„Течно дрво“ -ново решение за прочистување на воздухот, e првиот фото-биореактор поставен на улицата „Македонска“ во Белград. Ова т.н.  „течно дрво“ за прочистување на воздухот беше замислено во Институтот за мултидисциплинарни истражувања на Србија. Иновацијата беше наградена како едно од најдобрите иновативни и климатски паметни решенија во рамките на проектот на Програмата за развој на Обединетите нации.

Зелениот аквариум, во самиот центар на градот, содржи шестотини литри вода што содржи алги. Тие го врзуваат јаглерод диоксидот и преку фотосинтезата го прочистуваат воздухот и произведуваат чист кислород. Воедно, овој објект е мултифункционален – направен е како клупа, полнач за мобилни телефони, а има и соларен панел, благодарение на кој се осветлува ноќе.

„Системот се потпира на високата ефикасност на микроалгите при изведување на процесот на фотосинтеза. Алгите се десет до педесет пати поефикасни од копнените растенија, што значи дека многу брзо го врзуваат јаглерод диоксидот. А таков систем од 600 литри култура заменува едно возрасно дрво или 200 квадратни метри трева“, објаснува д-р Иван Спасојевиќ, научен советник во Институтот за мултидисциплинарни истражувања.

Општина Стари град го поддржа проектот

„Нашата цел не е да ги замениме дрвјата, тоа треба да го знаат граѓаните. Ова е наменето за оние единици каде што не можеме да го направиме традиционалниот тип на уредување. Дека дрвото е закон и дека е на листата на приоритети на градската општина Стари град, покрај кејот на Дунав, говори и податокот дека во април годинава засадивме 34 возрасни липи и црвенолисни сливи во долниот дел на Дорчол. нагласува Бојан Бојиќ од општина Стари град.

Инаку, за ново решение за прочистување на воздухот „течно дрво“ се користат едноклеточни слатководни алги, кои растат во бари и езера во Србија и се отпорни и на високи и на ниски температури. Па затоа нивното одржување не бара посебни мерки за одржување.

Практично, како што објаснува Спасојевиќ  доволно  е еднаш месечно да се заменат деведесет проценти од водата. Потоа, се собира биомасата што можете да се користи како биоѓубриво за зелените површини. Постапката пордолжува со налевање на нова вода и некои основни минерали, што е многу едноставно и евтино решение. И алгите продолжуваат да растат“, детално објаснува Спасојевиќ.

Според експертите, комбинирањето знаења од различни области е клучно за решавање на еколошките проблеми. Преку ваквите мали иновации, можеме, додаваат, постепено да ја менуваме, не само животната средина, туку и свеста на луѓето за важноста на екологијата и науката.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.