Под мотото „Македонистички гордорек“, од вчера во Охрид започна 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Годинава на Летната школа учествуваат 65 македонисти од 17 земји, кои ќе го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура до 29 август.
Македонистите доаѓаат од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Јужна Кореја, Романија, Русија, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка. Паралелно со Летната школа, 81 учесник на 51. Меѓународна научна конференција ќе ја развиваат македонистиката како наука.
57. Летна школа во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ја отвори претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а добредојде на македонистите им посака и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, како и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Потоа, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Биљана Ангелова и директорката на Семинарот, проф. д-р Кристина Николовска. Во музичката програма настапија Драган Даутовски, кој свиреше на окарина, древен иструмент од пред 7.000 години, и Андријана Јаневска со вокална изведба. А во рамките на свеченото отворање е промовиран и Зборникот-Предавања од 56. Летна школа.
За првпат годинава, на свеченото отворање се доделени наградите „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнувања и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката.
Наградите се врачени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. На отворањето беа доделени и благодарници „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката, на Општина Охрид, АД Алкалоид-Скопје, АКУД Мирче Ацев, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Перчо Божиновски заменик градоначалник на Општина Охрид, Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид-Скопје и Благоја Јованоски, директор на АКУД Мирче Ацев.
Годинава, како што истакна директорката проф. д-р Кристина Николовска, програмата на 57. Летната школа ќе има подновен концепт со визија, со збогатени и иновативни содржини.
„Покрај редовна лекторска настава и пленарните предавања на реномираната филолошка и културолошка школа на УКИМ, од оваа година започнува амбиентална настава која ќе се одржува во срцето на градот Охрид, на изворите на сесловенската и македонската писменост. Амбиенталната перипатетичка настава ‘По стапките на Свети Климента’ ќе ја одржуваат проф. д-р Димитар Пандев и проф д-р Кристина Николовска, започнувајќи од манистирскиот и археолошки комплекс Плаошник, продолжувајќи во култните Спомен-куќи на: Григор Прличев, Робевци, Христо Узунов и Уранија. Амбиентална настава ќе има во Манастирот Свети Наум, и во поетска Струга во Спомен-куќата на Браќата Миладинови. Програмата предвидува и културно-историски екскурзии, како што се: посета на старото градско јадро на Охрид, патување со брод до Свети Наум, екскурзија во Струга и Вевчани, и посета на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, соопштија организаторите.
Според директорката Николовска, оваа година програмата е збогатена и со културни настани, промоции, средби со писатели, како и курс по македонски народни ора. Преведувачката работилница ќе резултира со два зборника: „Гане Тодоровски на недорек јазици“(95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот). Во овие зборници ќе бидат вклучени и две „Песнарки“со „Кажувачки“ наречени „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици и јавни личности.
На 30 и 31 август ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, посветена на великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Конференцијата ќе носи слоган „75 за 75“, во чест на 75-годишнината од основањето на УКИМ. Годинава, на конференцијата ќе учествуваат 81 учесник, а на целокупната манифестација околу 150 македонисти ќе придонесат во развојот на македонистиката и Меѓународниот семинар. По конференцијата, ќе бидат објавени два зборника: Предавања од 57. Летна школа и Зборник од 51. Меѓународна научна конференција. Летната школа досега има учесници од над 60 земји, со повеќе од 4000 семинаристи, и интересот за неа продолжува да расте.
Оваа значајна манифестација се организира со поддршка од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Министерството за култура и туризам, Општина Охрид, и други поддржувачи.
„Македонистичкиот гордорек“ е грандиозна мисија, со далекусежна визија, но и наш свет завет – македонистиката како наука да ја возвишиме на повисоко преку светска афирмација и третман на македонистиката како врвен национален интерес. Имаме прекрасна древна традиција, развиена наука и раскошна уметност, кои се прекрасно лице на нашата култура. Македонската култура е прекрасен изворник на врвни и драгоцени цивилизациски придобивки како што се: писменоста, просветата, науката, културата и уметноста, истакна директорката на Меѓународниот семинар, Николовска.