Угостителите нижат загуби поради несоодветни анти-кризни и законски мерки
-Нашите закони се тешко остварливи во практиката, а со анти-кризните мерки со кои принудно ги затворија угостителските објекти ни направија големи загуби, вели Здравко Добревски сопственик на угостителскиот комплекс „Етно село-златно буре“ во село Кучково, коешто е една од подружниците на неговата матична компанија „Макстен графика“ Скопје.
„ Етно село-златно буре“ во село Кучково е огромен комплекс – ресторан со повеќе сали, летниковци и бунгалови, базен, урбано уреден двор и интересни содржини за најмладите распослани на површина од 6 300 метри квадратни на само 16 километри од строгиот центар на Скопје.
Сертификатот за прележан ковид -главен проблем
-Голем комплекс што бара голем ангажман, вели Добревски. -Се заробивме , а до персонал тешко се доаѓа. Практично откако се отвори Хрватска угостителите кубурат со персонал. Не можеме да дојдеме до соодветниот кадар, готвачи, келнери, салатерки. Меѓутоа, персоналот не ни е единствен проблем. Главниот проблем поради којшто (замре) пропаѓа угостителството е воведувањето на Сертификат за прележан ковид или за вакцинален статус, што граѓаните мора да го поседуваат за да престојуваат во угостителски објект. Воведувањето на сертификатите ги направи луѓето недоверливи. Тие се плашат да организираат каква било забава, бидејќи не се сигурни дека поканетите гости поседуваат сертификати за да одговорат на поканата. Летото, неделно организиравме и до 20 прослави- крштевки, родендени, регистрации, веридби, матурски, но, од 15 август , откако се воведе сертификатот, како со нож пресечено , престанаа сите активности. За овие неколку месеци дури и тие настани што беа закажани се откажаа или се одржаа со 50 отсто од предвиденото. И реално тоа ни направи огромна загуба, уште повеќе што не знаеш до кога ќе трае, раскажува Добревски.
Според неговата анализа, иако нема доволно работа, само за плати за вработените изгубил 50 000 евра. – Од една страна се бориш да најдеш персонал, а од друга, за да го задржиш под актуелните услови одиш во негативно салдо“, вели Добревски.
Угостителите нижат загуби поради несоодветни анти-кризни и законски мерки
Тој објаснува дека до Нова година се крпеле некако, но бидејќи немало продуктивност во работата поголем дел од вработените бил принуден да ги отпушти. „Реално не можев повеќе да издржам да ги плаќам работниците без реализација. Немаше работа. Секако, искуството ме научи- прво се преслушуваш себе си да не си згрешил нешто, ама во тој случај ќе паѓаш постепено, а вака со една одлука на Влада пропаѓаш 80 отсто во промет,“ образложува Добревски. Благодарение на ваквите рестриктивни владини мерки, од 60- ина вработени во комплексот во текот на летото, сега се сведени на 13 -ина вработени.
Сертификат на отворено, важи само во Македонија
Добревски како и повеќето угостители се лути на ваквата владина мерка за што лобираат преку пратеници да се укинат сертификатите. Таков предлог имаше и од Независната угостителска комора, а и некои доктори специјалисти од медицинскиот сектор се залагаат за нивно укинување.
-Не ми е јасно како можеа да ги стават во исти кош рестораните кои располагаат со големи објекти, кои се држат до сите пропишани стандарди и локални барања со некои дискотеки, тесни кафулиња. Значи дозволија концерти, а нас не тераат да бараме сертификати за седење на отворено од фамилии кои дошле на семеен ручек. Инаку, сертификат на отворено се бараше само кај нас, секаде на друго место каде што важеше беше за затворен простор. Друга работа е колку се тие веродостојни, и чии се, бидејќи угостителските работници немаат право да бараат лична карта.
И да не бидам погрешно разбран, јас не сум против вакцинација, но не може да се прави кампања врз грб на угостителите и никој тоа да не го плати. (Тие што работат со помлада клиентела – покажуваат лажни сертификати и не се плашат дали ќе бидат фатени- бегаат ако дојде инспекција) ,“ објаснува нашиот соговорник.
