Order This- дигитално мени за автоматизирани нарачки во ресторани, е специјализиран ИТ –продукт за угостителскиот сектор креиран од Nsight Solutions. Стартап компанијата се појави на македонскиот ИТ пазар во октомври минатата година како македонско -холандско партнерство.

-Нашиот продукт, Order This претставува софтверски систем за автоматизирано правење нарачки во угостителски објекти со користење на претходно креирано дигитално мени за сопствениците,“ вели , Славчо Зафировски, ко-сопственик во Nsight Solutions.

Некои сопственици на поголеми угостителски објекти процениле дека кога имаат повеќе гости на крајот на денот пропуштиле да наплатат и над 100 пијачки. Поради тоа што келнерите не можеле да стигнат, некои луѓе си заминале. Значи ако преку овој софтверот може да се врти и 50  отсто од пропуштените наплати во локалите би било одлично за угостителот.

Зафировски, заедно со Лисе Терлаак, исто така ко- сопственик во компанијата, во разговор за Анторис магазин, објаснува дека при креирање на софтверот првично се фокусирале на проблематиката со хроничен недостаток на персонал во угостителството.

Според нивните информации,  Холандската угостителска комора прогнозира дека до 2025 година ќе им недостигаат 300 000 работници во угостителството во Холандија. А, овој проблем, вели Зафировски е присутен секаде во Европа, од којшто не е исклучок и Македонија.

Нашето истражување на македонскиот пазар, низ бројни разговори со угостителите го потврдија тоа, сите бараат работници во овој сектор, но нема доволно.

Знаевме дека овде нема ваков софтвер

 Како дојдовте на идеја да креирате ваков софтвер, кога Вие и самиот сте магистер по право?

-Да јас сум магистер по право со корпоративно искуство во интернационални консултантски компании. Меѓутоа, креирањето на ваков вид на софтвер произлезе од  искуството што го стекнавме јас и Лисе во компанијата во која работевме во Холандија, а која изготвуваше друг тип на софтвери, со друга проблематика за угостителство, различен од овој што сега ние го нудиме. Инаку, концептот на дигитално мени и нарачување преку мобилен уред е многу популарно меѓу холандските угостители и корисници.

Кога подолг период работите на една проблематика се повеќе ги согледувате и пропустите. Така и ние видовме сегмент на пазарот на којшто му треба поинаков софтвер, што пак се поткрепи и со актуелната ковид состојба. Кога почнавме да го креираме софтверот во фокус ни беше Холандија – како созреан голем пазар. Меѓутоа, поради локдаунот што таму се случи, решивме нашиот софистициран систем да го пробаме во Македонија. Знаевме дека овде нема ваков софтвер. Иако и во Холандија имаме партнер, но друга е приказната со нашиот пазар исто како и имплементацијата.

 Што во основа претставува системот што го нудите?

-Order This- дигитално мени е нашиот софтверски систем кој најпросто кажано функционира така што им овозможува на гостите во еден ресторан со скенирање на Кју-ар кодот (QR code)  да го разгледаат менито и да направат нарачка од својот телефон, без да чекаат да им пристапи келнер.

При тоа нарачката пристигнува на екранот што го користи угостителот, така што истовремено ја гледа келнерот. А, сопственикот на локалот може и од дома да ја следи состојбата, да ги следи нарачките во ресторанот.

Користењето на нашиот софтверски систем во угостителските објекти ќе претставува стабилен партнер за нивните сопственици што ќе им овозможи континуирана достапност цело време, а воедно ќе ја зголеми ефикасноста на персоналот. Едноставно кажано со користење на нашиот систем еден келнер ќе може да покрие повеќе маси за разлика од досегашниот начин на услуга.

Преку ваквото софтверско решение прво го елиминираме чекањето на гостите коешто од нашето искуство е едно од главните причинители за незадоволство кај гостите.(Секоја лоша критика за кој било ресторан започнува со жалби за подолго чекање на услугата, ненавремено присуство на келнерот). На овој начин се отвора простор за поорганизирана услуга и посветеност кон гостите.

Во принцип грешките при нарачка продуцираат и голема загуба на храна

Какво е искуството од Холандија, колку време онлајн нарачките се користат, како се прифаќаат и кои се придобивките кај угостителите?

-Според искуството од Холандија, каде се користат ваков тип на софтвери, ресторани коишто имале потреба од 10 келнери сега истата услуга ја реализираат со седум. Исто така и нарачките во рестораните се зголемени за 20 отсто во однос на периодот кога не се користел софтверот.

