„Од сон до јаве, и назад“ е насловот на книгата посветена на легендарната српска актерка Неда Арнериќ, која прерано почина на 10-ти јануари 2020-та година.

Авторката Татјана Њежиќ своето дело, неодамна објавено за издавачката куќа „Вулкан“, официјално ќе го претстави на Фестивалот на европскиот филм, кој викендов започнува на Палиќ.

– Доаѓате дома, варите кафе, седнувате во фотеља, а околу вас владее тишина. И секој избира што е тоа: осаменост или слобода…

Ова се зборовите на Неда Арнериќ, кои личат на неа, и кои се запишани во неодамна објавената книга во нејзина чест…

Неда Арнериќ, која имаше импресивна листа на улоги во филмовите кои го одбележале едно време, на македонската публика особено ќе и остане запаметена според улогата во филмот „Исправи се, Делфина“.

Книгата „Од сон до јаве, и назад“ за Неда Арнериќ, уметница која силно го одбележа нашиот простор и времето во кое твореше, е составена од два дела. Во првиот, низ неколку поглавја, се претставени нејзиниот живот и дело: од детството, тинејџерските, студентските денови до професионалните достигнувања.

Вториот дел содржи 15 текстови од нејзините пријатели, кои зборуваа за неа: Душан Ковачевиќ, Горан Паскаљевиќ, Богдан Диклиќ, Славко Штимац, Милица Краљ…, кои потсетуваат и потврдуваат дека со нејзиното заминување останавме без едно од заштитните лица на регионалната кинематографија.

Меѓу нив е краток, впечатлив централен дел, со околу стотина фотографии, главно од Југословенската кинотека, некои приватни, како и од архивите на театрите.


Неда Арнериќ беше прва по многу нешта: прво дете ѕвезда, прва тинејџерска ѕвезда и многу повеќе од тоа. Таа беше омилено лице на јавната сцена, а ќе останат спомените од господскиот став со кој, без гордост, ја носеше својата кариера.

Режисерот Лордан Зафрановиќ запиша дека Неда беше неговата најомилена актерка…

– Таа се запиша во актерска и филмска бесмртност и таму остави свој вечен белег. Критериумите и начините на интелектуално граѓанско опкружување влијаеа на паралелното постоење на нејзините два лика. Првиот е лик на убава, пријатна, интелигентна, интересна, духовна жена со посебно чувство и љубов кон културата и уметноста, која како професионален историчар на уметност беше и познат галерист, чија галерија беше своевидна точка на средби на белградскиот културен живот.

И тој друг лик, вистинското интимно суштество на Неда, на кое во секој од нас обично му е тешко да се покаже и изрази директно, а кое што – сфати Неда го создаде со помош на нејзините актерски остварувања во филмот.

Познатиот драмски писател Душан Ковачевиќ, пак, најпрво ја видел и ја запознал Неда Арнериќ како актерка на екранот на провинциско кино. Одамна…

– Видов девојче кое што играше во необичен филм, за кој сè уште не сум сигурен за што стануваше збор. Знам само дека овој филм е најдобро запаметен по спомнувањето на првата улога на Неда. Беше симпатична, насмеана, слатка и детски буцкаста.

Со еден збор, надарено и напредно дете кое преку ноќ се претвори во убава и волшебна девојка, како во бајките. Сето ова се случи во годините на големата слава на францускиот нов бран, кога Брижит Бардо беше симбол на женственоста на милиони гледачи ширум светот.

Во тие години, Неда Арнериќ беше наша Брижит Бардо, како што Милена Дравиќ потсетуваше на Катрин Денев, и нејзиниот (подоцна) сопруг Драган Николиќ на Белмондо, или Паја Вујисиќ на Жан Габен…

Во светот на актерството Неда Арнериќ влезе како девојче на возраст од 12-13 години со филмот „Сон“ на Пуриша Ѓорѓевиќ. Кога, меѓу другото, ја освои публиката и критичарите со улогата на Ѓурѓина, односно Марклена во филмот „Сон“, тие ја нарекоа прва детска ѕвезда и овдешната Ширли Темпл!

Потоа глумеше во други, исто така познати филмови на Пуриша – „Утро“ (1967), „Пладне“ (1968)…

Во истата година кога филмот „Пладне“ пристигна пред публиката, гледачите ги освои љубовна драма „Вишња на Ташмајдану“ од Столе Јанковиќ. А улогата на Вишња ја направи уште поголема ѕвезда. Следуваа бројни филмски и театарски улоги, за кои таа ги доби највисоките награди на еснафот.

– Јас сум голем професионалец. Јас не сум ѕвезда, но сум професионалец. Сепак, гледачите ја прават најважната проценка за сè. Постојат посебни односи меѓу актерите и публиката. Поинаку е со сликарите и писателите. Тие можат да ги стават своите слики или книги во некои фиоки, така што еден ден некој ќе открие кои генијални дела биле, но ние живееме со публика и за публика, и ако мислат дека вредам, тоа е најголемата награда за сè – зборуваше Неда, знаејќи да прокоментира и дека можеби и е најжално во животот затоа што го скрати и го прекина детството:

– Моите родители инсистираа на таа скромност, гледана од денешна перспектива, можеби дури и премногу. Тие ме научија да бидам фина, добро воспитана. Како дете, бев во можност да бидам непослушна, затоа што мојата фантазија беше бујна. Сакав да замислувам и измислувам разни работи, правев цели театри уште од мојот мал живот. Се сеќавам дека некои луѓе, кога имав седум или осум, велеа: „Оваа малечка, или ќе оди во циркус или ќе стане актерка“. Се испостави дека е вистина – зборуваше големата Неда Арнериќ…

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.