Македонскиот дизајнер, Таневски- 10 години гради успешна кариера во Mercedes-Benz, во Штутгарт. Малкумина можат да се пофалат со фотографија до автомобил којшто сами го дизајнирале. Единствениот Македонец дизајнер на автомобили кој на пошироката јавност и стана познат по својот сериски дизајн Mercedes GLC Coupe, потоа Mercedes Б класа, Mercedes CLA Coupe,  Mercedes CLA Shooting Break, за својата карирера напиша: „Беше и се уште е возбудливо патување. Остварен сон, одлични проекти, супер колеги, интересни моменти, научени многу вештини, служени патувања.“

Македонскиот дизајнер, Таневски 10 години гради успешна кариера во Mercedes-Benz

Славчe Таневски е млад успешен Македонец, кој работи во една од најстарите компании за автомобили. Редок доказ дека инспирацијата и сонот на секој вреден човек го носат до посакуваниот успех. Врвниот македонски дизајнер во интервју за Анторис магазин зборува за својата љубов и изборот на професијата, за патот на својот успех.

Патот до успехот

-Г-дине Таневски, веќе една деценија градите кариера како професионален дизајнер во Мерцедес- Бенз. Статус на кои многу млади ви завидуваат,  ви се восхитуваат или пак сте пример дека секој сон може да се оствари ако се пронајдете  во професијата што ве исполнува и мотивира на постојана креација. Би сакала да направиме една приказна за вашиот пат до успехот. Како започна ? Од каде љубовта кон автомобилите?

-Љубовта за автомобилите доаѓа од најмала возраст. Прошетките со татко ми низ Скопје, гледајќи ги автомобилите, прелистувајќи ги списанијата за автомобилите и играјќи си со колички доведоа до тоа прво да ги разликувам по марки и типови, а потоа и сам да ги цртам. Интересот се продлабочи со годините на повеќе нивоа и доведе до тоа денес сам да ги креирам едни од најпрестижните и најлуксузни автомобили на светот.

Македонскиот дизајнер вели: „Следењето на сонот и бестрашната одлучност ме водат цело време, исто како и  мотивацијата од околината, тие мали моменти на благодарност, знаци на среќа и размена на позитивна енергија.“

-Покрај желбата да се реализира детскиот сон сигурно е потребно и соодветно образование. Како течеше вашето школување. Или, поконкретно низ кои училишта треба да се помине за да еден млад човек се стекне со титула на дизајнер за автомобили?

-Патот низ образованието го поминав непречено, но не и лесно. На планетава имаме факултети за дизајн на коли кои можат да се избројат на две раце.Така што, да стигнете во таа мала група на среќни студенти бара голем ентузијазам, многу жртви, многу работа. Јас после средното образование се одлучив за Факултетот за дизајн во Минхен. Во земја со најразвиена автомобилскa индустрија, со многу потенционални работодавци, а и релативно блиску до Македонија. Воедно и земја со најниски трошоци за студирање.

Мерцедес- една од трите омилени марки

-Како се најдовте во Мерцедес-Бенз. Дали од мал ги обожувате овие автомобили, дали Мерцедес беше вашиот сон што ве водеше да ги бирате школите и да правите етапни чекори кои ве водеа до замислената цел?

-Мерцедес ми била секогаш една од трите омилени марки, но целта ми беше прво да го завршам образованието и да се вработам во која било автомобилска компанија. Во дизајн студиото на Мерцедес првпат влегов во 2008 година како практикант. На конкурс за дизајн освоив прво место, а наградата беше шестмесечна пракса. Кратко потоа ја добив и понудата за работното место, така што веќе во петтиот семестар знаев каде ќе работам професионално.

Македонскиот дизајнер, Таневски- 10 години гради успешна кариера во Mercedes-Benz

– Во моментот на избор на работно место имавте и други понуди. Зошто токму Мерцедес ?

-Имав многу понуди на крајот на студиите, но како што реков, се образував во Мерцедес, веќе бев увежбан во тимот. Но, најголемо задоволство ми претставуваше тоа што имаме многу различни категории на возила, така што можам да работам на многу различни проекти.

– Какво беше чувството кога се најдовте во работната атмосфера на оваа голема со традиционални правила компанија за автомобили. Ви беше дадена доверба, имавте ли чувство на страв, трема дали ќе одговорите на позицијата која ви ја доверија?

-Воопшто немав трема ниту страв, само бев среќен што конечно имав можност да покажам што можам. Учев многу од нив, но и тие учеа од мене. Како студент обично вашите идеи се најсвежи, имате отворен ум и широк видик за нови иновативни решенија итн. Самодовербата и самопочитта имаат исто голем удел. Доколку сами не се почитувате и не сте свесни за тоа што можете да го дадете, другите нема да ве ценат.

 Првиот сериски автомобил, за четири месеци

-Колку време ви беше потребно да го покажете својот талент и да го дизајнирате првиот автомобил? Дали таа визија за првиот модел ја имавте замислено поодамна?

-Првиот сериски автомобил ми беше усвоен после четири месеци од почетокот на мојот професионален ангажман. Беше секако проект што им требаше ним, а не нешто од мојот каталог на дизајни.

