Утре (среда, 23-ти јуни), во Скопје Верица П. Гичева ќе ја промовира првата книга за „Невербална комуникација“, напишана од македонски автор и на македонски јазик. Промоцијата на книгата ќе се одржи во Паркот на светлината во Општина Аеродром.

Станува збор за публикација која е првата од проектот Самодоверба, Комуникација, Мотивација кој ЕУ ИНСТИТУТ Скопје започна да го спроведува во соработка со општината. Следат уште две други публикации, кои се дел од проектот и ќе бидат објавени во следните три месеци.

Во склоп на проектот ќе се одвива и мотивациско говорење како прв чекор во периодот кој следи после глобалната пандемија и Ковид-19 криза. Настанот ќе заврши со музичка програма каде учество ќе земат еминентни македонски музички имиња од македонската забавна и народна музичка сцена.

Во изјавата за Анторис Верица вели:

– Се работи за книга која ја напишав во периодот на пандемијата. Како еден вид увертита, би кажала дека пишувањето и објавувањето на оваа книга не е случајно. Резултат е на мојата работа и посветеност во полето на комуникациски вештини. За оние кои не се информирани, ќе кажам дека во период од 2017 па наваму мојата работна кариера навлезе во друга димензија односно се посветив на едукации и проучување на тема популарно наречена говор на тело или невербална комуникација.

Говорот на телото или невербалната комуникација всушност е говорот на човечноста. Постои откако постои и самиот човек. Ова е наука која не е егзактна, но која е истражувана со векови. Секако повеќе на оваа тема ќе можат да прочитаат во книгата сите ваши читатели веќе од утре – потенцира Гичева.

По повод промоцијата на публикацијата и отворање на проектот Самодоверба, Комуникација, Мотивација книгата ќе биде достапна за граѓаните по симболична промотивна цена од 200 денари. Сите собрани средства ќе бидат усмерени кон проектот наменет за жртви на семејно насилство.

На оваа хумантарна акција ќе биде овозможено секој граѓанин да донира 100 денари а за возврат ќе добие музичко цеде од Верица Пандилоска со популарна авторска македонска музика.

ЕУ Институт Скопје се јавува како издавач, додека донатор е Општина Аеродром Скопје кои во овие финансиски тешки времиња несебично ја дадоа поддршката на граѓанскиот сектор се со цел да направиме заеднички чекор напред кон зајакнување на капацитетите на граѓаните.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.