Ако некому последниве години вистински му се восхитувам за она што го прави, а и и верувам на збор – дека ќе го направи, е Билјана Црвенковска. Како што самата се претставува – фриленсер пишувач на романи, сликовници, сценарија…, таа пред пандемијава направи чудо – создаде издавачка куќа Чудна шума, вистинско македонско книгоиздателско освежвање. Со 15-ина квалитетни изданија зад себе, сериозни планови за во иднина, a пред објавување на сликовницата „Невидливата куќа“, која ја реализира заедно со Ване Костуранов, со Билјана разговаравме за предизвиците во издаваштвото, читателската публика, тиражите…, и некои нови книги кои чекаат да бидат објавени.

Иако одамна го планирам ова интервју, да го направиме токму сега ме поттикна еден твој коментар на фејсбук, врзан за соработката со Ване Костуранов, за заедничкото дело, сликовница „Невидливата куќа“. Што би можела да ми кажеш за соработката?

– Со Ване сме пријатели долго време, а бев и неговиот прв уредник – за првата авторска сликовница „Sвезденото дете“, бидејќи во тоа време работев во Арс Ламина. За сите негови следни книги, ја имав честа да бидам „прв читател“, односно да ги видам сликовниците „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“ во процесот на создавање. Ване илустрираше и две корици за едицијата „Безвременски приказни“ на Чудна шума, за романите „Полиана“ и „Ен од Зелената фарма“.

За заедничка сликовница зборувавме долго време. Едноставно ни требаше да ја најдеме вистинската тема и вистинскиот текст во којшто и двајцата ќе се пронајдеме и ќе придонесеме заеднички да настане едно вистински зрело дело. Тоа навистина и се случи со „Невидливата куќа“, сликовница што раскажува приказна за девојчето Кала кое е принудена набрзина да го напушти својот дом. Тоа заминува со родителите на долго, истоштувачко и застрашувачко патување без крај.

Кала не разбира што се случува, освен што ги наслушува неубавите зборови што ги шепотат возрасните. Но, она што го знае е дека ѝ недостига нејзината куќа, заедно со баба, дедо и омилената играчка – зајачето. Ете и еден мал вовед во приказната.

Чудна шума за краток временски период стана препознатлив бренд во литературата во Македонија. Низ што се поминавте овие две години, низ какви предизвици и премрежја?

– Морам да кажам дека воопшто не е лесно да се почне со издаваштво во денешно време, кога читатели има сѐ помалку и помалку. Особено беше лошо тоа што почнавме само една година пред пандемијата, па целото затворање и неможноста да имаме настани и промоции сериозно ни влијаеше, како и на сите други. Она што се обидувам да им го објаснам на луѓето, а е тешко да се сфати, е дека Чудна шума е моето „хоби“. Она што го работам постојано и од што се издржувам, е практично чиста фриленсерска работа. Јас сум фриленсер-пишувач. Пишувам сценарија за серии и сликовници по нарачка. Од тоа живеам. Сѐ што ќе заработам „екстра“, вложувам во Чудна шума, затоа што таа самата по себе не е сѐ уште одржлива. Но, сметам дека – како за „хоби“ (се смеам кога го пишувам ова), завршивме страшно добра работа! J

А сега сериозно, мислам дека и фактите го потврдуваат тоа. Имаме 15 изданија (досега), а многу награди, признанија, номинации… „На погрешната страна“ на Пајо Авировиќ минатата година беше во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“, моите два романи за возрасни – „Девет приказни за госпоѓица Сит“ и „Куќа над брановите“ влегоа во најтесен избор за „Роман на годината“ во 2019 и 2020 година…

Наградувани книги, со по неколку награди, се и „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ и „Шах со Бах“. Мислам дека е доволно добар почеток за еден толку млад издавач.

Остана ли во Македонија вистинска квалитетна читателска публика на која може да се смета? И, што денес претставува добар тираж?

