Лола Новаковиќ

Музичката историја вели вака: на денешен ден, 25. април 1935 година во Белград е родена Лола Новаковиќ, една од најголемите пејачки ѕвезди во поранешна Југославија.
Пред да ја забележи еден германски музички менаџер настапувала во белградскиот локал „Стамбол-капија“, заедно со загребскиот пејач Стјепан Џими Станиќ. 
Менаџерот ја покани да настапи со Иво Робиќ, на Саемот во Лајпциг, како претставник на Југославија.
Поранешната држава ја има претставувано на Евровизија во 1962 година. Пееше песна од Јоже Прившек и Драго Бритвиќ - "Ne pali svetla u sumrak", освојувајќи го 4-то место. 
Беше чест гостин на фестивалот „Београдско пролеће“, а токму во чест на овој фестивал деновиве во Белград, во клубот на РТС беше отворена изложба, која на некој начин е увертира за ново фестивалско издание, закажано за 29-ти април - „Почнимо љубав из почетка“.
Ретроспективната изложба опфаќа златен период на фестивалот, од 1961 до 2000 година.

Песните испеани на „Београдско пролеће“ и понатаму се дел од колективната меморија за некои поубави времиња. Се уште ги слушаме и им се восхитуваме. Тие се вткаени во културните кодови на генерациите, како нераскинливите нишки по кои се препознаваме.

Изложбата ја сочинуваат нотните записи, фотографии, предмети од семејната колекција на Ѓорѓе Марјановиќ и Радослав Граиќ, видеа од Програмската архива на РТС... Така собрани во изложбена форма, се омаж на креаторите на едно време...

И излогот на РТС клубот е составен дел од оваа важна изложба… 
Еден и единствен – Ѓорѓе Марјановиќ

Историјата на музиката на овие простори понатаму дополнува: Пред повеќе од 60 години, во април 1961 година, „Београдско пролеће“ го започна својот возбудлив, гламурозен  живот на сцената на Домот на Синдикатите. Ова вистинско музичко освежување во главниот град на поранешна Југославија донесе многу познати имиња од музичката сцена во култен простор со повеќедецениска традиција.

„Београдско пролеће“ ги испиша првите страници од својата златна историја на 17 и 18 април 1961 година, следејќи ги добрите стандарди на фестивалите Опатија и Сан Ремо. Организатори на „Београдско пролеће“ беа Здружението на џез музичари на Србија и Радио-телевизија Белград. 
 

Нада Кнежевиќ

Тогаш на конкурсот што го објави Здружението пристигнаа над двесте мелодии, од кои четиринаесет ги избраа селекторите. Првата вечер беа изведени четири џез композиции, а вториот ден на попладневниот и вечерниот концерт на публиката и беа претставени четиринаесет нови мелодии на забавна музика. Единственото жири на првиот фестивал беше публиката. Vox populi…

Победник на првата „Белградска пролет“ беше песната „Ангелина“, чии верзии ги испеаа Ѓорѓе Марјановиќ и Радослав Граиќ, авторот на песната.

Според сведоците, атмосферата на фестивалот била „таква што едвај чекавме следната година на презентација“.

Во првата деценија на Фестивалот, секоја композиција беше изведена во две алтернации, кои опфаќаа два аранжмани, едниот придружуван од гудачкиот забавен оркестар на РТБ, а другиот придружуван од џез оркестарот на РТБ, под диригентство на Илија Гениќ и Воислав Симиќ. Најпопуларна водителска двојка на финалните вечери беа Дуња Ланго и Миќа Орловиќ...

„Београдско пролеће“ ги собираше најпопуларните пејачи од тоа време: Ѓорѓе Марјановиќ, Лола Новаковиќ, Нада Кнежевиќ, Душан Јакшиќ, Бисера Велетанлиќ, Љиљана Петровиќ, Мики Јевремовиќ, Славко Перовиќ, Бети Ѓорѓевиќ, Радмила Караклајиќ и многу други, како и композиторите Александар Кораќ, Војкан Борисављевиќ, Радослав Грајиќ...

Бети Ѓорѓевиќ

Со текот на годините, настанот, првично дизајниран како фестивал на хитови и забавни мелодии, прерасна во презентација на различни жанрови, а во 1971 година за прв пат организираше натпреварувачки вечери на градски песни и романси и детски музички вечери, а од 1979 г. воведе рок вечер...

Од перспектива на денешните генерации кои имаат пристап до Интернет, многу телевизиски канали, емисии и културни настани, тешко е целосно да се согледа колку беше важен фестивалот „Београдско пролеће“. Можеби доволно е да се каже дека за речиси четири децении постоење „Пролеће“ беше еден од заштитните знаци и најважните културни настани, не само во главниот град, туку и во цела Југославија.

…од далечната 1964-та…

Кој не успеал да обезбеди билет за големата сала на Домот на Синдикатите и да ги слуша своите омилени пејачи во живо, таа вечер седел пред малиот екран и го гледал преносот во живо што го реализираше Радио-телевизија Белград.

Сеќавајќи се на 60-годишнината од овој популарен фестивал, РТС ја организира оваа изложба во просториите на клубот РТС, верувајќи дека обновената Белградска пролет во април 2022 година ќе заживее во новиот милениум и ќе ни даде песни кои идните генерации со задоволство ќе ги слушаат...

Една од организаторите на изложбата, Ана-Марија Симоновиќ, уредничка на комплексни проекти на РТС, вели:

-Изложбата „Београдско пролеће у РТС Клубу“ беше вистинско задоволство да се реализира, но во исто време ова дело беше голем предизвик за авторскиот тим. Оскудните податоци во архивите за сложен историографски потфат доведоа до многу потпирање на личните сеќавања на композиторите, изведувачите, членовите на семејствата на поединци, а пред сè на често нецелосните текстови од весници, исечоците од печатот. 
 

Оскудните податоци во архивите беа сериозен проблем во организирање на изложбата

Сето тоа беше основа за информациите пред вас. Несомнено, ненамерно изоставивме некои заслужни поединци со фотографија, бидејќи не ги најдовме, или со еден збор, затоа што бевме ограничени со простор или немавме доволно информации за нив.

Сепак, овој историографски материјал претставува вредна основа за иден истражувач на музичкиот фестивал „Београдско пролеће“...
Па, ако овој април сте во Белград, не го пропуштајте Београдско пролеће. Посетете ја барем изложбата...

Иван Беќковиќ
(Користени извори од порталот на РТС)