-Какво се чувствувавте кога вашиот дизајн беше признаен од авторитетите на Мерцедес? Што беше она со што вашиот модел се разликуваше од претходните мерцедес автомобили? Што ги фасцинира?

Па бев горд, среќен, секако. Но морав да чекам четири години пред да можам да го споделам со сите. Таков е процесот. Со GLC започнавме нова стратегија на поскулптурирани површини кај СУВ-ата. Денес се уште е нашиот најпродаван модел.

– Што лично вас најмногу ве исполнува од вашиот дизајн на досега реализираните модели?

Моќниот израз на лицето на возилото, пропорциите, чистите површини на возилото без ивици.

Најголемото влијание на Таневски врз дизајнот на Мерцедес е во делот на чистите површини и отсуство на ивици и рабови. Складните и екстремни пропорции кај двете купеа и употребата на триаголникот кај CLA на пример во светлосната група напред и назад. Исто така сродноста на предната и задната експресија на ликот. Предните и задните светла на CLA  се разликуваат само пропорционално, додека силуетата е иста. Сите други возила моментално во гамата имаат различна форма на предни и задни светла

Најмногу ме прави среќен кога гледам како луѓето реагираат на автомобилите

– За кој од моделите што досега ги  дизајниравте вложивте најмногу труд и време? И што е она што ве инспирира да креирате, што ве мотивира и турка кон нешто поразлично? Од каде ги црпите идеите да оформите поинаков дизајн?

Сите проекти бараат приближно ист труд и време, па отприлика така е и со моите пет модели. Разликата е во тоа колку ќе се измачите на почетокот со цртањето, барањето на идеите на самиот почеток. Понатаму е процес на физибилити, односно приспособување на дизајнот за производство и според легислативата за хомологација.

Ме инспирира самиот резултат кога ќе го видам мојот дизајн на улица или на некој саем. Но најмногу ме прави среќен кога гледам како луѓето реагираат на автомобилите. Посебно децата. Знам колкав импакт имале многу автомобили на мене како дете, а сега ја имам таа моќ јас да влијаам.

Македонскиот дизајнер во Мерцедес е горд на моќниот израз на лицето на возилото, пропорциите, чистите површини на возилото без ивици

Техниката цело време еволуира

– Наметнавте нов стил на дизајн, верувам препознатлив за љубителите на Мерцедес, што всушност е одлика на вашиот стил? Постои ли одредена техника која ја применувате додека ја реализирате идеја – проектот што сте го замислиле?

Нема посебни техники.Техниката цело време еволуира, пред се на мене да не ми стане монотоно, а и со различни техники добивате и нови креативни идеи, тука пред се зборувам за цртањето.

Што се однесува до мојот стил и тој еволуира, но секогаш пропорциите се екстремни, автомобилот стои оптички стабилно на патот и не сум многу фан на ивици. Светлата во контраст треба да бидат остри и оригинални, препознатливи за тој модел. Голем критичар сум на дизајнот по принцип на руски кукли, бабушка, ист дизајн, различна големина.

– Кој од досегашните дизајни ви е најомилен, односно на што најмногу сте горд во вашата професија?

На тој што ќе го промовирам за кратко време. Инаку како приказна како е настанат, најинтересна ми е онаа за CLA. Моделот го работев во Калифорнија.

Нивото на креативност нема граници

– За да креирате секако се потребни и одредени услови за работа. Колку Мерцедес , како една од најстарите автомобилски куќи дава флексибилен простор за работа. Колку ве мотивира или ограничува во работата?

Во креативниот процес не сум ограничен. Во нивото на креативност нема граници, може да нацртате што сакате, тие ќе го разгледаат. Кога ќе падне одлуката кој дизајн ќе продолжи, односно кога е дефиниран дизајнот 80 отсто, тогаш е многу битно да сте професионален и да наоѓате решенија со инженери и техничари. Тука има помала креативност.

Инаку во однос на работното време, сме доста флексибилни посебно сега со работа од дома. Некогаш се работи и по 11 часа на ден, некогаш и во сабота, но имам и доста одмор, три месеци годишно.

Македонскиот дизајнер на прашањето: Кој од досегашните дизајни ви е најомилен, односно на што најмногу сте горд во вашата професија? вели: „На тој што ќе го промовирам за кратко време.“

– Дали работите и на дизајн на новите електрични модели? Верувам дека тоа е нов предизвик.

Секако да. Мојот прв електричен автомобил беше Concept EQA. Веќе работиме на вакви возила изминатите седум и кусур години така што не е нов предизвик за нас. Инаку иднината е електрична, дефинитивно.

Вработувањето во светските автомобилски компании не е само сон

– На вашиот фејсбук – профил напишавте: Најдоброто допрва следи. Многу скоро, јаготката на шлагот. Верувам дека работите на нов дизајн што ќе ги фасцинира вашите следбеници. Може ли да откриете некои детали од тој нов проект?

За тоа ќе треба да почекаме месец-два.

– Што би им порачале на младите кои мислат дека вработување во светските автомобилски компании е само сон?

Сакам да им препорачам дека е возможно, јас сум доказ за тоа. Ќе им треба освен талентот многу ентузијазам, многу работа, познавање на странски јазици, самоиницијатива, професионалност и многу одрекувања, пред се од социјализација и други комфорот зони.

М. Балдазарска

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.