Државата се плаши од својата администрација

Дека економската ситуација во земјава е многу тешка се гледа и по тоа што во април не им се исплатени платите на 87.051 вработен.  За разлика од април, во претходниот месец, плати не добиле само 7.284 вработени. Значи за еден месец бројот на работниците што не добиле плата пораснал за огромни 79 767 – и покрај финансиската помош на фирмите од страна на државата. Ова е бројка на која очите не можат да и веруваат, но тоа е вистината. Единствена утеха може да ни биде тоа што македонската економија е зафатена од брановите на една матна река која тече по целиот свет и од која никој не може да остане ненаквасен. Се разбира тоа се последиците од две и пол годишниот застој на светската економија од пандемијата и уште посилен фрас од актуелната војна во Украина.

Според податоцита на УЈП, во март имало над 4.000 фирми кои воопшто не доставиле пресметки за плата и над 3.000 фирми кои доставиле, но не исплатиле плата до дадениот рок.

Во април, бројките пораснале – над 6.000 фирми без пресметки и 16.000 фирми што не го испочитувале рокот за исплата на платата.

УЈП соопштува дека на дел од фирмите им се блокирани сметките, што значи „риба на суво“ која може да поживее додека не го потроши воздухот што го има преостанато во меурот. Затворањето на само една фирма, особено ако е таа од средните, или од поголемите, значи пореметување на економскиот систем – работници, даноци, придонеси, плати, побарувачка, потрошувачка и така во круг.

Под закана за блокирање на сметките, од страна на УЈП, некои фирми се снашле и им ги исплатиле платите на работниците, но тие си знаат од каде им се парите, а најлогично е да се претпостави дека се од банкарски кредити за да не ја згаснат сосема дејноста. Но, некои не успеале да го направат тоа.

Така виси опасноста 87 илјади работници да останат без работа што е огромна бројка. Тоа е бројка што го доведува во прашање крвотокот на целата економија, во сите нејзини причинско-последични релации.

Одовде произлегува прашањето за висината на просечната плата во Македонија?

Според ДСЗ во февруари оваа година просечната месечна исплатена нето плата изнесувала 29 839 денари. Како може да биде толкав износот, ако го земеме предвид бројот на работниците од фирмите што не земаат плата?

Логично е да се заклучи дека просекот го вадат платите во администрацијата и во јавниот сектор во кој тие во следниов период постојано се зголемуваат, а приватниот стенка, поднесувајќи ја кризата, иако тој е реалниот сектор што го создава капиталот.

Производителите без плата, административците мува не ги лази

Приватниот сектор никогаш не бил комотен како државниот, па така се работи за највулгарна превработеност, нестручност, инертност, јавашлук, политикантство, неодговорност, неморалност и веќе не знам кои зборови да ги наредам. Замислете тие што создаваат, што произведуваат, чиј производ се продава, не земаат плата, тие што уживаат во топли канцеларии со компјутери на кои играат карти, во чии бифеа цените се багателни – нив мува не ги лази. Демек, имаат сигурна работа, а работниците што секој ден се тресат за своето работно место, врз кои најчесто се врши голема експлоатација, чиј газда никогаш не е задоволен – не земаат плата. Се разбира дека и работата во администрацијата создава вредност и има цена, но болката е во ПРЕВРАБОТЕНОСТА, од која произлегуваа неработењето и нестручноста. Толкавата и ваква администрација ја јаде супстанцата на македонската економија! Тоа може да се види од процентот на буџетот со кој се финасира овој јалов трупец, на штета на капиталните инвестиции. Платите на административците јадат 70 проценти од буџетот!!! Не можеме да го прескокнеме проблемот со државните службеници кои долго време примаат плата, а не се распоредени на работни места.

Значи, начинот и смислата на собирањето и трошењето на даночните средства, наместо модерен и продуктивен, се сведува на средновековен арач за уживање на власта и на блиските до власта. Колку и да се ограничуваат средствата за непотребни трошења, од друга страна се толерират непотребните трошења, што во превод значи народните пари се арчат безмилосно и безобѕирно на непотребни нешта во најсиромашната држава во Европа. Ниеден од премиерите не стави крај на тие луксузите, демек ние во администрацијата сме држава и имаме ореол на главата како привилегирани работници, ние сме имале среќа да грабнеме место таму кај што не се работи многу, се одмора на празници, не се работи во недели, ама плата земаме точно на 1-ви.  130 89 илјадната армија е сместена во 16 министерства и во 40 органи и во безброј агенции за кои никој не знае што работат ниту им ја знае адреста и дали може да има некаква корист во животот од нив. Буџетскиот дефицит се продлабочува, јаниот долг ја надмина критичната граница од 60% од БДП и сега изнесува 64%, што е историски највисоко ниво. За да го покрие овој дефицит од 4,3%, на буџетот му се потребни околу 600 милиони евра кои се бараат од надворешни извори, но каматите не се исти како пред кризата.

Примери во развиениот свет

Премиерот на Обединетото Кралство, Велика Британија, кое има годишен БДП од 2 830 милијарди долари (2,83 трилиони) Борис Џонсон, најави намалување на вработените во администрацијата за една петина, што значи отпуштање на 90.000 вработени, од 475.000 административци. Тој им наложи на членовите на неговиот кабинет да направат план со цел да се врати бројот на вработени на ниво од 2016 година. Со тоа ќе се заштедат повеќе од една милијарда фунти во буџетот, што е дел од мерките насочени кон олеснување на сегашната криза на трошоците за живот на граѓаните, но и овозможување на донесување закон за намалување на даноците. (!!!)

Ребалансот на буџетот

Во меѓувреме, кај нас расте бројот на фирми кои побарале субвенции на придонесите – ако во март имало барања за над 22 илјади работници, во април бројот се зголемил на барања за 25 илјади работници. Зголемен е и бројот на фирми кои побарале помош за исплата на минималната плата – од 1703 фирми во март, на 2.777 во април.

По која и кројка да се крои буџетот, во догледно време процентот за алиментација на јавната администрација нема да се намли! Државата се плаши од својата администрација. Власта се бори да обезбеди мнозинство за поддршка, не само во собранието, туку и во администрацијата, таа создава ламја која ја јаде, а таа се гордее со тоа. Затоа Македонија е најсиромашната земја, се разбира во комбинација со политичките случувања, со атмосферата која е се уште нестабилна и од која капиталот бега како ѓавол од темјан.

 

 

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.