Веста која фуриозно ја обиколи планетава, а особено силно одекна кај фановите на хеви-метал составот „Вајтснејк“, е дека тие добија нов член, хрватскиот музичар Дино Јелушиќ.

Дино Јелушиќ, момче кое го знаеме од многу одамна, кога пееше на Детска Евровизија, последните години изгради завидна меѓународна кариера, а ова сега е нова потврда за неговиот квалитет.

Една од најпознатите рок групи во историјата, британската легенда „Whitesnake“, објави на социјалните мрежи дека Дино е нивниот нов член.

„Вајтснејк“ на своите официјални профили на социјалните мрежи објавија дека ќе одат на турнеја во пролетта 2022 година, а заедно со распоредот на концертите, изразија и задоволство што нивниот нов член на бендот е Дино Јелушиќ.

– „Апсолутно сум воодушевен што можам да го поздравам доаѓањето на исклучително талентираниот Дино Јелушиќ во групата. Го следиме откако настапивме заедно во Загреб пред две години. Навистина ќе ви се допадне“, изјави Дејвид Ковердејл, фронтмен на групата „Whitesnake“.

Имено, Јелушиќ настапи како предгрупа на „Whitesnake“ на концерт во Загреб со неговата група „Animal Drive“, а исто така, нивниот гитарист Џоел Хекста свири со Дино во „Транс Сибиријан оркестарот“.

По објавата дека Дино Јелусиќ ќе стане нивниот нов член, следуваа бројни коментари од фановите на „Whitesnake“, кои ја поздравија одлуката дека Јелушиќ доаѓа во славниот бенд.

– „Исклучително сум почестен што сум дел од еден од моите омилени бендови на сите времиња. Телефонскиот повик од Дејвид Ковердејл е нешто што секој пејач и музичар од мојата генерација може само да го сонува, и понатаму се уште ми изгледа потполно надреално. Едвај чекам да одам на патување со „Whitesnake“ и, како што ми рече самиот голем Ковердејл, да дадам дел од мојот идентитет на звукот на овој култен бенд“, напиша Дино.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.