Народната банка e лидер во регионот во развојот на финтек-секторот, посочи Европскиот фонд за Југоисточна Европа – ЕФСЕ.

-Северна Македонија е единствената земја во Западен Балкан чијашто централна банка го има мапирано финтек-екосистемот. Другите земји од регионот се во фаза на почетни активности – на ниво на обуки и работилници, измени и поставување финтек-регулатива.

Северна Македонија е единствената земја во којашто централната банка веќе иницира подготовка на конкретна национална Стратегија за поддршка на финтек-секторот.“

Ова се дел од констатациите изнесени на виртуелниот настан на којшто беа презентирани резултатите од Анкетата и Студијата за остварливост за развојот на финтек-секторот, коишто ги оствари Народната банка, со поддршка од Европскиот фонд за Југоисточна Европа – ЕФСЕ, стои во соопштението на НБРМ.

Народната банка e лидер во регионот во развојот на финтек-секторот

Како што соопштијаод НБРМ, на настанот учествуваа гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на банката. Потоа, претставници на ЕФСЕ, како и надворешниот соработник кој ја подготви Студијата за остварливост и дел од испитаниците од Анкетата.

Во Анкетата, како што објави НБРМ, зедоа учество претставници на банки, компании коишто нудат финансиски услуги, компании за алтернативно финансирање. Потоа, инкубатори, акцелератори и партнери за поддршка на малите бизниси, регулатори, државни институции и министерства.

Со финтек-секторот бројни придобивки за економијата

Финтек-секторот може да донесе бројни придобивки за економијата, сметаат близу 90 проценти од 220 испитаници. Анкетата покажува дека традиционалните финансиски институции, односно банките и останатите финансиски небанкарски институции, веќе преземаат иницијативи за финансиска трансформација.

Од традиционалните финансиски институции коишто учествуваа во Анкетата, малку повеќе од половината (58 отсто) се изјасниле  дека веќе развиваат финтек-производи или услуги. Слична е и состојбата кај компаниите за алтернативно финансирање коишто зедоа учество во Анкетата. При тоа 52 отсто од нив одговориле дека веќе вовеле финтек-решенија.

Кога станува збор за испитаниците од групата регулатори, поголемиот дел од нив, или солидни 76 отсто, сметаат дека тековната регулатива треба да се приспособи кон новите иновативни компании. Додека, 71 отсто од испитаниците од групата инкубатори, акцелератори и потенцијални инвеститори сметаат дека државата треба да ги поттикне инвестициите во потенцијални финтек-компании.

Воспоставување на критериуми за лиценцирање за новите учесници на пазарот

Во своето обраќање, како што соопштија од Народна банка, гувернерката посочила дека примената на иновативни решенија во финансиската сфера може да донесе огромни придобивки за граѓаните и компаниите, финансискиот систем и целокупната економија. Финтек-решенијата би овозможиле влез на нови учесници и деловни модели на пазарот, раст на конкуренцијата, раст на ефикасноста и трансформација на финансиските услуги.

„Во периодот што претстои, нашата енергија ќе ја насочиме кон активности за повеќе прашања поврзани со финтек-секторот, преку координација со сите засегнати страни во екосистемот. Исто така, планираме да му посветиме посебно внимание на развивањето ефективна регулатива за заштита на потрошувачите во областа на финансиските услуги.

Народната банка e лидер во регионот во развојот на финтек-секторот

Истовремено, ќе работиме и на поставувањето критериуми за процесот на лиценцирање за новите учесници на пазарот. Ќе ја разгледаме можноста за обезбедување регулаторен простор за да можат компаниите да ги тестираат новите иновативни решенија во безбедно контролиран простор  (Regulatory Sandbox). Оваа регулаторна алатка има значителен потенцијал за поттикнување финансиско вклучување и за испраќање сигнал до учесниците во финтек-индустријата дека регулаторот е отворен за иновации.

Сите овие прашања ќе бидат дел од првата Национална стратегија за финтек-секторот, како една од нашите стратешки цели во наредниот период“, истакна гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска.

ЕФСЕ има значителен придонес во развојот на финансиите во Северна Македонија

Како што беше истакнато на настанот, ЕФСЕ има значителен придонес во развојот на финансиите во Северна Македонија, преку обезбедување заеми за развојни финансии во износ од 110 милиони евра и 36 остварени проекти за техничка помош.

Од НБРН соопштуваат дека уште од самиот почеток, ЕФСЕ нагласил дека развојот на финтек-секторот во нашата земја бара создавање побарувачка преку подигнување на свеста за примената на иновативни технологии во областа на финансиите, поддршка на иновациите, на претприемачите и иноваторите, напори за координација на сите засегнати страни и отстранување на пречките за развој преку регулаторни олеснувања.

На настанот биле презентирани и активностите на Работната група за финтек-секторот во рамките на Народната банка, со која се воспостави т.н. Порта за иновации, како платформа за комуникација на Народната банка со иновативната бизнис-заедница (финтек-секторот) и други релевантни институции.

Домашните компании најбројни за консултации од Портата за иновации

Засега, најголемиот дел од барањата за консултација испратени до Портата за иновации се од компании од земјата со иновативни деловни модели, односно бизнис-идеи, а има интерес и од физичките лица.

Малку повеќе од 30 отсто од субјектите коишто се имаат обратено до Народната банка преку Портата за иновации се од странство, што укажува на интерес на меѓународниот финтек-сектор за потенцијални странски вложувања во нашата економија.

Според активностите, повеќе од третина од прашањата и предлозите упатени до Портата за иновации се однесуваат на иновативните, односно алтернативните плаќања, по што следат прашањата од криптосферата, како и прашања во врска со регулативата, е-трговијата, дигиталните валути на централните банки итн.

Како што беше посочено на настанот, дел од експертите на Работната група за финтек-секторот во Народната банка од неодамна се вклучени и во работните групи за финансиски иновации формирани од Банката за меѓународни порамнувања (БИС). Така што нашата Централна банка ги следи и учествува во оформувањето на најновите меѓународни согледувања и регулативи за финтек-секторот.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.