Досега, Комисијата за заразни болести ниту еднаш не ги вклучила (консултирала) угостителите при донесувањето на одлуките за анти кризните мерки. Угостителите се убедени дека подобро и побезбедно ќе функционираат доколку се дозволи применување на протоколи со кои ќе се покаже здравствената состојба на гостите отколку да им бараат сертификат, којшто може да им биде и позајмен. Дотолку повеќе што со оваа мерка, како што тврди нашиот соговорник, - ги избркаа луѓето од угостителските објекти, но забавите не завршија, продолжија по куќите со големи дворови, по викендички. Свадби со кетеринг. Уште еден факт кој упатува на лошо менаџираната епидемиолошка криза. И не се во прашање парите, тие се печалат и се губат, само боли неправдата, во исто грне угостителскиот комплекс кој се простира на 6 300 метри квадратни со некоја дискотека, кафуле што едвај собира 100 –тина луѓе на мал простор, нема резон, а зборуваме за развој на туризам,“ категоричен е Добревски.
Нереална селекција и при анти кризното субвенционирање на угостителите
„Етно село –златно буре“ претставува посебен етно туристички комплекс во Скопје.
Овој искусен стопанственик има забелешки и на селективните владини мерки за надомест –субвенционирање на штетата на угостителите. Практично, владата ги затвори сите угостителски објекти, а право да добијат државна помош за премостување на загубата од присилно затворање поради пандемијата имаа само угостителите чија претежна дејност е угостителство (56/10). Тоа е пропуст во нашиот закон, вели нашиот соговорник што сликовито го опишува преку сопствениот пример.
„Угостителскиов комплекс го купив на 1. ноември 2020 и е регистриран како подружница на матичната компанија со Одлука за вршење претежна дејност- угостителство. (А втората подружница, во продолжение на овој објект на истава локација е регистрирана како објект за сместување со ресторан). Практично имам две подружници чија основна дејност е угостителството, додека претежна дејност на мојата матична компанија е графика, печатење (добивме субвенции само за периодот кога бевме затворени во април 2021) поради што не можеме да добиеме субвенции за платите на вработените во подружницата од угостителство, каде летоска беа вработени околу 60 луѓе.
Проблемот е во тоа што „претежната дејност“ не можеш да ја промениш по сопствена волја. Тоа може да го направи Централен регистар откако ќе оствариш поголем промет од претходната постоечка дејност, која дотогаш ти била претежна (по завршна сметка). А, бидејќи ние угостителскиов комплекс го купивме на крајот на годината за два месеца во 2020, прометот од угостителската дејност не го надмина прометот од печатницата. Лани остваривме поголем промет, но се уште не е предадена завршната сметка. По што верувам ќе следува промена и ќе имаме претежна дејност 56/10 што значи ќе бидеме рангирани во групата на големи угостители. Неофицијално, ваква судбина делиме околу 1000 фирми во државава-не добивме помош оти тоа не ни се води како главна дејност. Официјално немам одговор дали ни следува или не, ама другите ги исплатија, а нас не,“ објаснува Добревски.
Според Добревски, вакви недоречености има и во другите сектори. Иако секаде во светот, вели тој, - постојат групации, матични фирми кои имаат голем број на подружници и сите функционираат во својата бранша, кај нас си ограничен. Едноставно не знам како и кој ги носи законите, ама во праксата предизвикуваат многу нереални пречки. Еден сопственик може во групацијата да имам 20 дејности – одделни подружници или фирми-ќерки и во 10 да имам добивка во пет загуба.
Јас како газда не сакам работниците да бидат незадоволни, ние не сме угнетувачи на работниците, работниците се угнетени од законите, не од нас газдите, барем во нашата бранша. Всушност не можам да бидам задоволен од некој што има мала плата (лоша) ниту пак сакам да менувам персонал. Сакам да работам со вредни, коректни и одговорни луѓе. Не треба мене државата да ми донесе Закон за К15 –јас сам ќе го наградам работникот. Или го носиш да важи за сите или не го носи, не ги дискриминира работниците. К15 само за приватен сектор. Или сега со недела неработен ден. Инспекцијата е затрупана со електронска пошта, мораме да го пријавуваме бројот на работници кои што ќе бидат ангажирани за време на викендот.
