„Паметно земјоделство – иднина на земјоделството и руралниот развој“ е  насловена конференцијата што Земјоделскиот институт – Скопје, во рамки на проектот „EIT Food Start-Up Awareness Event“, финансиран од Европската Унија преку Европскиот Институт за иновации и технологии – EIT Food ја  организира оваа недела, на 9. ноември. На конференцијата ќе учествуваат експерти од науката образованието и приватниот сектор од оваа област.

Паметните технологии се актуелни во сите сфери на нашиот живот, но како и колку тоа се прифаќа во нашите услови, како  се одразува и колку наоѓа примена во земјоделството, каде драстично се осипува работоспособниот кадар разговараме со Проф. д-р Виктор Ѓамовски, директор на Земјоделскиот институт – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. 

 

1. Г-ине  Ѓамовски, Земјоделскиот институт – Скопје, како научна истражувачка организација подготвува конференција насловена: „Паметно земјоделство – иднина на земјоделството и руралниот развој“.  За што конкретно станува збор, идејата, целта?

- Земјоделскиот институт - Скопје во рамки на проектот „EIT Food Startup Awareness Event“, кој е финансиран од Европскиот Институт за иновации и технологии – EIT Food на Европската Унија организира конференција на тема „Паметно земјоделство – иднина на земјоделството и руралниот развој“. Целта на оваа конференција е да го актуализираме прашањето поврзано со примената на новите технологии во земјоделството, кое претставува многу значајна социоекономска гранка во нашата држава, покривајќи околу 10% од БДП. На конференцијата ќе бидат презентирани глобалните и националните трендови во паметното земјоделство, со акцент на растителното производство, односно во лозарството, овоштарство, полјоделството и градинарството, сектори кои ги покрива Земјоделскиот институт и работи на нивно унапредување и развој.

 Со примена на ИКТ- поголеми приноси

Со оглед дека земјоделството минува низ т.н. четврта револуција, предизвикана од експоненцијално зголемената употреба на информатичката и комуникациската технологија (ИКТ), очекувањата се дека овие технички подобрувања ќе генерираат големи промени во земјоделските практики. Овие промени не се случуваат само во развиените земји, туку и во земјите во развој како што е нашата, каде што употребата на мобилните телефони и пристапот до интернет се развива со брзо темпо. Следењето на овие трендови е од исклучителна важност за подобрување на конкурентноста на нашето земјоделство, кое иако има долга традиција и голем потенцијал за развој, се соочува со низа предизвици, како што се ниска ефикасност и механизираност. Токму затоа, паметното земјоделство како една неминовна трансформација за идниот развој на нашето земјоделство ќе биде фокус на конференцијата што ја организира Институтот. Поради мултидисциплинарниот карактер на паметното земјоделство, на конференцијата се поканети луѓе од различни профили, како што се научните работници и професори од земјоделскиот сектор и руралниот развој, претставници од ИКТ секторот, земјоделците како најважната алка во секторот и други.  

2. Што всушност подразбираме под паметно земјоделство?

- Можеме слободно да кажеме дека се она што од информатичката и комуникациската технологија ќе се примени во процесот на земјоделското производство претставува „паметно земјоделство“. Неговата крајна цел е преку примена на овие технологии да се зголемат приносите во земјоделското производство, како и да се подобри квалитетот на земјоделските производи, а истовремено да се оптимизира користењето на природните ресурси и човечкиот труд. Всушност во овие технологии припаѓаат мобилните телефони кои сите ги имаме и не можеме да функционираме без нив, а ги користиме за добивање на информации за земјоделството, од временска прогноза до идентификација на растенија, инсекти и друго. На едно повисоко техничко ниво ги вбројуваме софтверските платформи за собирање на податоци и нивна анализа, сензори за температура, светлина, влага и почва, автоматизирано управување и контрола на климата во заштитен простор, прецизно наводнување и прецизна исхрана на растенијата, комуникациски системи, користење на роботи и друго.

Со нивна примена земјоделецот може да ја зголеми профитабилноста на својата фарма, бидејќи го намалува влезот на потребните ресурси за земјоделско производство и на тој начин ќе заштеди повеќе пари. Од друга страна, со прецизното следење на повеќе параметри на земјоделското производство и добивање на повеќе податоци, земјоделецот ќе има доволно информации за да навремено делува и со тоа да го намали ризикот во производството.

Неограничена примена на роботските возила и беспилотни летала

3. Во кои сектори наоѓа најмногу примена?

