Веста дека фолк пејачот Аца Лукас ја промовираше својата автобиографска книга „Ово сам ја“ („Ова сум јас“), во издание на реномираната белградска издавачка куќа „Лагуна“, во познатиот белградски театар „Позориште на Теразијама“, уште повеќе го вџаши дел од јавноста, кој претходно беше згрозен од податокот дека споменатава персона воопшто напишала книга.

На промоцијата во Белград, за автобиографијата на Лукас, меѓу другите, зборуваа и реномираните Мирјана Бобиќ – Мојсиловиќ (сликар, писател, поет), Вања Булиќ (писател, новинар, ТВ водител), и Срѓан Крстиќ, во име на издавачката куќа.

Запрашан – „Какви литературни вредности има автобиографијата на Лукас, и како Лагуна воопшто ја објавила оваа книга, без оглед на тоа што покрај вредните наслови негува и комерцијални“, уредникот Срѓан Крстиќ вели дека автобиографијата не се цени само според литературните квалитети, па дека тука настанува конфузијата…

– Она што го одредува овој вид литература се други фактори и некои други вредности, а до неодамна овој жанр беше крајно непопуларен во однос на светот, каде што далеку ги надминува романите и другите книжевни жанрови. Автобиографијата е посебен сегмент, а за да бидеме добра, во неа треба да има три работи што ги препознава публиката, и токму заради тие три решивме да ја објавиме оваа книга. Првото нешто е искреност…

А Аца Лукас е брутално искрен, додека неговата книга е можеби првата автобиографија во Србија која е толку отворена, бидејќи скоро сè досега служеше или за да оправдаат некои работи, или за да објаснат… – потенцираше Крстиќ, кој на забелешката од новинарите дека Лукас повеќе од две децении во сите јавни настапи е брутално искрен, до границите на одвратност, кажа дека овој пат тој зборува за својот живот.

Навистина – Има ли, освен искреноста, автобиографијата на Аца Лукас и други вредности?!


Контекстот на Аца Лукас може да се толкува како контрадикторен, но сето тоа зависи од гледна точка. Тој е таков каков што е, со својот изглед и својата приказна. Автобиографијата на Лукас како лајтмотив ја има фразата: Сите лаги за мене се вистинити и сите вистини за мене се лажни.

Книгата започнува со неговите затворски денови, а во дванаесет поглавја, освен за затворот зборува и за естрадата, пријателите, гордоста, жените…

„…Од почетокот, мојата кариера беше сериозен елемент во кој сè уште пливам добро и уживам во тоа“.

„…Во еден хотел во Неготин се обидов да поминам една ноќ како Кит Ричардс…“

„…По две недели баханалии во Париз, отидов во Швајцарија, во специјална институција за рехабилитација од дрога…“

Накусо, а и на широко, – тоа е тоа!

А, од Позориште на Теразијама, каде се случувала промоцијата, која ја споменавме на почетокот на текстот, се уште молчат за тоа: како некој, од овој калибар, токму на нивната сцена го претстави своето дело.

Иван Беќковиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.