Едноставно системот овозможува забрзување на обртот на сервисните услуги. Луѓето полесно нарачуваат, а тоа влијае и на обемот на нарачките, тие неретко се поголеми.

Во Холандија онлајн нарачките во ресторани се користат околу пет години со тоа што холандскиот пазар е посозреан во моментов и кај нив веќе на генерално ниво на угостителството придобивките им се јасни. Значи, угостителите таму се уверени во позитивните ефекти од користењето на овој софтвер за нивниот бизнис. Е сега, таму прашањето е кој софтвер е подобар, бидејќи на нивниот пазар има и конкуренција- се користат различни концепти во софтверскиот систем за угостителство. Меѓутоа, угостителите од различни видови на ресторани наоѓаат соодветна примена на софтвери од ваков тип, модифицирани за нивна потреба, со целосно или делумно мени. Или пак со користење само на менито за пијалаци, додека за храната преферираат персонален контакт.

За разлика од таму, македонскиот угостителски пазар е во фаза на убедување за придобивките- зошто треба да користат софтвери за нарачки? Уште не е доволно познат меѓу угостителите.

Order This -дигиталното мени ги елиминираат и грешките, недоразбирањата при креирање на нарачката. Во принцип грешките при нарачка продуцираат и голема загуба на храна. Всушност тие се главна причина за фрлање на големи количества на храната. Со примена на ваков софтвер, загубите во овој сегмент значително се намалуваат, да не речам дека се елиминираат, бидејќи нарачката е точно дефинирана, конкретна,  јасна и чиста и веќе го нема тој проблем.

НУК – мост меѓу нас и угостителите

Софтверот што го нудите, велите дека до сега не беше познат на овој простор. Како оди запознавањето на угостителите со Order This, презентацијата, поддршката?

-Сега има еден интересен момент. Воспоставивме соработка со Независната угостителска комора. Преку нив очекуваме контакт со многу поголем број на угостители и пред се можност да го презентираме Order This пред нивните членки. Ми се чини дека заедничкиот пристап кон угостителите би бил побрз.

Order this- дигитално мени за автоматизирани нарачки во ресторани.                                                                                                                                                    Системот OrderThis може да го користат сите видови угостителски објекти: кафулиња, барови, ресторани, но и хотели и други сместувачки капацитети кои служат храна и пијалаци. Системот може да се користи во целиот објект, како собна услуга во хотелите, бар на плажа или покрај базен, или пак во еден дел од објектот како на пример на летната тераса. Во исто време може да се креираат различни менија и понуди за различни делови од угостителскиот објект.

 

Практично, НУК ја гледаме како мост меѓу нас и угостителите. Тие се убедени дека ќе им понудат на нивните членки нешто што ќе им ја подобри работата ќе им помогне во бизнисот. И што е најважно софтверот апсолутно се вклопува во нивната кампања „Чисто и безбедно“.  Тоа беше во суштина и еден од мотиваторите, бидејќи ваков вид на софтвер е  особено важен и за Ковид периодот. Директната комуникација се сведува на минимум и се избегнува можноста за поголемо ширење на заразата во угостителските објекти. Практично келнерот нема потреба да стои до вашата маса и да чека 20-ина секунди да одлучите што ќе нарачате. Тој едноставно нема потреба да комуницира со гостинот, да ја чека неговата нарачка.

Патем со Комората договоривме и попусти за угостителите- членки, што верувам би довело до побрзо омасовување.

Значи „Чисто и безбедно“ ве измотивира да започнете соработка со НУК. Каков софтвер во основа им нудите, оној што го нудите во Холандија или ќе има некоја адаптација за нашите угостители?

– Софтверот што практично го нудиме како пакет, е еден од најсофистицираните во поглед на понудени опции. Самиот може лесно да се конфигурира- одредени делови да се користат, одредени не. Не мора да се преземе целиот, секој угостител индивидуално може да одлучи што сака да користи.

На пример, сопственикот на „Рустикана“ –  сметаше дека одредени делови од софтверот не им се потребни. Со тоа што ги елиминиравме тие делови, но побараа од нас да се воведе звучен сигнал кога пристигнува нарачката, затоа што не го гледаат често екранот. Сакаа да направат и мали промени во однос на сметката. Односно, да има најава за сметка, но да не се прикажува збирната сума на сметката. Бидејќи (и мене ми држи логика) може да се случи на една маса некој да нарача преку апликацијата, некој да додаде нешто директно на келнерот додека ги послужува. така што една е нарачката на апликацијата ( онлајн записот), а кога келнерот ќе ја донесе фискалната е друга (збир на онлајн и на дополнителните нарачки). И затоа збирната сметката се тргна од апликацијата.