- Паметните технолошки решенија имаат речиси неограничена примена и можности во сите сегменти на земјоделството, прехранбената индустрија и руралниот развој. Тука можеме да ги споменеме роботските возила кои се конструирани за механичко плевење на земјоделските посеви, за примена на ѓубриво, за берба на овошје и многу други агротехнички операции; потоа беспилотните летала со автономна контрола на летот, заедно со лесни и моќни сензитивни камери кои можат да се користат за пресметување на развојот на биомаса и статусот на оплодување на културите, за детерминација на хемиските елементи во почвата, детерминација на растителни болести со помош на оптички информации и многу друго.

4. Кои се најголемите предизвици за примена на паметните технологии во земјоделството?

- Еден од главните предизвици за примената на паметните технологии кај нашите земјоделци претставуваат трошоците за усвојување на овие технологија како и ограниченото знаење и вештини.  Нашите рурални средини кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми, нерешени инфраструктурни прашања, егзодус на младите проследено со намален природен прираст и стареење на населението прават уште поголем јаз и потешкотии да се прифатат овие напредни техники. Најмалку можеме да очекуваме дека повозрасните земјоделци кои се останати да ги работат нивите, ќе можат да се адаптираат на новата трансформација на земјоделството. Овој факт е уште поизразен ако земеме предвид дека нашите земјоделци се ситни и ниско конкурентни, кои во просек поседуваат 1,8 ха земјоделско земјиште, споредено со 14,5 ха во ЕУ- 27, и пет пати пониска економска големина од земјоделските стопанства во ЕУ. Така, пристапот до најновите паметни технологии може да остане ограничен само на големите фарми кои се финансиски способни да инвестираат, имаат можност да учат, имаат претприемачки дух и друго.  

Затоа од исклучителна важност е да се најдат модели и стимулации како младите, кои и онака се секојдневно окупирани и зависни од ИК технологиите, да ги насочат своите интереси кон земјоделството. Македонија е земја на информатичари, и веќе на пазарот има иницијативи за развој на овие технологии во земјоделство, но сепак недоволно за да има поизразени социоекономски ефекти.

Поврзување на земјоделството со ИКТ индустријата е можеби најголемиот предизвик за развивање на паметното земјоделство во нашите услови. Знаењето и искуствата на земјоделците за создавање на нови дигитални технологии е особено важно. Затоа е потребно да се развива соработката и комуникацијата помеѓу земјоделците и земјоделските експерти и експертите од ИКТ секторот, за да можат меѓусебно да се „разберат“.

Дигиталната трансформација ќе го промени профилот на работната сила 

5. Дали со примена на паметните технологии во земјоделството се намалува потребата од работна сила, а со тоа и намалување на вработеноста во земјоделскиот сектор?

- Гледано од аспект на потребната работна сила, има вистина во тоа дека одредени паметни технолошки практики ја заменуваат или ја намалуваат потребата од работна сила за земјоделски агротехнички мерки, особено примената на роботиката, дроновите и друго. Меѓутоа ние реално во земјоделството се соочуваме со голем недостаток на работна сила. Земјоделците постојано се жалат дека не можат да најдат доволно работници за берба,  резидба, заштита, наводнување и други операции. Затоа овие технологии во земјоделството не би ги сметале како загрозување на работната сила туку напротив тие треба да бидат искористени како алатка за привлекување на младите, кои ќе може да ги употребат своите дигитални вештини и ќе ја изразат својата креативност, односно нема да гледаат на земјоделството како синоним за напорна физичка работа, туку работа која може да ја работат со големо задоволство и ентузијазам. Она што можеме да го предвидиме од досегашниот тренд е дека со дигиталната трансформација во земјоделството ќе се промени и профилот на работната сила во овој сектор.  

6. Каква е поврзаноста на земјоделството со животната средина?

- Една од силните страни на паметното земјоделство е тоа што влијае на намалување на еколошкиот отпечаток на земјоделството. За разлика од вообичаените земјоделски практики, со примена на прецизните земјоделски системи кои се карактеризираат со висока прецизност и постојана контрола, како што беше потенцирано и погоре ја намалуваме примената на инпутите при одгледување на земјоделските култури, како што се ѓубривата и пестицидите, а со тоа ја намалуваме и емисијата на стакленички гасови. Истовремено контролираните инпути овозможуваат одржливо користење на природните ресурси, како што се водата, почвата и воздухот, а со тоа ја зачувуваме природата и биодиверзитетот.

За крај би сакал само да истакнам дека за да се движиме во добар правец на развој на дигитално земјоделство, потребно е да се креираат соодветни политики со кои ќе се обезбеди пристап до капитал на младите за развивање на иновативни идеи, зајакнување на здружувањето кај земјоделците за полесен трансфер на технологиите и знаењето, развивање на едукацијата на младите во согласност со новите услови и развивање на комуникација и соработката помеѓу сите чинители во секторот.