„Стартап херои”- од супер идеја до супер маркет, нов предизвик на ФИТР. Можност за малите стартап претпријатија за комерцијален пласман на нивниот производ

За прв пат во земјата, Фондот за иновации и технолошки развој започнува еден поинаков предизвик, насловен како „Стартап херои“. Ова е прв проект кој се спроведува во рамките на Програмата за корпоративна иновативност. Предизвикот се реализира во соработка со Тинекс, а поддржан е од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и „Фактор траст“, финансиско друштво за факторинг.

„Стартап херои“ на полиците во „Тнекс“

„Стартап херои“ е вистинска можност за малите стартап претпријатија кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман. Тие сега  можат да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба во маркетите на „Тинекс“.

Сите наградени производи  ќе се најдат на посебно обележани полици, на однапред дефинирани продажни локации на „Тинекс“. Воедно ќе добијат соодветна помош при изготвување на маркетинг кампања за промоција на производите. Соработката подразбира и вклучување на производите во интегрирана дигитална маркетинг комуникација на ланецот на маркети.

„Ги охрабрувам сите млади претприемачи кои веруваат дека нивниот производ заслужува вистинска шанса и комерцијален пласман, да аплицираат на предизвикот. Сигурен сум дека, ние како земја, имаме извондредни домашни производи, кои можат да се најдат на полиците низ маркетите, а сепак да ја задржат својата уникатност и препознатливост. Токму на овие креативци, заедно со нашите партнери „Тинекс“,  „Фактор траст“ и ИМЕ ќе им ја обезбедиме неопходната финансиска и техничка поддршка. Ќе им го олесниме пристапот до нови купувачи и нови пазари и ќе им понудиме решенија за нивните комерцијални предизвици.

Горди сме што за само два месеци од објавување на програмата за корпоративна иновативност, веќе го имаме првиот корпоративен партнер. Директорот на ФИТР, Коста Петров ги повика и останатите компании да им се приклучат за заеднички да ја трансформираат македонската стартап заедница.

И финансиска и менторска поддршка

Буџетот предвиден за овој предизвик изнесува седум милиони денари. Од нив ФИТР обезбедува шест а ИМЕ еден милион денари. Максимален износ по апликација е до 600. 000 денари. Дел од производите за кои компаниите ќе можат да побараат финансиска поддршка се: кондиторски производи, органска и здрава храна, алкохолни и безалкохолни (макс. 15%аlc.), основни прехрамбени продукти, конзервирани производи, козметички производи и итн.

„Горди сме што нашата компанија „Тинекс“ е дел од проектот „Стартап херои“.  Во соработка со ФИТР и Програмата за зголемување на пазарна вработливост отвораме можности за пласман на домашните иновативни производители. Оние, кои својата идеја ја претвориле во производ за кој постои потенцијал за успех на пазарот. Даваме поддршка на нашите „Стартап херои“ и веруваме дека преку вакви соработки го поттикнуваме развојот на стартап заедницата во земјата . А, отвораме и нови перспективи на корпоративното делување.“-  изјави Цветанка Христовска, бренд директор на „Тинекс“ МТ Дооел.

Според неа промоцијата на производите ќе трае една година што ќе придонесе за поголема продажба на производителите.

„Стартап херои”- од супер идеја до супер маркет

Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ се вклучува со поддршка во реализација на проектот „Стартап херои“. Преку програмата, освен финансиската поддршка од еден милион денари, дополнително ќе обезбеди и менторска поддршка за одбраните стартапи. Исто и стручни совети за финализација и зголемување на атрактивноста на нивните производи.

-Целта на оваа поддршка, како што посочи Горан Дамовски раководител на швајцарската програма ИМЕ, е одбраните стартапи да станат поуспешни добавувачи, да го подобрат процесот на работење и да понудат поатрактивни и поконкурентни производи во супермаркетите.“

Рокот за аплицирање на предизвикот „Стартап херои” е до 25.05.2021 година.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.