Популарниот автомобил, Фиат 600 којшто Италијанците го нарекуваа поп икона е роден во 1955 година и за оваа земја претставува симбол на економскиот просперитет по Втората светска војна. Неговото производство престана во 1970 година. Оваа година овој незаборавен автомобил полни 70 години во многу земји во светот.

По Втората светска војна во годините на економска, социјална и политичка реконструкција, торинската автомобилска компанија под водство на Виторио Валета, го прифати предизвикот да создаде автомобил што ќе биде лесно достапен за Италијанците.
Штом „Фиат 600“ излезе на пазарот, доживеа голем успех. Претставен на саемот за автомобили во Женева во 1955 година, тој стана икона на економскиот бум и го одбележа детството и младоста на многу Италијанци кои патувањето и одморот ги поврзуваат со тој мал, но во исто време семеен автомобил.
Италијанскиот јавен сервис Раи, кој во тоа време не емитуваше реклами, емитуваше краток филм за раѓањето на новиот автомобил, кој го подготви Синефиат.
Создавањето на овој нов автомобил, кој требаше да го претставува раѓањето на модерна Италија, му беше доверено на инженерот Данте Џакоза. Автомобил тежок најмногу 450 килограми требало да прими четворица патници и морал малку да потроши.
Во Крагуевац беа произведени речиси милион примероци
Инженерот се определил за течно ладење во линија четирицилиндричен мотор, во комбинација со четиристепен менувач. Така се роди легендарниот мотор „фиат 100“со 21,5 коњски сили кој можеше да достигне брзина од 100 километри на час и кој со одредени промени остана во производство речиси 50 години, опремувајќи цела серија помали автомобили на Фиат.

„Фиат 600“ низ годините видел бројни верзии. Се произведуваше во Италија, а под лиценца во Шпанија, Германија, Аргентина, Чиле и Југославија. „Застава“ во Крагуевац произведе 923.487 единици под имињата „Застава 600“, „застава 750“ и „застава 850“.
Возилата се произведуваа во Италија од 1955 до 1959 година, а производството подоцна беше префрлено во Крагуевац под името „застава 600 Д“ со мотор од 767 cm3 и со врати кои сè уште се отвораа „од ветерот“.
Моделот „Застава“ 750, со кој започна производството во 1964 година, ги имаше вратите кои и денес се користат на автомобилите и останаа во производство до 1985 година, заедно со „Застава 850“ со која започна производството во 1980 година.
Италијанските медиуми потсетуваат дека во Југославија овој автомобил го нарекувале „фичо“ по ликот од стрипот кој го рекламирал. „Фиат 750“ по моделот на Застава се произведуваше и во Колумбија помеѓу 1977 и 1979 година.
Цената на „фиат 600“ во Италија беше околу 590.000 лири, што беше прифатливо за повеќето Италијанци. Бројката на „Фиат 600“ произведени во Италија застана на 2.695.000 примероци во 1970 година, а и денес е најомилениот автомобил на Италијанците кои го поврзуваат со некои посреќни времиња. Неговиот роденден беше прославен на AMTS (Auto Moto Turin Show) во Торино.