Има една песна од Арсен… „Загреб и ја се волимо тајно“. Сосем поинаков е „случајот“ на писателката, преведувачка, театролог… Јелена Лужина, која со Скопје се сака јавно.

Повеќе од три децении, оваа дубровчанка го живее скопскиот живот, активно учествувајќи во тоа културната сцена, а посебно театарот, да го добие заслужениот смисол во општествениот простор на оваа мала и напатена земја.

И, не дозволува скопската магла да се надвие над нејзините сеќавања. Хирушки прецизно, како хроничар на Градот, Јелена во своите „Скопски есеи“ (Арс Либрис – Арс Ламина публикации 2021), го живее животот со своите скопски пријатели, феномени на нашето време, на ова општество, кои само физички не се тука. Сите освен драмскиот писател Дејан Дуковски…

Но, тие живеат во нашите сеќавања, како што живее градот во кој некој се родил, некој починал, другиот се осмисли како личност, го освоил врвот и го допрел небото, ѕвездите… Некој, пак, заминал поразен, па се вратил како победник, или, пак повторно се обидел да си ја проба среќата…

Во секој случај, Скопје како феномен, како град Феникс, кој многу пати се кревал од пепелта, за да повторно воодушеви со својата едноставност, шарм, или, како би кажал Кундера – „леснотија на постоењето“, ретко кого оставал рамнодушен.

Да се разбереме – „овој“ град веќе не е „оној“ град. Но, моето Скопје е сеуште витално и живо, со светлата кои дофрлаат далеку. Тие рефлектори на мојата душа ги осветлуваат моите мисли и сеќавања, во кои сум и понатаму она мало дете, немиот посматрач на една шарена градска врвулица, кое, дојдено од провинција во градот на својот живот, оди да ја посети својата болна мајка.

И, без оглед што ништо веќе ништо не е исто, ниту градот, ниту мајка ми, која одамна ја нема меѓу живите, секој пат кога самоиницијативно и доброволно ќе се нурнам во себе, топло ми е околу срцето.

Тоа чувство ме држи и деновиве, додека ги исчитувам есеите за Скопје на Јелена Лужина.

Не случајно, Јелена како врвен наратор ја споделува својата љубов со градот и луѓето кои со своите души и дела го направиле уште подобар и поубав, сликајќи колоритна слика за Скопје (како Бранко Костовски на корицата на оваа прекрасна книга), кое, иако не е најубав град на светот, на нам, на кои нешто ни значи – многу ни значи.

Скопје, како инспирација, и во минатото и во сегашноста поттикнало многумина да пишуваат за него. Но, ретко што ме воодушеви како што ме воодушевија „Есеите“ на Лужина. Во последно време можеби само „Скопски легенди“ на Данило Коцевски и „Скопје, ти раскинувам“ на Тамара Јолевска Попов.

Но, она што ја прави оваа книга посебна и поинаква од другите е фактот дека не се работи за обична есеистика, туку за хроника на важни општествени личности и случувања во XX и почетокот на нашиот милениум. Затоа и во поднасловот стои: „Сказни за лица, персони и сенки“.

Уште од времето на енергичниот скопски градоначалник Јосиф Михајловиќ, последен кој го водел градот пред Втората светска војна, преку Нушиќ, испратен по задача „од горе“ да создаде театар, до театарскиот вулкан Љубиша Георгиевски, необичната „Дениција“ – Светлана Христова Јоциќ, па Нада Прличкова, која беше многу повеќе од „само сенка“ на единствениот Петре Прличков…

Навраќајќи се во нивните животи, дружењата и разговорите со нив, Лужина на читателот му создава целосна слика и хронологија на случувањата од тоа време, па тој, во занесот на приказната, како да е дел од истата.

Во кој жанр би ги поместиле овие интересни приказни? Тоа е и историја, и географија, и уметност, и литература…, не само „обична“ есеистика, ослободена, како што е ослободено Скопје во драмата на Душан Јовановиќ, од сите стеги и норми, паленачка пресметливост и малограѓанштина. Ова е напишано и звучи возвишено. Господски убаво, темелно и интересно.

Тоа се дневници, за едни времиња кои беа подобри, или подобри бевме ние, па денес, иако далечни, ни личат како да се случиле вчера.

Читајќи ги приказните на Лужина веќе замислувам и ја слушам звучната сказна за мојот град, а гласот што допира како да веќе го имам слушнато во бајките, кога бев дете. Такви се овие сказни.

И, сите тие ликови, сите тие луѓе, настани…, за кои сум слушал, на кои сум им се восхитувал, сум ги познавал, или срамежливо гледал…, како да се дел од мојот свет. Само мојот свет.

И – се едно е дали најголемиот феномен на македонскиот театар е единствениот Перица (Прличко), Горан Стефановски, Љубиша Георгиевски или Дејан Дуковски, за кого Јелена вели дека „еден од најуспешните македонски извозни продукти од уметноста“ – тие и понатаму се силни авторитети на кои и во иднина ќе се потпира возбудливата македонска театарска сцена. Во светот на нормалните вредности – големи амбасадори на животот.

Има многу биографија и автобиографија во овие есеи на Јелена Лужина, кои, логично завршуваат со куса приказна за нејзиниот животен сопатник Коле Чашуле, големиот македонски писател, публицист, револуционер, политичар и дипломат – како што објаснува Википедија. Нивниот живот беше исоплнет со мали нешта, кои му ја даваат смислата, топлината и убавината…

Како винилот на „Дневникот на една љубов“ на Јосипа Лисац, кој постојано може да свири на грамофонот, и оваа книга есеи за Скопје може да се препрочитува повеќепати. И, верувам дека секој пат ќе се најде детаљ кој Јелена успешно го скрила „на прва топка“, а кој самиот се појавува на второ, трето читање.

И добро е што е така.

Верувам дека во меморијата на оваа исклучителна писателка се врежани сеќавања барем за уште едно продолжување на есеите. Со ист жар и посветеност како овие сега. Со ист наратив, како што некогаш нејзиниот сограѓанин Марин Држиќ пишувал за Дундо Марое. И не само за него. И за Маро, и за Лаура, Петруњела…, но и за приликите со кои во 16-от век живеел Дубровник – град споменик.
Има нешто во тие ѕидини, тој воздух и таа вода. Мора да има…

Со нетрпение чекам да ги прочитам и „Пулските есеи“ на Лужина, објавени во 2019-та, која е една од нејзините 19 книги, распослани на 7.000 страници.

Јелена Лужина е родена пред 71 година, а безмалку половина од тоа време најмногу го помина во Скопје, правејќи многу за македонскиот театар и градејќи мостови кои ги поврзуваат Македонија и Хрватска.

Еден ден, една улица во Скопје треба да го носи нејзиното име.
Можеби улицата „8 март“, во која прво има стапнато кога за прв пат го посетила градот?!


Иван Беќковиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.