Двомесечен пробен бесплатен период за членките на НУК

Како се движат софтверските пакети во Македонија- има ли некоја категоризација во однос на големината, капацитетот на угостителскиот објект? 

-Во Македонија имаме адаптација пред се на цените. Тие се пофер кон угостителите, се пониски. Нудиме три пакети во зависност од големината на ресторанот, односно од бројот на масите за кои ќе се користи. До 20 маси, од 20 до 40 и над 40 маси. Моментално овие се  понудите за домашните угостители и се движат од 50 до 100 евра месечно, со тоа што е вклучена целосна поддршка на системот за менито и за какви и да било проблеми.

Со тоа што, како што нагласив, со Комората се договоривме за нивните членки да има двомесечен пробен бесплатен период, бидејќи станува збор за релативно нов софтвер и факт е дека им треба време и на гостите и на келнерите да се навикнат. Секако оваа понуда е својствена само за македонскиот пазар.

Order This -дигитално мени апликацијата за нарачка во ресторанот е јавно изложена и секој гостин може да ја симне и да си нарача што сака без да го чека келнерот.

Имавте ли веќе презентација пред домашните угостители?

-Да. Разговаравме со неколку угостители и сум позитивно изненаден. Мојот впечаток беше дека угостителството е потрадиционален сектор во Македонија. Но бев изненаден од позитивниот пристап – многу го прифатија како бенефит за својот локал. Покажаа интерес. И веќе сме во преговори со неколку ресторани.

Планирате заедничка соработка со Независната угостителска комора околу обука на угостителите кои ќе го користат софтверот?

-НУК се прилично заинтересирани да им помогнат на своите членки- угостители да се навикнат на софтверот. Практично во локалот каде што е сместена Комората, планираме да наместиме тест локација неделава. И таму секој угостител може да дојде да го види софтверот, да го тестира. Од Комората можат да му објаснат, да го пренесат своето искуство со нас. Тоа ќе биде местото каде угостителите ќе можат да се запознаат со софтверот, да видат како функционира, да го тестираат.

Инаку, откако ќе се инсталира софтверот, тој е прилично лесен,едноставен за користење. Првиот ден сме и сами присутни. Но при имплементација им нудиме и обука на двајца вработени- соодветна обука на шефот на смена или менаџерот кои подоцна го пренесуваат на останатите вработени. Всушност секој нов келнер ќе го разбере за околу два часа. За полесно препознавање на нарачките користиме и бои – така што и визуелно е впечатлив и лесно пристапен за користење.

Кога се затвора сметката за одредена маса, гостите се исфрлени од системот

Колку е безбеден Order This -дигиталното мени. Колку ги заштитува угостителите од измами, од двојни нарачки?

Order This -дигиталното мени е сигурно и безбедно. Посебно внимание посветивме на безбедноста при неговото користење. Затоа кога келнерот ќе ја затвори сметката за одредена маса, гостите се исфрлени од системот.  А, не може да си го праќаат ниту линкот оти е инкриптиран. Оваа безбедносна алатка е со цел да се спречат нарачки од гости кои што го напуштиле локалот и слични други манипулации.

Ова  искуство го имаме од конкуренцијата во Холандија. Тие таму се сретнаа со вакви проблеми и затоа ние се потрудивме да дадеме поголем акцент на безбедноста, да се надминат проблемите.

Order This -дигитално мени, инаку  е многу флексибилен со бројни  опции за користење на повеќе јазици, за креирање на различни предлог – мени, со можност и дополнително да се видоизмени. Има опции за варијабилни дневни пакети за промена на цените поради различни промоции во одредени временски интервали, за одредени попусти… И тоа се средува по автоматизам.

Што очекувате, како ќе биде прифатен софтверот?

-Искрено, очекувам одличен фидбек. Очекувам брзо ширење во Македонија. Очекувам да го придвижиме угостителството во земјава напред, поблиску  до модерните текови во Западна Европа. Угостителите да го увидат бенефитот и да го искористат за себе.  Луѓето созреваат за ова, така што во август –септември би требало да има голем број на заинтересирани корисници за Order This.

Order This -дигитално мени е една современа услуга од која сите ќе бидат среќни. Угостителите ќе имаат побрза и ефектна понуда, а гостите ќе добијат подобра услуга од овој систем.

М. Балдазарска

 

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.