Со мошне ангажираната поетеса, писателка и уметничка воопшто, Гордана Каракашевска, зборувавме за убави работи. За минати дострели, идни планови, актуелни настани. За „Куќа од хартија“, нејзината актуелна стихозбирка, за потреба да се создава и да се твори, за пишување под псевдоним, за сликањето, фотографијата, за новиот роман „Градот, реката и езерото“, но и за сонот кој чека да и се оствари…

Пишувам за да бидам запаметена и по смртта

Следејќи ја Вашата работа, имам чувство дека сте целосно посветени на уметноста. Навистина, од каде толкава љубов кон поезијата, прозата…, кон создавањето и пишувањето?

– Поезијата е лирика на прапочетокот, на значењето, на зачетокот, на постанокот, на раѓањето, на животот. И веднаш на самиот почеток, се наметнува, само по себе, најва-жното прашање а тоа е зошто пишувам поезија но пред сè, зошто пишувам? За да одговорам на ова прашање треба да се вратам триесет и шест години назад, во летото 1986 година, година што е клучна за мене како личност и како творец. Август 1986 година, на тринаесетипол годишна возраст ја напишав првата песна (песна што не ми беше зададена за домашна работа) и веќе знаев, бев сигурна што сакам и што ќе бидам во жи-вотот. Оттогаш па сè до денес напишав илјадници стихови, неколку книги раскази и еден роман а на вториот роман работам веќе неколку години. Чувам сè што имам напи-шано досега освен Тетратка 7 која, најверојатно ја имам загубено при некое од многубројните селења во мојот живот на релација Пехчево-Скопје-Пехчево-Торино-Пехчево-Скопје. Пишувам затоа што морам, затоа што не можам ако не пишувам. За мене пишувањето е еквивалент на живеењето. Пишувам за да бидам запаметена и по смртта. Пишувам затоа што пишувањето е мојот живот. Пишувам заради желбата да ги споделам чувствата и размислувањата кои ќе останат за идните генерации.

Сите мои мотиви за пишувањето се насочени во две насоки: прво – внатре кон мене и второ – кон јавноста и за јавноста. Пишувањето книга е долга, макотрпна и тешка работа но чувството што го чувствувам кога крајниот резултат – книгата е објавена и ја држам в раце, е посилно од сета мака. За мене, поезијата е огледало. Мојата поезија е мое огледало. Но што значи денеска овде да се биде поет и да се живее како поет? Мојот одговорот лежи во поези-јата. Поезијата на извесен начин е преиспитување на моќта на поетовиот нагон, привидно како метафора. Човекот е стебло што се храни со сокот од поезијата. Како пиење вода. Емоцијата како основен елемент кој го гради и разградува светот на поезијата е искована во пламенот на метафората, на природата, на митологијата, на поетската порака. Поезијата е разновидна градбена спрега која остварува нови поетски простори. Секоја моја песна е отворена кон просторот на метафоричкото поетско искуство. Мојата поезија се движи во огромни простори кои се потребни за голем размав каде со исклучително храбар реторички талент, зборот како зачеток на нешто идно доживува метафорички каскади. Низ моите стихозбирки се чувствува преовладувањето на моќта на чувствата, емоциите и реалноста – времето во кое живеам и создавам, тоа исто време кое, неминовно, како ѝврз секој друг поединец, ги остава своите траги на, врз и во мене, и на кој му се потчинети сите други закони на природата. Во моите песни, зборот се радува, пронаоѓа нови искри на значења, го пронаоѓа јазикот на поезијата а со тоа и на животот. Во повеќето песни понирањето низ секојдневието го загрозува светот во кој живеам и му се заканува на животот во него; од друга страна пак се насетува и наве-стува доаѓањето на ренесансата како нова пролет. Многу молчење и незборување, многу осама има во моите книги. Поезијата е проклетство, но и храброст; треба јавно да си признаеш дека нешто те боли!

„Куќа од хартија“ е нова етапа во современата македонска поезија

Сепак, не е литературата единственото поле на Вашето делување. Одлично сликате, а се занимавате и со фотографија. Дали таа љубов потекнува од времето кога живеевте во Торино, бидејќи Италија е земја на врвни сликари и уметноста?

