Концертниот спектакл „Танец и Влатко“ е закажан за 5 ноември во големата сала на НОБ, со почеток во 20 часот. Концертот е во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености 2021“, а ќе се одвива според сите епидемиолошки протоколи, што значи со лимитиран број на посетители. Еден билет чини 600 денари.

Националниот ансамбл Танец повеќе од седум децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјава и надвор од неа. Генерации и генерации играорци, пејачи, музичари, кореографи, со огромна љубов ги чуваат народните игри и песни, обичаи и носии и преку успешните рафинирани кореографски поставки го презентираат македонскиот бит пред светот. Танец е бренд каде и да настапи на земјината топка.

Ја освојува публиката со својата професионалност и совршениот изведувачки израз, со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство.

Влатко Стефановски е стар пријател на Танец, кој во текот на својата речиси петдецениска кариера многупати има настапено со ансамблот, и дома и надвор. Секогаш соработките со Танец ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како за македонската музичка култура во целост. Но, иако македонските фолклорни мотиви, како и фрагментите од репертоарот на Танец се неизоставен дел од неговите изведви, Влатко, освен повремените еднократни настапи со Танец, никогаш досега не остварил целовечерен концерт со ансамблот.

Конечно дојде и тој момент кога овие два бренда ќе ја делат сцената на голем концерт, за кој аранжманите на антологиските ора „Пелистерско“ , „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и незаборавните мелодии на „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, специјално ги напиша познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист, Дамир Имери.

Оваа врвна фузија, од која излезе уникатно парче музика, заслужува и достојна концертна промоција која ќе се случи токму на овогодишната манифестација „Есенски музички свечености“.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.