Бернард Колман е стручњак за управување со тимови и бизнис лидери, автор на голем број аналитички текстови за Тајм, Форбс, Њујорк Тајмс. Во текот на својата 20-годишна кариера, работел во технолошката индустрија, политиката, непрофитниот сектор и државната администрација. Работел со различни менаџери и слушал многу совети за тоа како да ги води луѓето. Некои се покажале како вредни, додека други биле целосно погрешни.
Во авторски текст неодамна објавен од Колман, тој пишува дека една од најголемите опасности за шефот е токму прифаќањето на лоши совети. Искуството го научило дека не е доволно само да се слушаат луѓе кои имаат повеќе знаење или авторитет. Потребно е да се процени кој совет навистина може да помогне, а кој може да предизвика штета.
Од сè што слушнал и научил во текот на две децении, тој издвоил пет принципи кои, според него, се клучни за успешно лидерство.
Вреди само она што последно сте го направиле.
Првата лекција звучи малку сурово: луѓето вас генерално ве ценат според последните резултати.
Големиот успех од пред две години нема нужно да биде доволен за да се спаси нечиј углед ако денешните резултати не се доволни. Колман го објаснува ова со психолошката тенденција дека „придаваме поголемо значење на свежите настани отколку на оние од далечното минато“. Во деловниот свет, ова значи дека шефовите не можат долго да живеат од стара слава. Еден извонреден резултат може да привлече внимание, но довербата се гради со повторување на добрите резултати.
Затоа Колман посебно ја нагласува доследноста, којашто покажува дека успехот не бил случаен, туку дека човекот има способност да работи добро во подолг временски период. За лидерот, според неговото искуство, многу е повредно редовно да се постигнуваат добри резултати отколку повремено да се постигне извонреден успех што не може да го повтори.
Херојските напори не се бизнис модел
Втората лекција е дека бизнисот не може да се развива потпирајќи се на постојаните херојски напори на поединците.
Во еден текст од првите години на оваа декада, Колман се осврнува на пандемијата, кога многу шефови мораа да вложат вонредни напори за да ги спасат компаниите, да обезбедат плати за вработените и да продолжат да им обезбедуваат услуги на клиентите. Во кризни околности, таквото ангажирање може да биде неопходно. Проблемот се јавува кога исклучокот станува секојдневно правило.
Ако бизнисот зависи од едно лице кое постојано решава проблеми, работи понапорно од сите други и презема одговорност за секоја важна одлука, компанијата нема одржлив систем. Има само поединец од кого премногу зависи.
Колман верува дека задачата на лидерот не е постојано да инвестира и да ги зголемува сопствените напори, туку да ги развива процесите и способностите на тимот. Ова значи инвестирање во знаењето на вработените, пренесување на одговорноста и создавање услови во кои луѓето можат самостојно да донесуваат одлуки.
Успешниот раководител не ја мери својата вредност според тоа колку е незаменлив, туку според тоа колку е способен да изгради тим кој добро функционира дури и без негово постојано присуство.
Угледот е капитал кој тешко се обновува
Третата лекција на Колман е за угледот (авторитетот). Угледот, верува тој, претставува еден вид професионална визит-карта. Луѓето ве препознаваат по начинот на кој донесувате одлуки, се однесувате кон другите и дејствувате кога се соочувате со проблеми.
Добриот авторитет го олеснува привлекувањето талентирани луѓе, инвеститори и деловни партнери. Исто така, може да биде предност при освојување нови пазари, бидејќи луѓето полесно соработуваат со оние на кои им веруваат.
Лошиот углед има спротивен ефект- ги одбива вработените, инвеститорите и потенцијалните соработници. Пораката на Колман е дека авторитетот не е споредна последица на деловниот успех, туку еден од условите за успехот да трае.
Ставот на шефот одредува колку далеку може да оди тимот
Четвртата лекција се однесува на начинот на размислување и однесувањето на лидерите во тешки околности. Колман верува дека расположението на шефот силно влијае на атмосферата во тимот. Луѓето од претпоставените очекуваат насоки, сигурност и способност за излез од проблемите. Кога лидерот постојано покажува незадоволство, песимизам или нервоза, таквото однесување може да се пренесе на вработените. Моралот опаѓа, соработката слабее, а проблемите почнуваат да изгледаат поголеми отколку што се.
Позитивниот став не значи игнорирање на тешкотиите или претставување на лошите вести како добри. Станува збор за способност за одржување на смиреност дури и во неповолни околности, верба во можноста за решение и подготвеност за дејствување.
Според Колман, лидерот не влијае само на тие одлуки. Неговиот став кон проблемите честопати го одредува начинот на кој другите ќе ги доживеат.
Принципите се поважни од моментната победа
Петтата лекција што ја издвојува Колман е истрајноста во сопствените принципи.
Претпоставените во текот на кариерите се соочуваат со притисоци, неуспеси и одлуки во кои е полесно да се изберат краткорочни придобивки отколку да се постапи во согласност со уверувањата. Колман верува дека лидерот мора да има јасно дефинирани вредности до кои ќе се придржува дури и кога околностите стануваат неповолни.
Меѓутоа истрајноста не значи тврдоглавост или одбивање да се прифатат нови факти. Суштината е во доследноста со основните етички принципи и подготвеноста да се продолжи со одговорна работа дури и кога резултатите не доаѓаат со очекуваната брзина. На крајот од текстот, Колман се повикува на мислата на американската активистка Маријан Рајт Еделман: „Не мора да победувате. Мора да продолжувате да го давате најдоброто од себе секој ден.“