Од денеска за најголем дел од потрошувачите, сметките за електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи ќе бидат повисоки за 0.4 проценти. 

 

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски во четвртокот посочи дека цената на електрична енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок останува иста, во вториот блок има зголемување од 0.85 отсто, во третиот блок од 1.92 проценти и во четвртиот блок од 1.88 проценти, додека евтината струја ќе поскапи за 0.65 отсто.

 Според Бислимоски, со ова, за 88 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок трошокот за електрична енергија ќе се зголеми за 0,4 проценти. Во меѓувреме,  за осум отсто од домаќинствата кои што имаат потрошувачка и во трет блок трошокот на месечно ниво, сметките ќе се зголемат за 0.48 отсто и за четири проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка и во четвртиот блок трошокот ќе се зголеми за 0.57 отсто.

Граѓаните се спасија од поголеми сметки благодарение, како што кажа претседателот на РКЕ со измени на законот за енергетика. Со овие измени, во пресметката на универзалниот снабдувач, наместо 11,5 отсто, ќе влезе новата, намалена маржа од 9,9 проценти, која стапува на сила од 1 јули, откако на ЕВН Хоум ќе му биде продолжена лиценцата.

– Да донесеме ваква одлука, каде што реално нема никакви промени ни овозможи тоа што на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ му дадовме насока 15 проценти од количините кои што не се обезбедени да ги набавува на берзата на електрична енергија што функционира во Македонија, во периодот кога цената на електричната енергија е близу до цената што ЕСМ ја понуди на тендерот од  60 евра за мегават час и дополнително измените на Законот за енергетика што поминаа во вторникот во Собранието кои овозможија да се примени новата цена на маржата што сега е 9,9 проценти, а претходно беше 11,5 проценти, појасни тогаш Бислимоски.

 Центата на струјата треба да важи до крајот на годинава, а за наредниот регулациски период по 1 јануари 2025 година властите најавуваат намалување на цената доклку се е вообичаено и нема некои изненадувања.

Цената на струјата е висока, оти ЕЛЕМ не ја работи својата работа

Ваква е состојбата со домаќинствата, но кога се покачува цената на струјата секогаш во прв план се поставуваат и цените на основни прехранбени производи кои уште како влијаат на домаќинскиот буџет, па топката секогаш се префрла на компаниите – зошто ги покачуваат основните намирници.

 Поаѓајќи од ова краток осврт за цената на струјата минатата недела даде и професор д-р Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопански комори.

„Ние цело време дискутираме околу тоа дали компаниите треба да бидат на слободен пазар или на регулираниот пазар, но не го поставуваме суштинското прашање: зошто цената на електричната енергија е висока кај нас?

А, суштината на ова прашање, како што рече Симов е во тоа што домашното производство на електрична енергија е трипати помало од тоа што беше во 1990 година. Во тоа време државната компанија ЕСМ произведуваше 8 000 гигават часа е.е. а сега произведува меѓу 3000 и 4000 гигават часа. Клучниот момент на цената со струјата се состои во тоа што ние како нација во овие 40 години сме имале стратегија за развој  на енергетскиот систем, меѓутоа не е постапувано по тие стратегии и не сме изградиле значајни капацитети кои беа планирани да произведуваат електрична енергија, “ образложи Симов. И продолжи: 

„Во последниот период сме сведоци дека ЕЛЕМ не ги градат енергетските капацитети од бновливи извори на енергија, ниту ветерници, ниту фолтаици, туку одат на најлошата можна варијанта. А, таа варијанта е да направи јавно приватно партнерство со некоја странска фирма. И доаѓаат странски компании со по 10-15 вработени, тие ги земаат просторните ресурси на ЕЛЕМ и таму градат капацитети од обновливи извори во ЈПП и за тоа ЕЛЕМ добива 18 отсто од произведената електрична енергија, а странските компаниии во Јавното приватно партнерство земаат 82 проценти. Зарем треба компанија која има 4500 вработени, која има и електроинженери и машински инженери и висококвалификуван и ниско квалификуван кадар, да прави Јавни приватни партнерстава. Тие евентуално можат само да распишуваат тендери за набавка на потребни производи, а сами да ги проектираат и сами да ги градат сите  енергетски капацитети. Едноставно тоа е нон сенс. Вие имате 4500 вработени, немате капацитет да направите фотоволтаични системи на исцрпениот рудник во РЕК Осломеј, рече Симов.

Суштината се состои во тоа дека државната компанија не го работи тоа што треба да го работи, иако е една од најголемите компании по број на вработени во државата.

Обновливите извори мора да станат доминантни  

Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски ги поздравува сите инвестиции во енергетскиот сектор во Македонија, бидејќи смета дека досегашниот пристап бил на навистина ниско ниво. „Обновливите извори мора да станат доминантни и сметам дека треба да се либерализира пазарот за инвестирање на физичките лица на своите кровови. Секој да може да си ја намали својата сметка. Бидејќи досегашната формула за откуп на вишокот на електрична енергија беше доста тендициозен и контроверзен. Замислете си ЕСМ добива годишно по 200 до 300 милиони субвенција и кога вие би инсталирале фотоволтаик на вашиот кров, вас би ви дале за откуп на вашиот вишок по цената на ЕСМ, минус 10 отсто, со тенденција и понатаму да се намалува таа цена. Па никој од физичките лица нема земено од тие 300 милиони субвенции. Значи треба таа електрична енергија да се откупува по пазарни цени од физичките лица и да им се овозможи секој на својот кров да воспостави систем на енергетска ефикасност, производство и сопствено користење. И на тој начин целокупниот електроенергетски систем ќе биде далеку во постабилна фаза со помали загуби.

Секако очекувано е ваквите забелешки (односно констатации) на стручните лица да бидат земени во предвид при креирање и примена на стратегијата за енергетската политика во  земјата, а која во најмала рака би донела бенефит не само на државата туку и значајни олеснувања на страната на граѓаните.