Никогаш не сакав но и не можев да избирам помеѓу пишувањето и сликањето. Тоа е како да морам да бирам дали треба да имам лева или десна нога. На мене ми се потребни и двете нозе за да одам низ животот и низ светот и да бидам она што сум во потполност, за да бидам Гордана Каракашевска. Мојот наставник по ликовно во основно училиште, инсистираше и лобираше да се запишам во средно уметничко а подоцна и на ликовна академија во Скопје. Меѓутоа, татко ми, претпоставувајќи дека животот на жените уметници е „тежок“, имаше поинаква визија за мене. Сепак, тоа што не завршив ликовна академија не ме спречи да сликам. На академија ќе научев многу. Талентот никогаш не е доволен. Потребно е да се поседува, но учењето, надг-радбата и праксата се пресудни. Кога е во прашање уметноста, морав сè сама да научам. Во Италија заминав токму од таа причина, заради уметноста и не случајно го одбрав Торино како град во кој ќе живеам и ќе учам затоа што Торино го нарекуваат град на културата. Таму го научив италијанскиот јазик, деновите ги минував во библиотеките и сликав. Најубавите слики ги имам насликано токму таму. Во меѓувреме, ги истражував Пиемонте и Лигурија. Денес сликам кога сум среќна и кога имам време. Значи, сликањето и фотографирањето се сведоа на ниво на хоби додека како професи-онален израз се определив за пишувањето.

Во моментов сте актуелни со стихозбирката „Куќа од хартија“. Постои симболика во насловот зад која постои интересна приказна?

– Вистината е дека работен наслов на стихозбирката кога ја пратив кај издавачот на прочит, беше TUM PECCET (Нека грешат). „Нека грешат“  доаѓа од латинскиот израз TUM PECCET – (тогаш нека грешат). Тоа е стар мнемотехнички израз за паметење на имињата на деветте музи Талија, Уранија, Мелпомена, Полихимнија, Ерато, Калиопа, Клио, Евтерпа, Терпсихора. Музите во грчката митологија се ќерки на богот над сите богови, Зевс и божицата на паметењето Мнемозина, тие се заштитнички на поезијата, уметноста и науката. Стихозбирката почнав да ја пишувам на почетокот на 2020 година инспирирана од музите заштитнички. Но, во разговор со издавачот, одлучивме да ги избегнеме прашањата и објаснувањата што е тоа и зошто TUM PECCET (Нека грешат). Негови предлози беа „Куќа од хартија“ и „Играта на сенките“ по наслови на две песни од самата стихозбирка. Јас се одлучив за „Куќа од хартија“ од причина што во исто-чната цивилизација има верување дека секој човек треба да направи три нешта во животот, а тоа е: да остави поколение, да посади дрво и да напише книга, додека, во запа-дната цивилизација, моите претходници и сонародници се стремат да направат куќа. Јас куќа никогаш не направив затоа што никогаш не сум била свртена кон материјалното.

Имам син, имам посадено многу дрвја и имам напишано многу книги. За мене куќа е литературата. Моите книги се мојата куќа од хартија. Светот на книжевноста е мојата  куќа. Стихозбирката „Куќа од хартија“ е нова етапа во современата македонска поезија со зачудувачка свежина, новина и зрелост; како да ги пронаоѓаме првпат.  Овде, песната е ослободување. Овде, таа се вивнува високо над бремето за да може да се втурне во пресрет на нов живот. Зборува за значењето и симболиката и за непостојаноста на домот на жената во патријахалното општество (за потребата да се изгради свој внатрешен дом…). Во „Растам во тишина“ (песна од стихозбирката „Куќа од хартија) овој концепт – имам куќа наместо срце – говори за претходното, но ја отвора и темата за книжевните влијанија. Сите песни во книгата имаат за цел да го однесат читателот барем чекор поблиску до она кон што свесно или несвесно целиме. „Куќа од хартија“ и мене како нејзина писателка ме однесе поблиску и повисоко до целите што си ги задавам.

Ана Каракаш е онаа другата моја верзија

До каде сте со објавувањето на вашата нова книга проза, романот „Градот, реката и езерото“? Што можеме да очекуваме овој пат?

