Олимписки медал е сон на секој спортист. Но, колку се плаќаат олимписките медали во регионот?

По историскиот успех на нашиот спортист Дејан Георгиевски на Олимписките игри во Токио, Владата на редовната 92. седница донела одлука нашиот претставник, кој се закити со сребрен медал во дисциплината таеквондо, да му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000 денари, а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени 600.000 денари.

– Освојувачот на сребрениот медал во таеквондо на ЛОИ Токио 2020 ќе биде награден и со дополнителни 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт – информираат од Владата.

На Дејан, кој ја израдува нацијата со историскиот успех, сепак, тоа нема да му биде единствената парична награда. Имено, откако Владата донесе одлука за еднократно доделување премии за Дејан Георгиевски и неговиот тренер Дарко Костовски, објави дека се откажува од својата парична награда, во корист на својот спортист.

– Мојот брат д-р Борче Костовски и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост! За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал (СО ЗЛАТЕН ОТСЈАЈ), – напиша тренерот Костовски на својот Фејсбук профил.

Дејан Георгиевски со освоеното сребро постигна историски успех за Македонија

Поттикнати од оваа извонредна иницијатива, истражувавме колку се плаќаат олимписките медали на просторот на поранешна Југославија?

Црна Гора, заедно со Босна и Херцеговина, до сега не успеа да се запишат во списокот на носители на медали, додека Србија, Хрватска и Словенија испорачаа добри суми. Косово дури и најдобри.

Со првите медали се појавија и информации за тоа колку земји во регионот ќе ги наградат своите спортисти за успехот на игрите во Токио. Она што зачудува е големата разлика помеѓу одделни земји, а економскиот развој не е директно поврзан со количината на пари што една земја ќе ја издвои за награди.

Во моментов Србија има четири освоени медали. Милица Мандиќ ќе добие 70 илјади евра за златниот медал, Дамир Микец ќе добие 60 илјади евра за среброто, додека Тијана Богдановиќ ќе добие 50 илјади евра за бронзата.

Толку треба да добие и Баскет репрезентација на Србија (3×3) за освоената бронза.

Таканаречената држава Косово, чии спортисти освоија два златни медали во џудо, во регионот плаќа повеќе од Србија. Нора Ѓакова и Дистрија Красниќи ќе добијат по 100.000 евра за нивниот успех, заедно со златото околу вратот.

Милица Мандиќ со освоениот златен медал донесе многу радости за Србија

За разлика од Србија, другите републики, на некогаш заедничката држава, не беа толку дарежливи…

Црна Гора сè уште нема освоено медал, а доколку нејзините спортисти успеат, ќе бидат наградени со 35 илјади за злато, 30 илјади за сребро и 25 илјади за бронзен медал.

Во Хрватска, пак, освојувачите на златен медал ќе добијат по 27.600 евра, додека 17.200 евра се определени за среброто, Бронзата, пак, во Хрватска се стимулира со 12.200 евра. Освен на спортисти, Хрватска ќе доделува и награди на тренери. Оној што го тренира златниот олимпиец ќе биде награден со 22.600 евра, додека тренерите на среброто и на бронзата ќе добијат 12.220 и 9.500 евра.

Во Хрватска, како и во Србија, освојувачите на медали се наградуваат со спортска пензија. Хрватските спортисти кои освоија медали добиваат пензија кога ќе наполнат 45 години, додека возрасната граница во Србија е 40 години. Познато е дека во Србија златото вреди три просечни плати, сребро 2,5, додека бронзата вреди две просечни плати.

Владата на Словенија е уште нешто поскромна, па освојувачот на златото ќе добие 20.000, на среброто – 17.500, а на бронзата – 15.000 евра.

Спортистите на Босна и Херцеговина, пак, кои до сега не се закитија со медал во Токио, за било какво одличје ќе добиат само по 2.300 евра.

Најпосле, она што е важно е дека економскиот фактор не влијаеше врз одлуките колку секоја земја до ги награди своите олимпијци, бидејќи во тој случај редоследот секако ќе беше поинаков.

Списокот на држави и освоените медали постојано се менува, а го имате ТУКА!

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.