„Алкалоид“ во позитива на полето на инвестиции, вработување и профит во првата половина од годината. Компанијата реализира инвестиции во износ од над 524 милиони денари. Оствари 121 нови вработувања во земјата. И забележа раст на консолидираниот профит од 14 отсто во првата половина од 2021 година.

„Алкалоид“ во позитива на полето на инвестиции, вработување и профит во првата половина од годината

-Според единечниот биланс на успех, во првата половина од оваа година, продажбите достигнуваат 4.788.760.106 денари. Тоа е за еден процент повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 6.272.411.971 денари. Бројка што е за три проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година,“ објави денес компанијата.

Најголем пораст кај извозните пазари- Русија

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за седум проценти додека, вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за еден процент. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашен пазар, додека 65 проценти се остварени на странските пазари.

Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10 отсто. Додека на другите пазари се остварени еден отсто од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Русија и другите земји од ЗНД (раст од 28 отсто) и во земјите од Југоисточна Европа (раст од три проценти).

Најпродавани фармацевтските производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 проценти. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 20 отсто, антибиотиците со 18 отсто, кардиолошките препарати со 15 отсто. Додека невролошките препарати заземаат 14 проценти од вкупните консолидирани продажби итн.

Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 проценти во вкупните консолидирани продажби. Поточно хемијата учествува со три проценти, козметиката со седум отсто, а билкарството учествува со два проценти.

„Алкалоид“ во позитива на полето на инвестиции, вработување и профит во првата половина од годината

Инвестирани 524 милиони денари- Вкупните инвестиции во основни средства, во првата половина од оваа година, изнесуваат 524.113.924 денари.

Добивката заголемена за 14 отсто

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.065.699.771 денари, бележи зголемување од околу 13 проценти. Додека единечната нето-добивка изнесува 588.962.195 денари и е зголемена за 12 отсто.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.110.263.703 денари и бележи раст од 13 отсто. Консолидираната нето-добивка во износ од 583.524.249 денари е зголемена за 14 проценти.

При извршувањето на оперативните активности, „Алкалоид“ ангажираше 1.055 домашни добавувачи.

121 нови врабитувања

Во периодот јануари-јуни 2021 година во „Алкалоид“ се реализирани 121 нови вработувања во Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 отсто од просечната исплатена нето-плата по работник во претходните три месеци во државата. Исплатениот надомест по вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето.

Групацијата „Алкалоид“ брои 2.479 вработени, од кои 1.909 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.

Акциите и натаму меѓу најатрактивните

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во првото шестмесечие од годинава се движеше од 13.300,00 денари до 16.500,00 денари. Или просечно 14.738,30 денари за една акција, што претставува раст од 23,3 проценти во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година.

На 30.06.2021 година акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.054 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 22,2 милијарди денари.

Бизнис-план за 2021 година

Според Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, се предвидува инвестирање на околу 12 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства. Потоа, раст од седум отсто на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од седум отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.

Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. -Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели,“ се вели во сооштението од компанијата.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.