– На романот со работен наслов „Градот, реката и езерото“ работам неколку години од причина што паралелно со работењето на него, работам и на други ракописи. Оди бавно и тешко но кај мене процесот на создавање на секое едно дело, без разлика дали е сликање или пишување, е таков од причина што сум перфекционист и голем крити-чар и самокритичар. Никогаш не брзам, оставам работите да отстојат, да созреат и им се навраќам постојано и постојано од време на време. За мене отсекогаш беше поважно да пишувам, да создавам, да творам отколку јавно да се експонирам. Нормално, како ѝкај други автори, и кај мене имаше и има периоди кога инспирацијата замира но во тие периоди јас не се оптоварувам со тоа и се фокусирам на читање. Отсекогаш многу сум читала. На десетгодишна возраст веќе ги читав Толстој, Достоевски, Перл Бак, Пушкин и Есенин. Веќе на тринаесетгодишна возраст ги открив француските поети: Жак Превер, Аполинер, Рембо…   Кога не пишувам го читам и препрочитувам веќе напи-шаното и во моментот кога сум задоволна со постигнатото, продолжувам напред. Во април завршив со уредување на стихозбирката „Точка на гледање“. Интересно е што таа книга е напишана пред дваесет години во периодот пред да заминам за Италија. Кога ја препрочитав пред еден месец, бев сигурна дека сакам да излезе во печатена форма. Совршена е. Во тој период многу ги читав Јохан Волфганг Гете, Сигмунд Фројд, Џејмс Џојс, Џ.Д. Селинџер, Волт Витман, Васко Попа, Ф.С.Фицџералд, Џон Штајнбек, Хајнрих Хајне, Гинтер Грас, Маркес, Умберто Еко и Тристан Цара. Од сите нив учев и научив многу. Поетот учи од поетите. Пред неколку дена го завршив уре-дувањето на стихозбирката “Вода“ која настана паралелно со пишувањето на романот „Градот, реката и езерото“. Искрено се надевам дека овие две книги во најскоро време ќе бидат објавени и претставени пред читателите.

Некои Ваши претходни дела ги потпишувате со псевдоним. Ми се доверивте дека за тоа постоеше добра причина?

– Да, книгата раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“, стихозбирката „Скршен поет и други поеми“ и романот „Разголување во година на козата“ ги објавив со псевдонимот Ана Каракаш. Вистината е дека од 2018 година па сè до 2021 година додека да бидат обја-вени овие 3 книги, јас се двоумев под кој псевдоним да ги објавам и многу долго време внимателно одбирав машки имиња. Да, сакав моите книги да ги објавам со машко име и презиме затоа што сакав да бидам „сватена“ сериозно. Сакав моите книги да добијат шанса да бидат прочитани без предрасуди и без да им се „суди“ заради името и пре-зимето на авторот. Уште пред неколку векови, жени автори морале, на некој начин биле принудени да објавуваат со машко име затоа што се верувало дека поезија умеат да пишуваат само мажи. Нема ништо невообичаено во тоа писателите да користат псевдоним под кој ги објавуваат своите книги.

Некои го прават тоа за да си ја зачуваат приватноста, некои за да го прилагодат своето име да биде попримамливо и поприфатливо за јавноста, а некои затоа што им се допаѓа тоа име. Има писатели кои ги знаеме исклучиво по нивниот псевдоним, додека пак има писатели кои се многу попопуларни со своето вистинско име, но сепак понекогаш решаваат да објават книга под псевдоним. Токму со објавувањето на моите три книги под псевдоним сакам да посочам и  потенцирам, на некој начин да привлечам внимание дека и денес, во дваесет и првиот век жените автори од икс причини се соочуваат со тешкотии и мораат да објавуваат под псевдоним токму заради предрасудите а овде пред се мислам на полот, името и презимето и територијалната одредница односно од земјата од каде доаѓа, по-теклото и образованието. Мојата омилена поетеса Силвија Плат објавувала под псевдоним. Ана Каракаш е онаа другата моја верзија што сите ја сакаат а мене ме прекорува и ми вели „скокни!“ и ме охрабри овој пат да објавам со вистинското име.

Пишувам за бремето да се биде жена

Се почесто од регионот, а и пошироко, доаѓаат информации за Вашата застапеност во тамошните медиуми. Не се сомневам дека Ви годат таквите признанија? А, како е дома, во Македонија?

