По повод сеќавањето на легендарниот српски и југословенски басист Мирослав – Миша Алексиќ, еден од основачите и долгогодишен член на „Рибља чорба“, кој не напушти минатата година, на 16 август, на денот кога требаше да наполни 68 години, на стадионот „Ташмајдан“ во Белград, ќе се одржи „Концерт во чест на Миша Алексиќ, на кој ќе настапапи неговата „Рибља чорба“ и пријателите.

Ден претходно, „Чорба“ ќе го одбележи својот 43-ти роденден. Имено, на 15-ти август 1978 во кафеаната „Шуматовац“ во Белград се собраа Бора Ѓорѓевиќ, кој ги напушти „Рани мраз“ и Ѓорѓе Балашевиќ, и членовите на „С.О.С.“ – Миша Алексиќ и Рајко Којиќ, со даден глас од Вицко Милатовиќ, кој беше спречен да присуствува на средбата, и така се роди „Рибља чорба“, белградски сленг за месечен циклус кај жените. Останато е историја…

Миша Алексиќ беше и композитор и копродуцент на многу познати песни на популарниот бенд, кои ќе бидат изведени на концертот, а бидејќи заради пандемијата не беше можно збогување во присуство на пријатели, концертот е начин за колеги и пријатели, во присуство на обожаватели и лојална публика, достоинствено да се збогуваат со Миша Алексиќ, како што  доликува – на неговиот роденден.

Фронтменот на групата, Бора Чорба, ја опиша нивната врска со неколку реченици: „Миша беше многу повеќе од член на бендот. Тој е нашиот никогаш прежален брат. Ниту една одлука не беше донесена без негово мислење. Тој беше исклучителен автор, а на концертот ќе бидат изведувани неговите композиции, меѓу кои и последната што ја направи – Две гитари“.

На овој специјален настан, како гости ќе се појават познати имиња од српската рок-сцена: Момчило Бајагиќ, на кого Миша му беше кум, Звонимир Ѓукиќ од „Ван Гог“, некогашен ќлен на „Чорба“ – Никола Чутурило и Жика и Драги Јелиќ од култната „ЈУ група“.

Целиот приход од билетите е наменет за семејството на Миша Алексиќ.

 

Фотографија: Марина Пешиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.