Без оглед што новиот албум на Џибони (поточно EP, со пет песни, насловен Gibonni – ‘U po’ ure’), во својот физички облик излегува на 25-ти јуни, слушателите не Интернет радио Анторис веќе можат да уживаат во песните. И тоа први во Македонија!

Која е тајна на успехот на овој, некогаш долгокосиот бушавко, водач на хеви-метал бендот „Осми путник“?

Веројатно формулата за успех лежи во неговите прекрасни песни, силна емоција од секој сегмент кој го испорачува во стиховите, хемија која го поврзува со екипа врвни музичари, меѓу кои е и нашиот гитаристички херој Влатко Стефановски…

EP-то ‘U po’ ure’ на Џибони претставува пет нови песни, пет приказни со кои секогаш повторно ги пронаоѓаме нашите животи, пет синглови со различна атмосфера и звук, а повторно – пет песни со препознатлив ракопис на авторот кој го изградил и потврдил сопствениот музички код, кој веќе со децении претставува „општо место“ на регионалната музичка сцена.

Како мајстор за стихови, Џибони, кој веќе го заслужи своето место во задолжителната училишна литература, сега излегува со колекција која уште еднаш ја крева границата високо, не на конкуренцијата, туку како порано, на самиот себе.

‘U po’ure’ го отвара ‘Kiša’, стадионска химна, која веќе сега е додадена на списокот на неговата богата колекција хитови, во која Џибони ги поврзува Далмација и Африка, со неговиот препознатлив ракопис, што придонесе и гостинскиот музичар Хадис Алемајеху Хадинго, свирач на традиционалниот етиопски жичен инструмент ‘masinqo’, како и бек-вокалите на хорот „Мосеб“ од Адис Абеба, со дополнителна поддршка на парохискиот хор на Св. Петар од Никеема во Замбија.

‘Pijesak nošen vjetrom’ ја отвора моќната гитара на нашиот Влатко Стефановски, постојан соработник на албумите на Џибони уште од крајот на 90-тите години на минатиот век. Во комбинација со светски познатата ритам секција, која ја сретнавме на „Миракул“, а во која се басистот Пино Паладино и тапанарот Ману Катче, ‘Pijesak nošen vjetrom’ е вистинска tour de force/ демонстрација на моќта на врвен тим музичари.

‘Lažu fotografije’ е една од оние песни на кои ќе им се враќате од почетокот, по секое слушање. Песна која ја има моќта, барем на миг, да го запре светот околу нас.

‘Mlijeko proliveno’ е уште една песна што во моментов не телепортира на еден од концертите на Џибони, која уште на првиот такт ја има препознатливата емоција која ја разубавуваат песните на Џибони.

‘U po’ ure’ го затвора ‘Ko si da si’, ода за женска убавина и сила, силна балада со темен сјај, на која главните свиречки должности ги одработија самиот Златан Стипишиќ – Џибони, кој ги создаде песните, и Никша Братош, продуцент и ко-аранжер на сите песни.

фото: Ведран Метелко
обвивка: Тања Стипишиќ и Едитори

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.