– Поетот има улога на светилник, тоа е мошне одговорна улога, како што е и улогата на жената, особено улогата на мајката. Мојата поезија пее и за товарот да се биде тоа што од нас се очекува и да се биде тоа што всушност сме и го носиме во себе, она што вистински и изворно сме. Пишувам за бремето да се биде жена – да се слави убавината, раѓањето, пролетта, наспроти сите предизвици и тешкотии со кои се соочуваме низ животот како жени. За светлината и мракот што ги носиме во себе… Но, и навестување на верба во подобри времиња. Јас верувам во моќта на песната, во моќта на мојата поезија. Преку неа ги откривам таинствените врски меѓу бескрајно големите и бескрајно малите нешта низ просторот и времето. Мојата поезија е сублимат на светот, нуклеус во кој се крие тајната на времето и просторот, таинствената енергија која го продолжува животот и го движи универзумот. Во неа се гледа силата и мудроста на природата и нејзиниот напор да го зачува животот во космосот. Во неа се крие последната, конечна смисла. Таа е почеток, секогаш нов. И крај до кој не се стасува. Времето е најдобар филтер на сè. Тоа што вреди ќе остане . А тоа оттаму, што особено во последните неколку години, кој сѐ не пишува нешто и кој сѐ не објавува нешто. Оттаму, има книги кои освен „авторот“ никој друг не ги чита. Истото се однесува и на наградите, се препознава доколку се искрени и заслужени. Мојата застапеноста, наградите и признанијата надвор од границите но и кај нас, во Македонија се резултат на многу вложен труд, голема посветеност, активност и време. Многу, многу работа. Ништо не паѓа од небо. Но пред сè, потребна е голема дисциплина и детерминираност. И најважно од сè, многу многу љубов да се истрае затоа што нема ништо романтично во тоа да се пишува. Пишувањето е сурова работа. Тоа е многу крварење. И многу одрекување. Со часови, денови и месеци седам сама, затворена во соба, пишувајќи, далеку од сите и од сè.  Ме одделува од најблиските, пропуштам многу секојдневни ситници и моменти од животот на син ми, роднините и пријателите, но пишувањето ми го дава тоа што ништо друго не може, а тоа е исполнување на целта и доаѓање до одговор на прашањето – зошто сум тука, со која цел?

Веќе некое време усшешно го водите ФБ профилот Јазикот е нашата единствена татковина, глорификувајќи ги големите македонски автори и дела. Колку во создавањето на уметничката душа на Гордана Каракашевска влијателе Конески, Гане Тодоровски, Шопов, Рацин, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, браќата Миладиновци…?

– Јазикот на еден народ е неговото духовно богатство и наследство! Македонскиот јазикот е нашата Македонија. „Јазикот е нашата татковина“ е ФБ група за љубителите на книги. Додека сите се жалиме дека луѓето денес читаат сè помалку, сепак има и такви кои сакаат да се опуштат и да се изгубат во добра книга и сакате слободното вре-ме да го поминете во таа навика, сакате да читаат и знаат да уживате во добри книги, навиваат за јунаците од тие книги, се нервирате од лошите момци, погодуваат кога ќе им се случи нешто лошо на хероите или со недели размислуваат за книги кои ги допреле и промениле, им дале утеха, радост, тага, ги облагородениле. Тоа е место каде што можеме да се потсетиме на правописот на македонскиот литературен јазик. Место каде што можеме да прочитате македонска поезија и место каде што љубителите на пи-шаниот збор можат да дојдат до информации за културни настани и случувања во Скопје но и ширум на територијата на Македонија, информации за тековни конкурси и на-јава на промоции на книги.

Цел на „Јазикот е нашата татковина“ е зачувување и негување на македонскиот литературен јазик, правопис и граматика; македонските писа-тели, поезија и проза. Групата за шест месеци активност брои три илјади членови и јас верувам и цврсто сум убедена дека заедно сме посилни и заедно можеме многу да постигнеме. Времето поминато во читање никогаш не е залудно потрошено време. Љубовта кон мајчиниот јазик, кон пишаниот збор, кон книгите е таа сила која не обединува и не поврзува во „Јазикот е нашата татковина“. Влијанието на Блаже Коне-ски, Ацо Шопов, Кочо Рацин, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, браќата Мила-диновци, на Гордана Михаилова Бошнакоска, Лилјана Дирјан, Светлана Христова Јо-циќ, Матеја Матевски, Венко Андоновски, Димитар Башевски, Радован Павловски, со еден збор, на сите македонски автори што ги имам читано и од кои учев и учам сите овие години е евидентно и неминовно, тоа е втиснато во моите гени и длабоко навлезе но во мојата ДНК.

