Младинско радио „Клуб 100“ – прво независно радио во скопскиот и македонскиот етер 35 години од стартувањето и 30 години од згаснувањето.

Изложба на артефакти, документи, фотографии и снимки од работењето на Младинското радио КЛУБ 100 + дружба, џем сешн и музика од 80-тите и 90-тите. Овој петок (23 јули) во Куршумли ан во 20 часот

…Година 1987, 1988, 1989, 1990 и 1991… Скопски етер… Вие сте на фреквенцијата на 100,1 MHz и го слушате Младинското радио „Клуб 100“…

Разгледувајќи ги изложените артефакти, документи, фотографии и снимки се потсетуваме на едно минато време, времето на зародиш на новата страница во македонската историја и осамостојувањето, демократизација, плурализам и нов почеток. А дел од тоа време е и Младинското радио „Клуб 100“ во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје.

Пролетта 1986 година, на иницијатива на професорот Слободан Таневски, дел од учениците и професорите од средното училиште „Орце Николов“ започнаа со подготовки за формирање на младинско експериментално радио во рамките на своето училиште. По едногодишни подготовки и добивање низа одобренија, Младинското експериментално радио „Клуб 100“ го имаше своето прво емитување во периодот од 25 до 29 мај 1987 г., во рамките на традиционалниот училишен фестивал со кој се одбележуваа Денот на младоста – 25 Мај и Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј. „Клуб 100“ повторно се огласи во скопскиот етер во 1988 г., од 6 до 10 јуни, на истата фреквенција од 100,1 MHz ФМ УКБ. Двете експериментални емитувања беа повеќе од успешни, како во технички така и во програмски аспект, придонесувајќи за значајно подигање на стручното образование и креативноста на младите.

Затоа, по барање и обезбедување на дополнителни дозволи, Младинското радио „Клуб 100“ почнува со редовна работа на 30 ноември 1989 година. Технички раководител и главен и одговорен уредник на радиото беше професорот Слободан Таневски. Секој четврток, од 14 до 22 часот се емитуваше разнообразна радиопрограма со широк спектар на емисии и теми. Програмската шема почнуваше со ХИТ 100 (музичко-контактна емисија), следуваа емисиите ДЕМОСКОП (музичко-контактна емисија), БИП-БИП (информативно-контактна емисија), МУЗИЧКИ ПОРТРЕТ (музичко-информативна емисија), ТОП-ЛИСТА (музичко-контактна емисија), а завршуваше со НОЌНА ПРОГРАМА во 22 часот.

Од април 1990, радиото почна со секојдневна работа, освен во сабота и недела. Поради одредени случувања (проблеми околу статусот на радиото), од септември 1990, па сѐ до згаснувањето на 20 јуни 1991, радиото повторно работеше секој четврток.

Понесени од младешкиот ентузијазам, со невообичаена сериозност и професионализам, радиото даваше слика на актуелните случувања од сите сфери на животот, и тоа не само на младите. Ги следеше настаните и случувањата од сите области и сфери, и преку соодветни коментари, осврти, критики, анкети, интервјуа и разговори со соодветни гости го следеше пулсот и ритамот на времето во кое постоеше. Тоа беа времиња кога немаше Интернет и до секоја информација се стигнуваше „рачно“, со „копање“ низ многу книги, лексикони, енциклопедии и списанија. Немаше ниту дигитални плеј-листи, туку музиката се пушташе од плочи (винили), касети и магнетофонски ленти.

Исклучително значајно е што од тој период останаа неколку значајни артефакти во форма на касетни изданија. Во издавачкото портфолио на Младинското радио „Клуб 100“ се компилациските касети „Демоскоп (1 и 2)“, радиодрамите „Полициска приказна (1 и 2)“ на театарската група „Црв“, како и албумите „Чемер“ и „Македонски корени“ на „Ѕвон“, „Заедно сме лице“ на „Девијант“ и „Ритуал и пепел“ на групата „Клержо“.

По згаснувањето на Младинското радио, дел од учесниците продолжија со работа по другите, тогаш новоосновани радија, но и во телевизиите и печатените медиуми во Скопје и Македонија. Тогашните ученици и студенти кои ги креираа програмата и содржините, денес се врвни новинари, медиумски работници, инженери и изградени личности кои со гордост го истакнуваат значењето на тој период и својата работа во Младинското радио „Клуб 100“.

Во тек на изложбата ќе има џем сешн со Деан Шкартов (Клержо), Венцислав Смаќоски (Клержо) и Влатко Каевски (Киборг). Потоа ќе следи музика од 80-тите и 90-тите.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.