– Домашните е-продавници го зголемиле прометот за 126 проценти во првиот квартал годинава. Додека растот на онлајн трансакциите во истиот период е зголемен за 75 отсто, објави денеска Асоцијацијата за е-трговија, повикувајќи се на податоците од Народната банка за безготовински платежни трансакции до 30 март годинава.

Домашните е-продавници го зголемиле прометот за 126 проценти во првиот квартал годинава

Во согласност со податоците за бројот на реализирани трансакции во текот на првите три месеци од годинава, што ги објави НБРСМ, бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во текот на анализираниот период покажува дека растот на е-трговијата продолжува и оваа година.

Во првиот квартал од 2021 година вредноста на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство, изнесува 86,6 милиони евра. Сума која  во споредба со истиот период од 2020 година кога биле реализирани 49,6 милиони евра претставува пораст за 74,6 отсто.

Бројот на направените транскации во истиот период спрема минатата година забележува пораст од 65 отсто. Тоа значи дека вредноста на просечната трансакција е зголемена. Имено, во текот на првите три месеци од оваа година реализирани се вкупно 3.228.182 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.954.957 онлајн трансакции во текот на првите три месеци  лани.

Расне прометот во домашните е- продавници

Македонските граѓани за три месеци потрошиле 65,3 милиони евра за купување од домашни онлан продавници.

Македонците во текот на 2021 година продолжуваат да ги ползуваат придобивките од онлајн купувањето и да ја зголемуваат довербата која ја имаат кон домашните е-продавници. Имено, во текот на првите три месеци од оваа година Македонците со домашни картички потрошиле 65,3 милиони евра онлајн. Тоа претставува пораст од 125,8 отсто (35,9 милиони евра) во однос на истиот период претходната година.

Ако ја земеме предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон е-продавници во Македонија (65,3 милиони евра), наспроти вкупната вредност на онлајн плаќања (86,6 милиони евра), можеме да заклучиме дека 75,4 отсто од вкупната вредност на трансакциите се насочени ком домашните компании.

– Е-трговијата повеќе не е избор туку неопходност за компаниите да остварат раст и да достигнат до нови клиенти. Пандемијата уште повеќе го нагласи тоа и се повеќе домашните компании се адаптираат отварајќи нов канал за продажба – онлајн. Купувачите од друга страна стекнуваат дигитални вештини и ги менуваат навиките. Доказ за тоа е и трицифрениот раст од 126 отсто во вредноста на реализирани трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци. Растат дигиталните вештини, довербата во домашните е-продавници, е-трансакциите и домашната понуда. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и понатаму, како што и Асоцијацијата за е-трговија ги продолжува напорите, иницијативите и активностите со цел креирање поволна клима за забрзан раст на е-трговијата во земјава,“ – вели претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Во Македонија активни се 1.552 виртуелни пос уреди

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со март годинава во Републикава биле активни 1.552 продажни места. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.  За период од три месеци во текот на 2021 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 93 новоотворени.

Споредбено со првите три месеци лани кога бројот на активни е-продавници изнесувал 1.029, произлегува заклучокот дека за една година се отворени  вкупно 523 нови е-продавници што претставува пораст од 51 отсто.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.