Имам сон кој сакам да ми се оствари

Од досегашната работа, можам да заклучам дека со Вашата креативна муза сте во постојана комуникација, и дека таа дружба ќе потрае на обострано задоволство. Сепак, какви се плановите за наредниве пет или десет години? Постои ли сон кој очекувате да ви се оствари?

– Моите цели се насочени кон пишувањето и издавањето на моите книги, сî со цел да дојдат до што помногубројна читателска публика. Пишувањето за мене а пред сè поезијата е уште една верига во ланецот на доловувањето на ономатопејата на природата со ритмички траги. Така, секоја моја песна а со тоа и секоја моја книга станува огледало на сите останати, хоризонт кој го имплицира идентитетот, мојот идентитет. Атмосфе-рата, мирисот на амбиентот што е доловен како еден континуиран процес заснован врз движењето на времето се надополнети со поетски чувства. Како да се читаат поетските симболи на мојата модерна лирика? Поезијата е еден вид наметка за идеите како основна супстанца што ја црпам од моите архаични длабочини. Поезијата подразбира свест за древност но древноста е само едно од одбележјата на мојот поетски запис. Сраснуваме една во друга, во една оплодувачка врска: јас во неа и таа во мене. тоа е поезија на љубовта, фантастична и чудесна, чудна во својот променлив чин, непостојана, непредвидлива, со бранови во стиховите, со тишината на својата лирика, тоа е поезија за човекот, за човештвото, за човечноста и нејзините слабости; чиста, нежна, облагородена поезија за времето.

Да, имам сон кој сакам да ми се оствари. Пред точно дваесет години потпишав авторски договор со една наша реномирана издавачка куќа за книгата „Писма“ но јас заминав за Италија и не дојде до реализација на тој договор. Навистина штета затоа што, откако завршив со подготовката на „Точка на Гледање“ и „Вода“, почнав да го читам материјалот за „Писма“ пишувани во првите години од овој милениум. Овој авторски договор за книгата „Писма“ веќе дваесет години го носам со мене, секогаш и секаде. Тој ми е потсетување дека пропуштените шанси се засекогаш пропуштени но и поттик дека човек треба да се обиде да ги поправи грешките што ги направил во мина-тото и мора да го следи зацртаниот пат за да стигне до целта а тоа е, да си го оствари сонот затоа што, што би биле без цел и без сонови? Што би биле ако не копнееме и не се стремиме да скокнеме повисоко и да го достигнеме недостижното? Искрено се наде-вам дека книгата „Писма“ наскоро ќе биде објавена и со тоа мојот сон ќе биде остварен за да можам да продолжам да сонувам други сонови.

Песните во „Писма“ на момент се спокојни, пловни, успорени, блесокот на зборовите и длабоката темнина се испрепле-туваат во нарацијата. Сликите од плускотот на зборовите кипат од убавина, полни со естетска набиеност, богати со визионерски мисли. Да се прочита „Писма“, значи да се навлезе во суштината на универзумот а со тоа и на животот. „Писма“ е голема поетска тема, кондензирана, супстанцијална, слободна и пробивна во своите симболички транс-формации за поетскиот и културен идентитет. Поезијата е како ѝ водата, дава живот, вечна е и менува сè. Поезијата, како ѝ водата, треба да биде достапна на сите. Секој треба да чита поезија како што има потреба да пие вода. Во предговорот на стихозбир-ката „Писма“ еден наш познат поет уште пред дваесет години напишал: „Љубовта е вечна тема и инспирација на многу уметници и секој ја опишува онака како што ја чувствува.

Но прашање е колку е сето тоа уметност. Овде меѓутоа, во овој случај, сѐе јасно: стиховите се слики кои на читателот му ги откриваат чув-ствата, иако се тие најчесто со призвук на меланхоличност и тага. Тоа се песни – пораки, песни – писма, испратени до одредена личност, песни без апстракција. Лирични и реалистични. Онака, како што љубовната поезија е најсилна. Таква е поезијата на Гордана Каракашевска. Оваа поезија заслужува да се најде во книжарниците, во библиотеките, меѓу читателите.“ Значи, со голема радост пред читателската јавност ги најавувам стихозби-рките: „Точка на Гледање“, „Вода“ и „Писма“.

Иван Беќковиќ

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.