Со извонредниот македонски саксофонист Горан Папаз зборувавме за актуелната соработка со Влатко Стефановски, албум кој е во подготовка, дружбата со Танче Гроздановски, годините во Суперхикс, и за саксофонот, неговата голема љубов…

Горан Папаз конечно со нов сингл. Како и секогаш, твоите песни воодушевуваа, а „Овој момент“ посебно, заради специјалниот гостин Влатко Стефановски. Како дојде до соработката со нашата музичка легенда?

– Внимавај што ќе посакаш, викаат. Од секогаш сум посакувал да имам некаква соработка со Влатко, дури и јавно сум ја кажувал таа желба. Изгледа ниверзумот си го направи своето. Се поклопи моментот и времето, му ја пратив песната и го замолив да ми биде гостин т.е. одсвири соло на мелодијата. Му се допадна целиот концепт и без никави размислувања и преговори со неговите магични прсти ги залепи тие ноти на мојата мелодија.

Песнава совршено се вклопува во серијал синглови кои си ги реализирал изминативе години, со Диран Тавитјан и дузина други музичари. Дали конечно можеме да очекуваме албум од Папаз?

– Апсолутно, иако неофицијално веќе имам еден албум “Reason to live“ кој не доживеа официјална промоција, а е работен со Александар Масевски, вториот е заедничкиот со Танче Гроздановски и Иван Еминовиќ, “Елегија“, па еве сега веќе работам на мојот втор соло-албум за кој убеден сум дека ќе доживее официјална промоција и внимание какво што заслужува.

Што се случува во меѓувреме со твојата соработка со Танче Гроздановски?

– Како што кажав погоре, после првата “Елегија“ се спрема и втора, ќе го носи истиот наслов а во меѓувреме нашата професионална и приватна дружба си продолжува и да бидам искрен, среќен сум што пред се’ ми е вистински пријател а потоа и колега.

Следејќи ја твојата работа не можам, а да не помислам дека е навистина штета таа да остане „заробена“ во македонските граници. Има ли конкретни шанси да „полета“ надвор, некаде?

– Стремежот е тој, да се пробијат границите. Да не беше пандемијата можеби до сега ќе имаше нешто во комшилук, ама сигурен сум дека ќе има нешто во блиска иднина. Се преговара за мини турнеја низ Србија летово, па ќе видиме, мислите се позитивни.

Многумина уште те паметат по членувањето во Суперхикс. Беше вистинска ѕвезда на настапите, бидејќи си врхунски инструменталист. По што ти ги паметиш тие времиња?

– Ти благодарам за комплиментите, ми значат. Суперхикс ми беше одлично животно искуство, не само на музичко поле туку и на општествено – социјално. Научив многу за тоа како треба и како не треба на сцена, по медиуми па дури и на улица. Можеби најубавите години од мојот досегашен живот.

Таа приказна ја завршив затоа што осетив дека ми треба “самотија“, за да го остварам тоа што го имам замислено. Суперхикс ќе го паметам дур сум жив по убавите смеи, патувања и добри дружби.

Што друго интересно се случува во животот и кариерата на Горан Папаз? Свириш, настапуваш, создаваш, снимаш, предаваш музика и тоа волшебство го пренесуваш на помладите…

– Одговотот веќе го имаш во прашањето. Свирам и настапувам колку што можам, и сум многу среќен што повторно се враќаме во нормалата. Постојано работам на нови идеи и работиме на нови теми со мојот продуцент Гоце Симоноски.

Моментално паузирам со учителувањето, целосно сум фокусиран на соло кариерата, ама планирам во подалечна иднина да го споделувам моето знаење и на другите.

За крај, можеш ли да ми откриеш како се случи твојата љубов со саксофонот? И зошто баш саксофон, а не гитара, виолина, клавир…?

– Затоа што саксофонот е еден од ретките инструменти со кој можеш да “кажеш“ многу, а да не изустиш ниту збор. Ете, баш поради тоа.

Иван Беќковиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.