Деновиве се навршија 37 години од смртта на нашиот автор на „Првата македонска граматика“, професор Круме Кепески, кој почина 1988 година. Две години пред да не’ напушти, 1986, како млад новинар во МТВ, дознав дека професорот е жив, од што многу се изненадив, бидејќи ни пошироката јавност не знаеше дека Кепески е жив, со оглед на годината на неговото раѓање (1909г.). Кога го дознав тоа, најдов начин и го посетив во неговиот дом, во кој бев љубезно пречекан и од него и од неговата ќерка, професорката Јованка Кепеска и по еден подолг разговор го прашав дали би прифатил гостување во емисија во живо, тогашната многу популарна утринска неделна програма на МТВ, „Добро утро, добар ден“.

Почитуваниот Кепески дојде и разговорот помина во пријатна атмосфера, му беше даден пристоен временски простор за да одговори на прашањата со намера да го наведат и да го поттикнат да раскажува за македонскиот јазик, за мотивите за пишување на неговата толку значајна книга во тој историски период, за настаните од тоа повоено време, за создавањето на првата македонска граматика, толку важна и потребна во тоа време за македонскот народ, се разбира со поенти да се чува и да се негува јазикот како најскапоцена вредност на нашиот идентитет. На негова возраст, речиси 90 годишна, тој одговараше сосем коректно и концентрирано. Најголемата придобивка од тоа интервју беше тоа што на екраните донесовме една жива реликвија, еден жив човечки „артефакт“ за нашата писменост. Всушност, најголемата заслуга на професорот Круме Кепески е во областа на лингвистиката со објавувањето на „Првата македонска граматика“ со која со првите познавања од областа на фонетско-фонолошките и граматичко-структурните особености за македонскиот стандарден јазик се стекнаа низа генерации македонски ученици од основните и од срените училишта.

Тоа интервју беше уште едно медиумско претставување на човекот за кого во основното и во средното училиште, за него и за неговата прва граматика учевме, но ретко кој од младите генерации имаше претстава за наговиот физички изглед и присутност во нашата средина. Сигурно дека за делото на Кепески претходно зборувале и пишувале и другите медиуми, научници и лингвисти, но исклучителноста на тоа интервју е во тоа што тоа му беше последно интервју на Круме Кепески. По две години тој се упокои.   

Малку луѓе ја сфатија поентата и значењето на тоа интервју, кај нас ниедно чудо не е чудо, затоа што секој ден гледаме разни чуда и се однесуваме кон тие реткости ладнокрвно како пред тоа секој ден да се случувале и како да имаме безброј такви реткоски, што ги прават евтини поради нивното секојдневно присуство.

Уште полошо е тоа што тој разговор не е зачуван, архивиран како трајна вредност на нашата култура и писменост. Сите знаат дека Македонската радио телевизија има изгубено, уништено или покажала немарен однос кон таквите наши вредности и скапоцености собирани со децении од новинарите, од авторите на литературни дела, од науката, од музиката, од филомот од играната продукција, од неажурност, негрижа, необразованост, од тоа што за младите генерации менаџери тоа ништо не вреди. За да се препознае вредноста на уметноста, на литературата, на книжевноста и на науката, треба и самиот да бидеш „омекант“ од сета таа содржина и материја, а не да се однесуваш како камен од кој се разбиваат брановите.

Деновине, по повод 37 годишнината од смртта на професорот Круме Кепески, неговата ќерка, проф. др. Јовнака Кепеска, на нејзиниот ФБ-профил, објави кратка биографија, од која можат да се прочитаат основните податоци за неговиот живот и делото:

КРУМЕ КЕПЕСКИ – ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРНО ЈАЗИЧНА НОРМА

Круме Кепески (08 април 1909 год., Прилеп - 03 ноември 1988 год., Скопје) - македонист, граматичар, педагог, учебникар, собирач на народни умотворби, еден од стожерените дејци во стандардизацијата на македонскиот литературен јазик.

Основно и средно образование учи во Прилеп и Битола  а Филозофски факултет, група српскохрватски и старословенски јазик, завршува во Белград 1935 година. Во НОБ бил во македонската ослободителна бригада „Гоце Делчев“.

Во 1945 година Круме Кепески е професор во Прилепската гимназија и тогаш почнал да работи на првата Македонска граматика. Граматиката е отпечатена во почетокот на 1946 година, а есента истата година е повикан во Скопје во Министерството за просвета, каде што работел на општата македонска терминологија. Во зимата на 1947 година бил испратен во Пиринска Македонија, во Горна Џумаја, денешен Благоевград. Таму  Кепески е професор на Вишата педагошка школа, организира курсеви по македонски јазик за учители. Во 1949 година, бил назначен за професор на Вишата педагошка школа во Скопје и таму работи како професор по македонски јазик до заминување во пензија.

Македонска граматика на Круме Кепески (објавувана во 1946 и дополнувана во 1947 и 1950 година по својот карактер била општа, но иако одредена од Министерството за просвета на Македонија како учебник во средните училишта, била наменета и за администрацијата и за пошироката популација. Со Македонската граматика на Кепески прв пат светската јавност се запознава со структурата на македонскиот јазик и одиграла огромна историска, јазична и културна улога за Македонија и македонскиот народ.

Останува за вечност забележано реченото: „Македонската граматика на Круме Кепески овозможи основно зацврстување на македонската литературно јазична норма.“ (с.с Историска белешка)