Септември го изгуби своето значење во животот на Македонците. Тоа не е веќе тој месец во кој влегуваме оставајќи ги летните спомени на крајот од август и сите домаќински мисли ги насочуваме кон тоа каква зимница ќе правиме и која прва ќе ја фатиме. Ајварот, порано беше задолжителен. Не можеше да се замисли една куќа да не се ангажира со сите свои материјални и кадровски резерви во правењето на тој феномен, особено карактеистичен и со посебен вкус по македонски рецепт. Шармот и сласта на таа „постапка“ го надополнуваше убедувањето - дали треба да се стават модри патлиџани и колку, или само црвени, или може и без нив, па колку зејтин и колку да се пржи. На сето ова, лезет беше да се почуствува мисирот на печената пиперка, каков што нема замена за ниеден модерен парфем, што се ширеше од сите страни на маалото. Чадот од малите ќимбиња ни годеше како чадот од некоја вкусна цигара. Гореше и збивташе таа фабрика, вработувајќи макар и на еден ден огромна работна сила која произвдуваше – ајвар!

Сега тој муабет е стивнат, срам ни е да кажеме дека оваа година не можеме да го направиме, зашто сето тоа е скапо, и дека се чудиме што ќе намачкаме на лебот оваа зима. Срам ни е да кажеме дека го изгубивме големиот комплимент, за кој не бевме свесни дека е голем -  „Македонија е земја на пиперките и патлиџаните“!

Тоа беше нашата таксена марка, нашиот идентитет, пред другите југословснки народи и народности. Дури постоеше трка во заштитата на трговската марка! Па така, името на ајварот пред нас го заштитија Словенците, а ние, како што не дал господ, во немоќ само констатиравме и ги озборувавме дека не зафркнале, ама за тоа нив уво не ги болеше.  

Во времињата кога го правевме, ни се чинеше дека живееме висок стандард, благодарение на евтините пиперки и домати. Сега тие се тие што ни го уриваат стандардот, затоа што се скапи и ги нема.

Едноставно домашното производство го нема, односно е намалено за повеќе од 50 проценти.

Македонските полиња, што ја имаат таа географска и климатска среќа да не бидат се’ уште претворени во пустини, се запустени од самите нас, зарастени, неизорани, непосеани, непосадени...

Сета македонска памет, интелигенција и амбиција е насочена кон „овновите мадиња“, чекаји во секој момент да паднат, а ние со сласт да ги лапнеме.   

Земјоделската политика воопшто не е проста како земјата, туку е комплекс мерки сложени, последователни, доследни истрајни, постојани, долгорочни... Македонија има најслаба економска и земјоделска политика во регионов и пошироко. Тоа го покажува узовот на основните земјоделски производи од Албанија, од Турција, од Бугарија, од Србија итн.

Ушто по првите манифестации на климатските промени, што  носат суша и поплави, паметните земји веднаш ја вклучија својата наука со задача да пронајде излез од тие закани, односно катастрофи, па на интернет може да се види   производство на огромни моркови, на огромни лубеници, на отпорни сорти, брзорастечки и брзосозревачки, на сорти што ќе ги замант фосилните горива, како на пример „мискантусот“, еден вид трска, со огромна дрвна маса која расте дури и на неплодна земја, а има високи приноси, итн.

Само лесноверните се занесени по ветувањата дека само што не дошле големите странски инвестиции и само што не не’ спасиле од нашата беда и наивност со милијарди пари во џебовите, без да ни текне дека тие не доаѓаат за нас, туку доаѓаат за себе, за да го остварат тоа што го наумиле и да кренат партал и да не заборават во истиот момент, уживаќи ги условитте за стопанисување во некоја далечна дестинација од која, исто така, наскоро ќе избегаат. Условите на некакви ИПАРДИ- мипарди не се за гордеење, со тоа признаваме дека сами не можеме, а имаме добра земја. Капиталот е подвижен и пртпазлив како срна. Само ние не сме способни материјалниот капитал да го оплодиме, да му дадеме додадена вредност, а нашата лична идеолшка наклоност да ја сметаме за некаков иден капитал ако ни се укаже шанса да работиме во државната администрација. Никој веќе во Македонија не фаќа мотика.

Затоа мирисот на ајварот е се’ подалечен и ни бега со брзината на звукот, па така еден ден веќе никој нема да се сеќава како мирисаа маалата во септември, па до средината на октомври. Тоа што ќе го купиме, ако можеме, во маркетите, можеби и нема да биде ајвар.