Ако го копираме запад, тогаш не треба да се копираат само ограничувачките мерки туку и примерите за субвенционирање. Да биде автентично. Таму угостителите се затворени, но добиваат соодветен надомест од државата, “ дециден е нашиот соговорник, за што наведе и повеќе примери. Тој раскажува дека според негови информации, во Австрија државата субвенционира 80 проценти од прометот што угостителите го имале претходно. Во Швајцарија пак, угостителите се обесштетени 100 процентно. И тоа не само затоа што се затворени туку и затоа што се водело негативна кампања против нив „да не одат луѓето во ресторани“. Практично за анти кампањата им се доплатува разликата што се појавува во завршната сметка од работењето пред пандемијата и за време на анти кампањата. Таму доплати следуваат во сите сектори. За разлика од таму, кај нас, вели Добревски,- две години се води кампања против нас и никој за ништо не одговара и не плаќа“.
При креирање на законските мерки пожелно е да се има предвид и примената
И на крај пак ќе се навратам на проблемот со кој и го започнавме овој разговор – недостиг на персонал. Затоа ни треба легално ангажирање на дополнителен кадар, по потреба.
Сега не важи правилото, ако не можам да те пријавам ќе си најдам друг. Работници нема, или се пензионери или луѓе со пониски примања вработени на други места. А, тие треба да добијат согласност од местото каде се вработени за да работат дополнително кај нас. Има млади пензионери, или наследници на пензија кои сакаат дополнително да си заработат, но не смеат за да не ја загубат пензијата. Не можам сам да го работам објектот, соодветен кадар нема, а не можам легално да ангажирам ниту луѓе кои можат и сакаат да работат дополнително, но се плашат да не ја загубат примарната работа. Затоа треба либерализација на Законот за работни односи, саатнина, класификација за секоја професија, за луѓе кои сакаат дополнително да работат и да заработат... Всушност креаторите на законите треба да ги консултираат луѓето од фелата кои се запознаени со проблематиката.
Значи, да генерализирам, тие што прифаќаат да работат треба да работат на црно, според сегашната регулатива не можам да ги пријавам-што да направам, да го затворам објектот? На ова прашање сакам да го одговорат оние што ги пишуваат законите, некој од Министерството за економија.
Успехот зависи од добрата функционална организација на менаџерот
„Етно село –златно буре“ располага покрај со класичниот етно ресторан со посебен дел за настани и свадби околу базенот со капацитет за околу 300 гости под покриено (кров што се отвора со далечински управувач) и осум бунгалови со капацитет за 20-ина луѓе. Сопственикот планира и посебен вип дел за протоколарни настани за дипломатскиот кор во земјава со македонски специјалитети.
„Етно село –златно буре“
Покрај постоечкиот простор од 6300 метри квадратни, сопственикот го докупил и земјиштето од 1000 м2 од соседите за изградба на нови 11 бунгалови. Проект кој чека одобрување од Општина Ѓорче Петров.
Со доградбата на бунгаловите сопственикот очекува „Етно село –златно буре“ да бидете посебен етно туристички комплекс во Скопје.
Според , Добревски како долгогодишен сопственик и менаџер во приватниот бизнис за да се успее и опстои, покрај соодветна применлива регулатива, најважно е да имаш добра организација во поглед на функционалноста на нештата- не е важно дали се работи за ресторан, производен погон, печатница; Друг сегмент е изборот на луѓе, без добар тим не може да се постигне успех. Нормално поставување на работите како што треба – за правилно да функционираш од елементи, машини - а секогаш е најдобро да имаш врвна опрема. Тоа важи во секој сектор колку подобра опрема толку поголема продуктивност. Потоа, до некој степен и реклама , посветеност, запазување на рокови, одговорност кон клиентите и кон вработените .
Една од причините што се пренасочив е и таа што нема перспектива во печатарството ... Работата со печатницата ми овозможи контакт со луѓе од секакви дејности,поради што имам осет за нештата во државата. Многу работи се катастрофални затоа домашните бизнисмени не инвестираат и си заминуваат од овде, а една од тие причини е неприменливоста на законите во реалноста. Но за мене е патриот тој што се бори да опстане и да направи нешто да биде подобро во државава. А, не да се спакува и да си замине од Македонија. Но за жал, токму тие што инвестираме во државата немаме никаква поддршка.
Македонка Балдазарска