– Ах, квалитетна читателска публика… Добро е што во Македонија имаме еден куп писатели и поети, па си ги купуваме книгите едни на други. Се шегувам, но реално публиката е таа и немам чувство дека успеваме да создадеме доволно нова публика. Проблемот за тоа го гледам на неколку места, пред сѐ во немањето доволно квалитетна продукција за деца (а уште помалку за млади – таа е речиси непостоечка). Од таму почнува сѐ, создавањето нови генерации читатели не почнува од средината или од крајот, туку – јасно како бел ден – од почетокот. Од најрана возраст го градиш и го создаваш младиот, а потоа и возрасен читател. Ние на тоа не работиме стратешки и, веќе оваа реченица преоѓа во фраза затоа што ја повторувам речиси во секое интервју.

А што се однесува до тиражите, стандардниот тираж е 500, во случај на некој попопуларен автор – можеби 1000. Но, такви се тиражите и во целиот регион, за жал, освен можеби в Србија каде што има поголема читателска публика.

Какви се плановите во развојниот пат на Чудна шума? Можеби сопствена книжарница, вложување во нови потенцијали и имиња, или, пак, соработка со некое проверено име и презиме од Македонија или регионот?

– Да, размислуваме и за еден вид наша книжарница, иако мислам дека нема да биде само книжарница, туку некаков хибрид на книжарница и концепт-продавница. Ќе видиме, има време да се осмисли како што треба, затоа што не верувам дека би го правеле тоа пред пролетта 2022. Но, убаво е кога имаш план и визија. Верувам и дека со самото тоа ќе вложиме и во некои други работи и ќе почнеме да се шириме и во други области. На пример, есенва ќе го издадеме најпродаваниот трилер роман во Словенија, „Езеро“ на Тадеј Голоб, многу квалитетен словенечки писател и прекрасен човек. Верувам дека ќе имаме можност и да ѝ го претставиме Тадеј на македонската публика, а дека потоа ќе ги преведеме и другите негови романи. Тоа е една посериозна соработка со, да речеме, регионален автор.

Оваа година веројатно ќе ја имаме и првата книга за деца (и возрасни) на Румена Бужаровска (заедно со уметницата Јана Јакимовска). Верувам дека и тоа ќе биде еден интересен проект кој ќе излезе надвор од Македонија.

Годинава имаме и многу домашни реномирани автори со нивни први книги за деца, во соработка со наши одлични илустратори. Следната година ќе се посветиме повеќе на преводната литература, за да внесеме разновидност.
Ќе биде весело во Чудна шума, во секој случај.

Од сите ваши прекрасни изданија, лично најмногу ги сакам двете книги на Пајо Авировиќ. Од кои изданија си ти најзадоволна?

– Уф, тешко е да изберам, од литературата за возрасни сум задоволна речиси од сѐ (вклучително и тоа што сум многу задоволна од моите романи, за разлика од моите книги за деца кон кои сум особено критички настроена). Од литературата за деца, би ги посочила „Шах со Бах“ на Владимир Мартиновски и Зоран Кардула, како и сликовницата што ја направивме заедно со Сања Симоска – „Кучето што мјаукаше и мачето што џавкаше“.

Со оглед дека си и писател, и издавач, и некој што го осмислува концептот…, на што си ангажирана во моментов? Што ново ќе читаме во фабриката Чудна шума?

– Имам големи очекувања за книгите што ќе треба да излезат годинава, пред сѐ моите авторски: „Невидливата куќа“ и сликовницата „Тигар на улица“ што ја подготвуваме со Катерина Николовска, а е инспирирана од една песна на Данил Хармс (иако, сликовницата раскажува своја сопствена приказна). Тука е и „Хор во задниот двор“ (своевидно продолжение на „Шах со Бах“). Има уште многу други, но ќе ги најавам кога ќе им дојде време.

На страна од тоа, пишувачки сум ангажирана на два големи проекти: на серијата „Кога паѓаш“ која ја работам со ОХО продукција, и на мојот трет роман за возрасни, кој би требало да излезе следната есен, но ќе видиме, да не зборувам пред време.

 

Иван Беќковиќ
фото
: Кире Галевски
илустрации: Ване Костуранов

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.