го свиткаме р’бетот“.
Од економски аспект – Македонија е презадолжена со речиси 62% надворешен долг од БДП, што за нашата економска (не)моќ е огромен товар. Се’ уште се оди на тоа – и претходната власт се задолжуваше, ќе се задолжуваме и ние. Ниедна власт, не успеа, наместо да ја стави сивата економија под контрола, да престане да се задолжува со пари кои се рамни на губитокот на даноците од сивата економија. Но, не е ново ако кажеме дека сивата екномија е амортизер на социјалните тензии, а да не зборуваме за црната економија, кој е присутна пред очите на сите нас, ама за тоа не е упатно да се зборува.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска пред две недели во Анализа на ТВ 24 рече дека, покрај заемот од Унгарија, Владата размислува за ново надворешно задолжување преку издавање еврообврзница. Почнувајќи од јануари, па во следните три години, земјава теба да врати 2,87 милијарди евра или половина годишен буџет, за да го отплати долгот од претходно издадените четири еврообврзници. Од овие пари, речиси половина милијарда се камати.
Опозицијата тврде дека не е точно дека каматата од 3,25% за унгарскиот заем е многу поволна.
„За овие 500 милиони евра кредит од Будимпешта, граѓаните ќе треба да вратат над 150 милиони евра камати од кои само во првите три години над 50 милиони.
Македонија веќе користи кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по подобри услови, односно каматна стапка од 1,6% со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години и дополнителни 100 милиони со 3,5% каматана стапка. Значи имаме кредит од реномирана институција кој е поповолен за стопанството. Во моментов стопанството има на располагање кредити со каматна стапка под 3%. Шти занчи дека поволноста на овој кредит е огромна лага. Одлуката е политичка, а не финансиска.“
Се разбира дека секоја плитичка страна има право на приговор, но факт е дека целата оваа финансиска операција има нејасни контури, што значи матни, не до крај разјаснети, зашто, не сите информациите ги примаат како што се пласирани, туку има и такви што поставуваат логични прашања. Интересно е тоа што носителите на макроекономската плитика досега немаат јасно и гласно изрзено став по ова прашање.