Во самото финале на 2021-ва, ЗАМП (Здружение за заштита на авторски музички права) ја објави листата на десетте најкористени авторски дела во репартиционата 2020-та година. И за домашна, македонска, и за странска музика. Истата се објавува секоја година, според Законот за авторското право и сродните права (Сл.весник на РМ бр.115/10; 140/10; 51/11,147/13,154/15 и 27/16).

Да беа условите на животот нормални, тука пред се мислам на актуелнава пандемија, веројатно логично ќе беше листата да биде објавена многу порано, најдоцна до почетокот на летото. Во вакви услови, и она што не оди баш, личи како да оди.

Оваа листа, која што ЗАМП ја објавува јавно, всушност претставува сублимат на се она што емитуваат домашните локални и регионални радио-станици, и што забележано во системот (доколку истиот функционира), го испраќаат во централата.

Колку тоа има врска со реалноста, е релативен поим, но, ние веруваме во веродостојноста. Па, што би рекол Балашевиќ – „ако су лагали мене, и ја лажем вас“.

Постои тука евидентен друг проблем. Тоа се песните, чија бајатост едноставно не може, а да не се констатира.

Кај домашната листа, доминантен е Влатко Лозаноски, бидејќи неговите пет песни се во фамозната 10-ка. Од првопласираната „Ова лето ќе се памти“, до „Бомбона“ (5-та), „Мандарина“ (6-та), „Километри“ (7-ми) и „Јако, јако“, која се најде на 8-то место.

Ништо спорно, ако не се знае дека сите споменати синглови се дел од албумот на Влатко „Десет“, објавен во 2018-та. Како синглови, во етерот беа присутни и порано.

И остатокот од листата е ептен ретро. Елена Ристеска го држи второто и третото место, со „Немаш право“ и „Како да се радувам“ (заедно со Панчо од ДНК), кои се горди синглови од нејзиниот албум „Без шминка“ од 2015-та.

Како и Елена, и Тамара се најде во Топ 10 со 2 песни – „Тажна љубов, среќна песна“ на 4-то и „Тешко без тебе“ на 10-то место. Песните се објавени на нејзиниот албум „Еден ден“ во 2015-та година.

Најретро на листата е Владо Јаневски. Ај што е 9-ти со „Повторно се заљубувам во тебе“, ами со таа песна тој го наслови албумот од 2006-та година.

Да не бидам разбран погрешно. Немам ништо ниту против изведувачите, ниту против песните од листата. Тие својот квалитет го докажаа со фактот дека се омилени кај публиката. Тоа е неспорно. Но, како може песните од 2018-та, 2016-та, 15-та, 2006-та…, да бидат најслушани во 2020-та?

Што во меѓувреме се слушало во Македонија? Само тоа? Ништо подобро не се случило? Што е проблемот?

Македонија е во длабок музички рикверц, или…?! До кога?

Ако навистина радио-станиците во целата 2020-та најмногу вртеа песни од постар датум, тоа е сериозен проблем до радио-станиците. Ги следат ли трендовите? Пратат ли што се случува, тука, надвор?

Но, ако вртеа нешто друго, а ги регистрираа овие песни, тогаш проблемот е друг. Но, евидентно имаме проблем.

Затоа сме тука, на ова дереџе. Според ова испаѓа дека во Македонија нема и не треба нова музика. Дека, освен поп-музика ништо друго не се емитува. Нема други изведувачи, освен споменати тројца, четворица, други композитори, освен нивните, други стилови…

Истото го пишувавме лани, ова време. На 19-ти јануари, на Анторис.
Реквием за една бајата топ-листа.
Но, ова е уште побетер!

Дали е ова „реална слика“ на нашата музичка реалност, или само потврда дека сме ептен зачмаени во минатото. Дека некој не е „од тука“!?

Еј, земја за која се зборувало дека во неа ќе те натпејат и ќе те надиграат! Еееј!


Иста ситуација и со светската сцена на најкористени дела во 2020-та. Coldplay – „Adventure Of A Lifetime“ (2015), Lorde – „Green Light“ (2017), Justin Bieber – „What Do You Mean?“ (2015), Robbie Williams – „Rock DJ“ од албумот Sing When You’re Winning објавен во 2000-та…
Порикверц амин ☹

Треба уште?

Во „она време“, радиото служеше за едукација и забава. Доколку радиото денес служи за манипулација, некој сериозно не си ја работи својата работа.
До кога?

Иван Беќковиќ

 

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.